/ Прочитано:

4.682

ЗА УЛОГАТА НА АДВОКАТИТЕ ВО ПОСТАПКАТА ЗА МЕДИЈАЦИЈА: Интервју со адвокатот Јане Илијески

Кога станува збор за постапката за медијација, предностите од ангажирањето адвокат се изразени преку неговата улога на конструктивен учесник во постапката, кој на својот клиент јасно треба да му ја претстави состојбата на работите од правна гледна точка, како и активно да учествува во процесот на предлагање и изнаоѓање на објективни решенија за разрешување на спорниот однос, вели за Академик адвокатот Јане Илијески од Адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“, кој ќе биде предавач на обуката во организација на Академик посветена на медијацијата во стопанските спорови, која ќе се одржи на 31 јануари, во хотелот „Солун“, со почеток во 10:00 часот.

akad 4

Адвокате Илијески, каква е улогата на адвокатите во постапката на медијација?

Улогата на адвокатите во постапката за медијација претставува комбинација на традиционалната улога на адвокатот со вештини и активности кои се тесно поврзани со принципите и карактеристиките на медијацијата како процес за решавање на спорови по мирен пат. Во оваа насока, може да се каже дека улогата на адвокатот во постапката за медијација е значајно проширена во насока на негова активна инволвираност во процесот на преговори помеѓу страните, предлагање на заеднички прифатливи решенија и начини за разрешување на спорот по мирен пат, презентирање на предностите и недостатоците на постапката за медијација пред клиентот и охрабрување на клиентот да дојде до прифатливо решение со другата страна.

Во Република Македонија улогата на адвокатите во овој тип постапки особено доаѓа до израз по отпочнувањето на примената на измените на Законот за парничната постапка кои предвидуваат задолжително спроведување на постапка за медијација во стопански спорови со вредност до 1.000.000,00 денари. Претходното законско решение, кое за овие постапки предвидуваше исклучиво доброволна медијација, беше проследено со пракса на ретко и колебливо пристапување на странките кон обид за решавање на споровите по мирен пат и воедно со слаб ангажман на адвокатите во постапки за медијација.

Кои се предностите од ангажирањето адвокат во постапките на медијација?

Ангажирањето на професионалец во која било правна постапка по правило доведува до олеснување и до забрзување на целокупниот процес, што е еден од основните интереси на клиентите.

Кога станува збор за постапката за медијација, предностите од ангажирањето адвокат се изразени преку неговата улога на конструктивен учесник во постапката, кој на својот клиент јасно треба да му ја претстави состојбата на работите од правна гледна точка, како и активно да учествува во процесот на предлагање и изнаоѓање на објективни решенија за разрешување на спорниот однос. Со ова доаѓа до олеснување на целокупниот процес за самиот клиент, кој има можност преку ефикасна постапка да дојде до решение кое соодветно ќе ги заштити неговите интереси. Друга значајна предност е тоа што адвокатот во постапката за медијација детално се запознава со околностите на случајот, па е веќе подготвен за евентуална судска постапка која би следувала во ситуација на неуспешна постапка за медијација.

Во однос на трошоците за ангажирање адвокат во постапката на медијација, би рекол дека тие се минимални доколку се направи споредба со трошоците што ги генерираат долготрајните судски процеси.

Колку е важна доверливоста во процесот на медијација?

Начелата на доверливост и исклучување на јавноста во медијацијата се општоприфатени начела на постапките од овој тип и се присутни како во законодавството на Република Македонија така и во голем број други национални законодавства.

Доверливоста во процесот на медијација е особено важна затоа што им дава можност на странките да ги разрешат спорните односи без какво било инволвирање на надворешни лица во постапката, со што се избегнува распространување на информации во врска со процесот и околностите на случајот во јавноста и медиумите. Една од најголемите предности на принципот на доверливост е тоа што преку решавање на односот надвор од фокусот на јавноста и на трети лица, во голема мера се редуцира откривањето на чувствителни деловни информации и се минимизира потенцијалното влијание на околностите на случајот на угледот на инволвираните страни и генерално на нивното деловно работење.

Во однос на обврската на адвокатите за чување на професионална тајна во постапката, би укажал дека таа произлегува пред сè од Кодексот на професионалната етика на адвокатите, а дополнително e потенцирана и проширена со законските решенија за доверливост на постапката содржани во Законот за медијација.

Според вашето мислење, која е предноста на алтернативните вонсудски постапки, особено од аспект на деловните субјекти?

Алтернативното решавање спорови има низа предности и недостатоци кои најчесто варираат во зависност од типот на процесот кој го избрале страните и од самите околности на случајот.

Кога станува збор за медијацијата, како најзначајни предности би ги истакнал економичноста и ефикасноста на постапката, доверливоста на процесот и тоа што странките не трошат толкава енергија како при стандардните судски постапки итн. Истовремено, странките во постапката за медијација имаат поголема контрола врз целокупниот процес и исходот на постапката, како и флексибилност да дојдат до решенија кои многу потешко би се постигнале во услови на започната судска постапка.

За разлика од судските постапки каде што најчесто постојат победници и губитници, во постапките за медијација целта е двете страни да излезат како победници преку изнаоѓање на заеднички прифатливо решение. Ова е особено важно во ситуации на спорови настанати помеѓу субјекти кои имаат континуирана деловна соработка бидејќи кај нив се создава поттик и по разрешувањето на спорните односи да продолжат да соработуваат со истата динамика.

Од друга страна, сè уште малиот процент на успешно завршени постапки за медијација укажува на тоа дека медијацијата не е воопшто лесен процес, а патот до заеднички прифатливо решение претпоставува вложување на силни напори, волја за постигнување на спогодба и отстапки од секоја од страните.

Честопати странките поаѓаат од принципот „сè или ништо”, цврсто остануваат на своите почетни позиции и следствено не постигнуваат успех во постапката за решавање на спорот по мирен пат. Ова е особено истакнато во постапките за задолжителна медијација во стопанските спорови, каде што странките во одредени случаи медијацијата ја сметаат за дополнителен товар.

Што ќе биде предмет на вашето предавање на обуката во организација на Академик посветена на медијацијата во стопанските спорови?

Излагањето на обуката ќе опфати повеќе прашања, пред сè поврзани со улогата на адвокатите во постапката за медијација.

Најпрво, ќе бидат разгледани неколку теоретски прашања во врска со принципите на медијацијата кои се тесно поврзани со адвокатите и адвокатската професија, како и предностите од ангажирањето на адвокат во една ваква постапка. Понатаму, ќе следува презентација на улогата на адвокатот во различните фази и моменти од постапката, како што се: иницирањето/прифаќањето на постапка за медијација, подготовката за средби со медијаторот и претставниците на спротивната страна, неговата улога на самите средби и во процесот на изнаоѓање прифатливо решение, во моментот на завршување на постапката, како и во периодот што следува потоа. Предмет на излагање ќе бидат и карактеристиките на процесот на комуникација на адвокатот со клиентот и со останатите субјекти инволвирани во постапката, а во последниот дел од обуката ќе биде отворена дискусија во врска со досегашните искуства од практичната примена на Законот за медијација и особено новото законско решение за задолжителна медијација во стопанските спорови со вредност до 1.000.000,00 денари.

Академик организира обука за медијација во стопанските спорови

akademik@akademik.mk