/ Прочитано:

3.619

„За успешна бизнис-клима во областа на геодезијата потребни се одговорни инвеститори и компетентни геодетски фирми“ – архитект МАРИН ТОДОРОВ

Oд големо значење за брза имплементација на инфраструктурниот катастар и за развојот на бизнис-климата во областа на геодезијата се сериозните и одговорни инвеститори. Во Република Македонија има сериозни инвеститори што бараат професионална и одговорна работа на геодетските фирми што би ги задоволиле потребите и барањата на самите инвеститори. Една стара кинеска поговорка вели: ако сакаш да успееш за една година, посеј жито, ако сакаш да успееш за десет години, посеј дрва, но ако сакаш да успееш за цел живот, едуцирај луѓе, вели во интервјуто за Академик, архитектот Марин Тодоров од фирмата за геодетски работи ГЕОДЕТ ДООЕЛ, која го изработи првиот елаборат за геодетски работи за посебни намени за утврдена фактичката состојба за легализација на инфраструктурни објекти (оптички кабел). 

Што е инфраструктурен катастар и кој е неговиот опфат на работа?

Катастарот на инфраструктурни објекти претставува дел од катастарот на недвижности што се занимава со востановување и со одржување на сите видови инфраструктурни објекти.

Инфраструктурните објекти се дел од градба или посебна градба што овозможува некоја услуга. Инфраструктурните објекти се постојаните и планираните подземни, површински и надземни инсталации и градби од областа на сообраќајот (копнен, воден и воздушен), подземна или надземна инсталација (вод) и електронски комуникациски средства со сите нивни придружни инсталации. Во практиката е потребно да ги распознаваме инфраструктурните објекти и да ги идентификуваме затоа што секој од нив е од различен карактер и има различна употреба, затоа се поделени на основни класификации и секоја од основните класификации има типови поткласификации пропишани според Правилникот за премер на недвижности донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар  на недвижности.

Какво е законодавството во овој дел, односно со кои прописи се уредуваат обврските?

Уредувањето и управувањето со Геодетско–катастарскиот информационен систем, одржувањето на катастарот на недвижности, востановувањето и одржувањето на катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, надзорот над работењето на трговците-поединци овластени геодети и на трговските друштва за геодетски работи, како и статусот, организацијата, работењето и надлежноста на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) е утврдено со Законот за катастар на недвижности.

АКН има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон, сѐ со цел да ги задоволи основните законски принципи на стручност, ефикасност, транспарентност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и за постигнатите резултати. АКН освен што е законски задолжена да врши надзор на работењето на трговците-поединци овластени геодети и на трговските друштва за геодетски работи, исто така е задолжена и за вршење стручни, иновативни професионални обуки на начинот на работењето на геодетските теренски и канцелариски работи дефинирани во согласност со правилници донесени од Управниот одбор на АКН.

Начинот на извршување на премерот на инфраструктурните објекти во функција на востановување и одржување на инфраструктурниот катастар како дел од катастарот на недвижности, како и формата и содржината на геодетските елаборати од извршениот премер е пропишано со Правилник за премер на недвижности донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Начинот на обработка, обликувањето и визуелизацијата на плановите на инфраструктурните објекти се пропишани со Правилник за катастарски планови и планови за инфраструктурни објекти донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Начинот на запишување на инфраструктурните објекти, начинот на запишување промени на инфраструктурните објекти во катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, формата и содржината на образецот на пријавата за запишување на инфраструктурен објект, потврдата за прием на пријавата, потврдата за запишување, потврдата за одбивање и известувањето за евидентирање на инфраструктурните објекти се пропишани со Правилник за запишување на инфраструктурните објекти донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Во согласност со Законот за катастар на недвижности имателите на инфраструктурни објекти се должни најдоцна до 24 април 2016 година до АКН да достават пријави за запишување/евидентирање на 40% од инфраструктурните објекти со кои располагаат, а до 24 април 2018 година за преостанатите 60%. Постапката ќе ја започнат така што ќе достават пријави за запишување и податоци за објектите во форма на геодетски елаборат изработен од приватна геодетска фирма на начин и во форма кои се пропишана од АКН.

Глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице како носител на право, односно како имател на инфраструктурниот објект ако не достави пријави за запишување, евидентирање на инфраструктурните објекти во рокот пропишан во овој закон.

Каква цел се постигнува со запишувањето на јавната инфраструктура во Македонија?

Запишувањето на јавната инфраструктура (ЈИ) во Македонија во изминатите неколку децении беше оставено на индивидуалниот сопственик или на операторот на ЈИ, што резултираше во нееднакво и слабо управување со податоците. Податоците што ги поседуваат сопствениците на инфраструктурни објекти не се стандардизирани, се наоѓаат на различни локации, претежно се неточни и затоа се тешко достапни за сите корисници. Направени се доста испитувања на фактичката состојба на инфраструктурните објекти во Република Македонија и како резултат на тоа утврдено е дека во Македонија постојат различни инфраструктурни даватели на услуги од сообраќајната, енергетската, канализационата, водоводната, електро-комуникациската и другите видови инфраструктура. Тие се во јавна или во приватна сопственост, некои од инфраструктурните претпријатија имаат свои бази на податоци, но тие се во различни формати и форми. Само неколку инфраструктурни претпријатија имаат свои ГИС-системи кои се користат во рамките на нивните деловни процеси. Инфраструктурните податоци што ги користат општините и државата се неорганизирани или не се групирани и во многу наврати се несоодветно ажурирани. Не постојат единствени стандарди за собирање на податоците и за одржување на податоците на национално ниво. Различните информациони системи, вклучувајќи ги и инфраструктурните податоци, не се координирани и немаат заеднички концепт, т.е. распространувањето на инфраструктурните податоци е целосно во рацете на секој сопственик на ЈИ или на инфраструктурните компании. Потребата од квалитетни и ажурирани податоци за ЈИ на сите нивоа е навистина голема. Податоците што се собираат на едно место и што се лесно и брзо достапни за сите корисници се навистина многу важни, посебно за рационализација на сите процеси во повеќе области. Оттука се јавува и идејата да се создаде институција што би го координирала запишувањето на јавната инфраструктура.

Како најкомпетентна институција во државата што го координира запишувањето на целата подземна и надземна инфраструктура е назначена Агенцијата за катастар на недвижности, поддржана со легислатива на национално ниво. Процесот на недвижности во Република Македонија е во најголем дел развиен и поддржан во АКН, вклучувајќи ги и имотните функционалности, така што АКН со системот „е-кат“ е логичен избор и единствената опција за успешно воспоставување на инфраструктурниот катастар. АКН е многу важен играч во Македонија бидејќи е одговорна за координирање на управувањето со евиденцијата на недвижниот имот. Главниот приоритет во областа на недвижностите со сигурност го има катастарот на земјиште и недвижности, но инфраструктурниот катастар како дел од катастарот на недвижности ќе биде исто така многу важна област во иднина. Од причина што АКН е организацијата одговорна за инфраструктурниот катастар на национално ниво, мора да биде имплементирана новата интерна организациона структура.

На кој начин АКН би ги консолидирала огромниот број податоци и на кој начин инфраструктурниот катастар би работел со објективна безбедност и точност?

АКН прерасна во централна институција која е одговорна за имплементација на инфраструктурниот катастар и создаде стандарди за запишување во инфраструктурниот катастар, кои треба да се применуваат од страна и на другите институции. Сѐ со цел да ги задоволи потребите на своите корисници, АКН воспостави централна база на податоци на инфраструктурниот катастар, со што е овозможено координирање на различни проекти на национално ниво. Инфраструктурниот катастар нема да може да се управува без ефикасна и интегрирана ИТ инфраструктура на национално ниво, затоа се развиени технички ИТ услови за чување на податоци поврзани како со правните аспекти така и со географската локација на инфраструктурата. Инфраструктурниот катастар е база на недвижни податоци преку која ќе се управува со неколку видови инфраструктури и со сродни информации, кои ќе бидат прикажани алфанумерички и графички. Информациониот систем се имплементира од страна на АКН и е поврзан со други системи за недвижностите во АКН (системот „е-кат шалтер“). Системот обезбедува база на податоци и ги поддржува бизнис процесите што се спроведуваат во инфраструктурниот катастар. Системот исто така ја поддржува реализацијата на различните услуги засновани на инфраструктурниот катастар. Стандардизираната размена на информации, поврзани со точната локација на инфраструктурата, е можна само ако сите засегнати страни ја користат истата основна структура , затоа за регистрација на инфраструктурни објекти како правна сопственост се користи општоприфатената географска структура на АКН – гео-порталот на страницата www.katastar.gov.mk, што во комбинација со катастарскиот план со информации за сопственост на земјиштето прават една национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП). Во Македонија некои инфраструктурни компании веќе ги чуваат своите податоци за географската локација во централна база на податоци, други инфраструктурни претпријатија или општини, пак, имаат свои технички услови, но законски целата инфраструктура треба да се внесе во една централна база на податоци во која сите податоци поврзани со географската локација и со правна сопственост ќе се чуваат и ќе се дистрибуираат. Од големо значење е користењето на гео–порталот на АКН како основа, така што сите информации може да бидат споредливи и може да се наслојуваат едни врз други за гледање од страна на корисникот на информациите. Во инфраструктурниот катастар се вршат редовни меѓуинституционални процеси за одржување на податоците, т.е. повеќе институции се вклучени во процесот на востановувањето и одржувањето на инфраструктурните објекти. Процесот се иницира од страна на сопственикот на инфраструктурниот објект и е поддржан од геодетска компанија и нотар, за потоа да биде ревидиран од супервизор (надзорник) со посебно овластување за ревизија на таков вид објекти, и конечно ако ги задоволува сите правни и технички параметри, да биде внесен во системот од страна на АКН. Сопственикот е должен да ја запише инфраструктурата во инфраструктурниот катастар и заедно со геодетската компанија и нотарот одговорен е за точноста на податоците за инфраструктурата. Запишувањето се базира на геодетскиот елаборат кој е изготвен од страна на приватна геодетска фирма и таа е одговорна за точноста на локацијата и форматот на размена со сите потребни атрибути, додека, пак, нотарот е одговорен за правниот дел. Основните податоци за елементите на инфраструктурата се подготвени од страна на сопственикот. АКН го ревидира елаборатот и го потврдува или го одбива. Ако го одбие, елаборатот се враќа назад на корекција, т.е. менаџер на целиот процес е АКН. Имплементацијата на инфраструктурниот катастар претставува сложен, долгорочен и амбициозен процес што се состои од неколку аспекти со кои треба да се управува. Комплексноста е поради вклучувањето на различни актери и институции со неколку различни заднини, различни политики и статуси (јавни, приватни лица). Нивото на развој на институциите и квалитетот на податоците од институциите многу варира и самото управување со различните актери ќе биде голем предизвик.

Од што зависи успешноста на имплементацијата на инфраструктурните објекти во инфраструктурниот катастар?

Знаете како се вели, за љубов и за кавга се потребни двајца, додека за да се имплементира висококвалитетен инфраструктурен катастар на национално ниво се потребни голем број целни групи што ќе придонесат за подобра имплементација на самиот катастар. АКН како институција одговорна за инфраструктурниот катастар активно ќе соработува со организациите-учеснички во процесот на имплементација. Содржината на инфраструктурниот катастар вклучува голем број целни групи, од јавната администрација до крајните корисници, поради што е логично да се вклучат во процесот на имплементација и други учеснички субјекти, како што се општините, кои се најчесто сопственици на јавната комунална инфраструктура, државните органи, кои се поврзани со јавната инфраструктура, економските здруженија (геодетски фирми, нотари), кои ги претставуваат интересите на компаниите во областа на јавната инфраструктура и други професионални здруженија поврзани со јавната инфраструктура. Сите организации мора да бидат информирани за своите улоги во процесот на имплементација и тој да се презентира и пред нив. Успехот ќе дојде само со добра и одговорна соработка од сите горенаведени организации, што ќе придонесе кон поефикасно управување со јавната инфраструктура на национално и на локално ниво со цел да се обезбеди поефикасен просторен развој.

Кои се придобивките на корисниците од имплементацијата на инфраструктурниот катастар во Република Македонија?

Пред да се направат првите чекори за имплементација на инфраструктурниот катастар во Република Македонија, АКН направи повеќе подготвителни студии и инвестициски анализи, со што јасно се дефинираа основните факти за придонесот на инфраструктурниот катастар за развој на бизнис-климата во Македонија. Корисници на податоци од инфраструктурниот катастар се општините, министерствата и другите субјекти од јавниот сектор, приватниот сектор, граѓаните на Македонија, т.е. сите актери што на еден или на друг начин се вклучени во пазарот на недвижности во Република Македонија. Воспоставувањето на инфраструктурниот катастар ќе биде основа за услугите што ќе бидат обезбедени од страна на АКН. Услугите ќе бидат од различен тип, и тоа од преглед на податоци, издавање на имотен лист, различни анализи за интегрирана поддршка на различни инвеститори во Република Македонија. Со извршување на услугите ќе се добијат придобивките од самиот систем. Директните бенефиции ќе се рефлектираат во приходите на АКН и тие ќе бидат извор на средства за дополнителни активности за развој и за одржување на системот. Индиректните бенефиции ќе бидат многу поопширни и поголеми. Тие бенефиции ќе се рефлектираат во заштеди на различни нивоа (јавноста, компании, општини и други институции, државата). Инфраструктурниот катастар во Република Македонија е специфичен поради неговите врски со системот „е-кат“ и поради дефинирањето и запишувањето на сопственоста на инфраструктурата во инфраструктурниот катастар. Со тие атрибути инфраструктурниот катастар во Македонија ќе стане еден од првите катастари во светот кој ќе овозможува постоење на официјален сертификат за сопственост (имотен лист) и кој ќе овозможува запишување на хипотеки на инфраструктурните објекти/водови. Со воспоставувањето на ефикасен систем на управување со јавната сервисна инфраструктура може да се остварат многу придобивки. Со примената на овој систем вработените државни службеници, кои се одговорни за ЈИ, може да добијат подобар преглед на инфраструктурата: локација, капацитети, вредност на објектите, со кои раководат во текот на работата. Како дополнување, вработените ќе знаат точно каде се наоѓа инфраструктурата и во каква состојба е, а ќе имаат и можност за попрецизно планирање на натамошниот развој на инфраструктурата, со што би се обезбедило поефикасно управување со јавната инфраструктура. Деталниот преглед на инфраструктурата и нејзината работа ќе им овозможи на операторите да знаат на која инфраструктура ѝ е потребна реконструкција и кои делови не функционираат оптимално. Како резултат на тоа, тие ќе можат да направат соодветни планови за решавање на проблемите и поради тоа трошоците за одржување ќе бидат пониски. Управувањето со соодветен информациски систем ќе ги намали и трошоците за чување податоци, ќе овозможи полесен преглед, а особено ќе го намали времето за одговори/реакции на вработените. На крај, ќе има потранспарентно користење на јавните ресурси затоа што ќе биде можно да се добијат сите потребни информации поврзани со имплементацијата на градењето и одржувањето на инвестициите на едно место. Со јавниот пристап до информатичките бази на податоци на АКН поединецот ќе може точно да види каде се наоѓа секој вид јавна инфраструктура, така што ќе може да се носат поефективни одлуки затоа што трошоците за добивање податоци ќе бидат помали, дополнително ќе има и намалување на несигурноста при носење на некои одлуки, намалување на несигурноста поврзана со оние што одлучуваат. Поединците ќе добијат квалитетни информации на едно место, со што ќе се заштедат трошоци за добивање информации. Поради подобрите одлуки, кои ќе ги донесат претставници на приватниот сектор, се очекува да се намалат нивните оперативни трошоци, па ќе има зголемување во додадената вредност на производите, со што тие ќе станат поконкурентни и тоа ќе доведе до создавање нови работни места. Во следните чекори ќе биде овозможено да се зголеми поврзаноста на системот на јавна инфраструктура со други области на јавна администрација, како заштита на животната средина, подготовка на просторното планирање за разни мерки за интервенции. Владеењето на добро управување налага да се земат предвид природните услови при планирање на секакви активности затоа што е можно да се избегне несоодветно планирање на населените места и на другата инфраструктура на овој начин. Спроведувањето на проектите ќе придонесе кон создавање нови проекти кои ќе се извршуваат само во ситуација на квалитетен информациски систем на јавна инфраструктура. Ваквите проекти ќе бидат сосема теоретски или практично корисни. Нивните резултати ќе ги користат различни целни групи на јавна администрација за физички и правни лица. Услугите на АКН ќе се развиваат врз основа на потребите на корисниците со цел да се задоволат тие потреби и да се добијат очекуваните бенефиции за сите учесници. Услугите треба да ги создадат квалитетот, интегритетот и додадената вредност за корисниците.

Која е стратешката цел на инфраструктурниот катастар со примената на овие прописи и новитети?

Визијата на инфраструктурниот катастар е да опфаќа повеќе од 95% од сите инфраструктурни објекти во наредните 10 години, а со тоа ќе се создадат големи заштеди на различни нивоа (државно, општинско, приватно, јавно, граѓанско), поради помалиот број штети на инфраструктурните објекти/водови и ќе се зголеми обемот на инвестиции поради поголемата можност за подигнување кредити (запишување на хипотеки) од страна на сопствениците на инфраструктурните објекти. Визијата на АКН како главна институција што ги координира главните активности во процесот на имплементација и одржувањето на податоците е да остварува приходи од услугите на инфраструктурниот катастар и од процесот на неговата имплементација и неговото одржување. Стратешките цели што треба да ги овозможи новоимплементираниот инфраструктурен катастар е поголема прегледност на податоците за инфраструктурните објекти, планирање на просторот за инфраструктура и идни инвестиции во инфраструктурата, уредување на односите меѓу сопствениците на земјиштето, ќе се олесни постапката за добивање одобрение за градба и ќе се овозможи поефикасна реализација на идните инвестиции, што ќе придонесе за развој на пазарот на хипотеки. Ќе се овозможи да се заснова право на сопственост врз подземната инфраструктура, која ја поседуваат определени субјекти, и тие ќе може да добијат имотен лист за сопственоста. Овој проект е од исклучителна важност за граѓаните и за компаниите. Ќе се зголеми вредноста на компаниите и можностите за располагање со инфраструктурата во правниот и економскиот промет. При градењето ќе се знае каква инфраструктура има на теренот за подземните градби и ќе може да се утврди нивната точна местоположба. За инвеститорите ќе значи точна информација при планирањето, безбедност при градба, помали трошоци. Одобрение за градба ќе може да се издава побрзо затоа што ќе биде позната состојбата на теренот, што ќе биде од корист за граѓаните и за инвеститорите. Со добивање сопственост за подземните инсталации ќе се зголеми вредноста и на државните и на приватните компании. Тие ќе може да располагаат со таа сопственост, да ја користат како хипотека или како покритие, што ќе ги подобри нивните перформанси. Со воведување на електронски катастар на подземните градби ќе има точна информација дали на определена парцела има подземни водови, на која длабочина се, за каков вид станува збор. Ако нема водоводи на таа парцела, подземниот катастар на потенцијалните инвеститори ќе им даде информација на која оддалеченост е најблискиот вод за струја, за телефон, за водовод, за пат, за гас. Ќе се зголеми и безбедноста при изведување на градежните работи. Со  овој процес за првпат се прави тридимензионално мерење, односно покрај должината и ширината ќе се мери и висината. Во државата има голем број инфраструктурни објекти што не се евидентирани никаде. Компаниите со премерот ќе знаат точно каде им се нивните инсталации, ќе добијат имотен лист, односно ќе се стекнат со право на сопственост на тие инсталации и ќе може во иднина да располагаат со нив. Со добивање имотен лист ќе се зголеми вредноста на компанијата и тие ќе може да ги даваат под хипотека, а исто така ќе може и да ги даваат и под закуп или да ги отуѓат.

Какви се вашите искуства како геодетска фирма во инфраструктурниот катастар?

ГЕОДЕТ ДООЕЛ Радовиш е основана 2006 година, во овие девет години работа на македонскиот и на балканскиот пазар ГЕОДЕТ ДООЕЛ се стекна со големо искуство и богата референтна листа во инженерскиот и катастарскиот дел од геодетската струка. Како резултат на професионално и паралелно работење во согласност со законите и со правилниците на инфраструктурниот катастар како дел од катастарот за недвижности, ГЕОДЕТ ДООЕЛ може да се пофали со изработка на првиот геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени за утврдена фактичката состојба за легализација на инфраструктурни објекти (оптички кабел), што беше ревидиран и имплементиран во инфраструктурниот катастар за недвижности од страна на АКН, што резултираше со добивање на првиот имотен лист за инфраструктурни објекти (оптички кабел) во Република Македонија издаден од страна на АКН. Од витално значење за добивањето на првиот имотен лист за инфраструктурни објекти (оптички кабел) во Република Македонија беше самиот инвеститор и сопственик НЕОТЕЛ ДОО Скопје кој веруваше во компетентноста на нашата фирма, како и во професионалната поддршка на колегите од АКН кои повеќекратно одржуваа различни обуки за интерното работење и за усогласувањето на геодетските елаборати со новите правила и прописи на самиот инфраструктурен катастар. Она што сакам да потенцирам е дека за успешна бизнис-клима во Република Македонија во областа на геодезијата се потребни сериозни и одговорни инвеститори, лојални и компетентни геодетски фирми што ги почитуваат законските правила и прописи при вршењето на сите видови геодетски услуги, како и поддршката од сите инволвирани институции при имплементацијата на недвижностите во инфраструктурниот катастар.

За успешно работење и за рутинско вршење на геодетските услуги една геодетска фирма е потребно да има висококвалификуван, искусен кадар, современа геодетска опрема, добра организираност и точност. ГЕОДЕТ ДООЕЛ освен тоа што е меѓу првите геодетски фирми во Македонија што се занимаваат со запишување на сите видови инфраструктурни објекти во инфраструктурниот катастар на недвижности, ги нуди и сите видови геодетски услуги од областа на катастарската и инженерската геодезија.

Што е она кон што ќе се фокусирате во наредниот период?

Како што нагласив претходно, од големо значење за брза имплементација на инфраструктурниот катастар и за развојот на бизнис-климата во областа на геодезијата се сериозните и одговорни инвеститори. Во Република Македонија има сериозни инвеститори што бараат професионална и одговорна работа на геодетските фирми што би ги задоволиле потребите и барањата на самите инвеститори. Една стара кинеска поговорка вели: ако сакаш да успееш за една година, посеј жито, ако сакаш да успееш за десет години, посеј дрва, но ако сакаш да успееш за цел живот, едуцирај луѓе. ГЕОДЕТ ДООЕЛ во иднина ќе се фокусира на проширување и на едуцирање на стручниот кадар, на следење и на проучување на новите технологии и правила во областа на геодезијата сѐ со цел да одговориме побрзо и поточно на барањата на инвеститорите, со што би ја добиле нивната доверба на компетентна фирма за вршење на сите видови геодетски услуги што им се потребни на самите инвеститори.

Милчо Велјаноски

2 .04 2015