/ Прочитано:

902

За успешен изборен процес и квалитетна законска рамка потребни се волја и знаење

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше советување за измените во Изборниот законик за судии од Вишиот управен суд и од Управниот суд, за претставници од Државната изборна комисија, од Државната комисија за спречување корупција, од Државниот завод за ревизија и од граѓанската асоцијација „МОСТ“.

akad 2

Излагачи беа професорките Тања Каракамишева и Гордана Силјановска-Давкова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и судијката од Вишиот управен суд Загорка Тноковска.

Во фокусот на обуката беа измените на Изборниот законик и нивното влијание врз квалитетот на изборниот систем во Република Македонија, соопшти Академијата за судии и јавни обвинители.
Каракамишева ги истакна препораките од Венецијанската комисија и препораките на ОБСЕ/ОДИХР и укажа на потребата да се следат европските изборни стандардни, да се имплементираат во нашиот систем, но во согласност со националните законски акти и со уставните одредби кои ја регулираат оваа материја.

akademik foto 1

Зборуваше и за еднаквоста при остварувањето на избирачкото право, пред сè, ставајќи акцент на гласачите од дијаспората кои се во нерамноправна положба, имајќи ги предвид оддалеченоста и трошоците кои произлегуваат од остварување на нивното гласачко право во нивните живеалишта во странство. Каракамишева предложи јавноста дополнително да се информира за изборниот процес, покрај објавите на веб-страницата на ДИК, а објавите да бидат и на јазиците на заедниците, не само на македонски и на албански јазик.

akademik foto 1
Професорката Гордана Силјановска-Давкова ги поздрави како позитивни препораките од Венецијанската комисија и од ОБСЕ/ОДИХР и укажа на фактот дека за спроведување на успешен изборен процес и за постоење на квалитетна законска рамка потребни се волја, знаење и спремност на сите субјекти вклучени во оваа материја. Како исчекор напред, а како последица на последните измени во Изборниот законик, професорката ги истакна евиденцијата со фотографија во Избирачкиот список, барањето на квартален извештај од Министерството за внатрешни работи во врска со новоиздадените биометриски документи, вклучување на помалку застапениот пол со 40 %.

Јавните дебати, според неа, треба да бидат организирани од јавниот сервис, наместо од приватните телевизии, и секоја од партиите треба да има еднакво право на рекламирање, без оглед на нивната големина.

akademik foto 1

Судијката Загорка Тноковска, од Вишиот управен суд, детално ја презентираше процесната страна на целокупниот изборен процес, ставајќи акцент на надлежноста на Управниот суд и Вишиот управен суд во поглед на евиденција на избирачкото право, финансирањето на изборниот процес, а особено на нивната надлежност во заштита на гласачкото право. Таа стави посебен акцент на ефикасната и навремена судска заштита преку јавно објавување на своите одлуки секогаш кога за тоа ќе се јави потреба.

ГЕРМАНСКИ И ЧЕШКИ ИСКУСТВА ЗА СУДСКОТО ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ: Управните судии на советување за изборното законодавство

М.В