/ Прочитано:

1.670

За справување со енергетската сиромаштија експертите предлагаат низа мерки

Мерките за справување со енергетската сиромаштија се: мерки за енергетска ефикасност, планирање на социјалното домување и на енергетската инфраструктура, државни субвенции за најсиромашните граѓани (најдобро ако се смета за привремена мерка), употреба на обновливи извори за греење и зголемување на свеста и едукацијата (насочена кон ранливите потрошувачи), како и намалување на загубите на енергија при трансформација и пренос.

Неможноста за обезбедување на соодветно греење во домот и немањето пристап до други основни енергетски услуги по разумна цена, проблемот на покривање на дневните потреби: топла вода, осветлување, греење, ладење, подготовка на храна или недостиг од средства за покривање на трошоците за енергетски услуги, се проблеми со кои се дефинира поимот енергетска сиромаштија. Тоа е состојба во која домаќинствата живеат во несоодветно затоплени домови, што значи дека просечната дневна температура во домот е пониска од биолошката граница од 21°C, неопходна за удобност и здравје.

На тема „Што претставува енергетската сиромаштија – дефиниција и препораки за нејзино намалување“, денеска се дискутираше на тркалезната маса што ја организираше Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ. Мерките за справување со енергетската сиромаштија се: мерки за енергетска ефикасност, планирање на социјалното домување и на енергетската инфраструктура, државни субвенции за најсиромашните граѓани (најдобро ако се смета за привремена мерка), употреба на обновливи извори за греење и зголемување на свеста и едукацијата (насочена кон ранливите потрошувачи), како и намалување на загубите на енергија при трансформација и пренос.

Професорот Константин Димитров вели дека помошта што се дава од страна на институциите за намалување на енергетската сиромаштија помагаат само моментално, но доколку се преземат мерки за подобрување на енергетската ефикасност на становите или со купување домашни апарати со висока категорија на енергетска ефикасност нема да има потреба од какви било субвенции. Професорот потенцираше дека институциите кај нас имаат кадар и ресурси да ги спроведат мерките за енергетска ефикасност кои водат кон помала енергетска сиромаштија, само треба да се оствари соработка меѓу институциите и да се донесат нормативи од кои ќе произлезе програма со која на најсиромашните семејства ќе им се подобри стандардот на живеење.

Жарко Илиевски, проектен координатор во МАЦЕФ, вели дека од досегашните истражувања е утврдено дека енергетската сиромаштија во Македонија најмногу се гледа и преку фактот дека најголемиот дел од домаќинствата загреваат само една просторија.

„Според статистиките во Македонија, 76 проценти од домаќинствата се греат на огревно дрво и загреваат најмногу  од 16 до 20 метри квадратни од станбениот простор. Токму тој тип на енергетска сиромаштија е најзастапен во земјава и затоа е потребно да се дејствува во таа насока“, рече Илиевски.

За жал, како што укажуваат експертите, енергетската сиромаштија со себе повлекува нелегални активности или народски кажано – крадење струја. Од ЕВН велат дека ова е долгогодишен проблем во Македонија.

Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН вели дека не може стриктно да се определи каде во земјава има најмногу крадење струја.

„Индиции за такви дејствија постојат онаму каде што имаме отпор од населението при реконструкција на дистрибутивната мрежа или при дислокација на мерните уреди на граница на имот. Само таму имаме сомнежи дека постои можност за нелегално користење на електричната енергија. Другото го откриваме со методите на следење, односно користејќи најсовремена опрема за откривање и манипулирање на приклучоците каде што корисниците крадат електрична енергија“, потенцира Ковачевски.

Инаку, во споредба со изминатите години, Ковачевски вели дека мерките што ги презема ЕВН како компанија, со поддршка од Министерството за внатрешни работи, но и зголемената свест на населението, придонесуваат кражбите да имаат тенденција на опаѓање.

„Кражбите на електрична енергија предизвикуваат штети не само за компанијата, туку најголемите штети ги трпат дистрибутивната мрежа и сите корисници кои се во близина на кражбите. Падот на напонот и честите прекини се главните манифестации на местата каде што има кражби. ЕВН Македонија ја има димензионирано мрежата да издржи најголеми оптоварувања при екстремно ниски температури, но не можат да се предвидат кражбите што создаваат проблеми најмногу во зимскиот период. Ова е така бидејќи крадците на електрична енергија трошат и многу повеќе од тоа што реално им треба“, вели Ковачевски.

ЕВН Македонија апелира и до надлежните институции, но и до сите корисници за да се идентификуваат луѓето кои крадат струја и со нив да се постапи според законските прописи.  

„Секое броило можеме да го споредиме со црната кутија во авионите. Значи, се регистрира буквално сè, секое дејствие на броилото и секое нелегално дејство. Затоа сега многу полесно се откриваат кражбите. Само е прашање на време кога ќе биде откриена една кражба. Казните се во согласност со Кривичниот законик на РМ, предвидени во членот 235-а, каде што како кривично дело е предвидено крадењето електрична енергија, топлинска енергија или природен гас, односно: ‘Тој што со приклучување без согласност на соодветниот оператор на системот, со преземање пред уред за мерење, со отстранување, онеспособување, премостување, промени и слично ракување со уред за мерење или на друг начин неовластено ќе користи електрична енергија, топлинска енергија или природен гас, со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе се казни со затвор до три години и со парична казна. Ако вредноста на украдената електрична енергија, топлинска енергија или природен гас е поголема, сторителот ќе се казни со затвор до пет години’“, појаснува Ковачевски.

А. Б.