/ Прочитано:

1.116

ЗАБЕЛЕШКИ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

Предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител не обезбедува целосно ефектуирање на Париските принципи за мандатот и независноста на националната институција за човекови права, на општите препораки во согласност со листата на итни реформски приоритети за Република Македонија од Европската комисија (во кои е наведено дека треба да се осигури дека Канцеларијата на Народниот правобранител е уредена целосно во согласност со Париските принципи) и на Препораките од групата на високи експерти за системските прашања за владеење на правото кои се однесуваат на следењето на комуникациите, објавени пролетта 2015 година, вели Народниот правобранител во врска со предложените измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител кои се наоѓаат во собраниска процедура.

foto

Како што образложува Народниот правобранител, Париските принципи, општите препораки во согласност со листата на итни реформски приоритети за Република Македонија од Европската комисија, Препораките од групата на високи експерти за системските прашања за владеење на правото, посочуваат на неколку клучни работи кои, покрај останатото, треба да обезбедат ефикасност и ефективност во работењето на Народниот правобранител, а тоа се:

  1. да се осигури задоволителна автономија на независните регулаторни, контролни и надзорни тела, не само теоретски туку и во пракса, со цел тие да дејствуваат ефективно и без политички притисок и да ги извршуваат нивните функции како што е предвидено со закон, вклучително и преку доделување на доволно финансиски средства;
  2. да се осигури дека препораките на Канцеларијата на Народниот правобранител и другите советодавни тела се следат од страна на сите државни органи со целосно почитување на законот и принципот на отчетност и
  3. да се осигурат ефикасни законски санкции за неисполнување на барањата и препораките на независните тела.

Според Народниот правобранител, Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, кој се наоѓа во собраниска процедура:

– не содржи одредби кои ќе обезбедат поддршка на функционирањето, независноста и ефикасноста на Народниот правобранител од Собранието на Република Македонија, преку организирање надзорни расправи и формирање привремени специјализирани посебни комисии;
– не обезбедува функционална и оперативна независност на Народниот правобранител;

– не содржи решенија со кои адекватно ќе се регулира статусот на вработените во Стручната служба на Народниот правобранител и постапката за вработување, односно нивно изземање од категоријата на административни службеници и

– не содржи одредби со кои ќе се овозможи санкционирање на функционерите.

Исто така, истакнува Народниот правобранител, Законот не обезбедува квалитетна и адекватна вклученост на Собранието на Република Македонија, преку организирање надзорни расправи и формирање посебни комисии заради практична имплементација на дадените препораки за надминување на констатираните општи состојби во поглед на обезбедување почитување, унапредување и заштита на уставните и законските права на граѓаните и сите други лица и за почитување на начелото на недискриминација и правична и соодветна застапеност на припадниците на заедниците.

Не се предвидени механизми за квалитетно разгледување на посебните извештаи

„Во тој сегмент, не се предвидени ниту механизми со кои ќе се обезбеди од Собранието на Република Македонија квалитетно постапување, разгледување и имплементација на посебните извештаи на Народниот правобранител што се однесуваат на попречување на неговата работа, односно на неспроведување на неговите барања, препораки или укажувања.

Овој закон, исто така, не предвидува постапка и санкции за случаите кога Народниот правобранител ќе констатира дека избрано или именувано лице ги повредило уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица или сторило други неправилности“, посочува Народниот правобранител.

Во предложениот Закон, забележува Правобранителот, единствено е содржано решение дека во случаи на повреда на уставните и законските права на поголем број граѓани, малолетни лица и лица со попреченост, Народниот правобранител може да поднесе барање до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на Република Македонија за испитување на случаите и за преземање на мерки.

foto

Директното вклучување на Собранието за подобрување на имплементација на препораките

„Ова решение од аспект на мандатот на народниот правобранител е недоволно бидејќи нуди решение само за еден сегмент од неговото работење, а ефектот од функционирањето на народниот правобранител во пракса воопшто не може да се почувствува ако системот не се усогласи и ако надлежните органи не ги спроведуваат неговите препораки.  Впрочем, само преку директното вклучување на Собранието ќе се подобри процентот на придржување и имплементација на препораките од институцијата, со што пак, во краен случај ќе се обезбеди и квалитетна контрола на законодавната над извршната власт. Оттука, останува потребата да се обезбедат нормативни претпоставки, во согласност со кои Собранието на Република Македонија по повод годишните извештаи, како и по повод посебните извештаи на Народниот правобранител, на пленарна седница ќе расправа и ќе утврдува мерки, како и ќе организира надзорни расправи и ќе формира привремени специјализирани посебни комисии“, вели Народниот правобранител.

Законот не содржи решенија со кои адекватно ќе се регулира статусот на вработените во Стручната служба

Според Народниот правобранител, предложениот Закон не содржи решенија со кои адекватно ќе се регулира статусот на вработените во Стручната служба на Народниот правобранител. Во согласност со Париските принципи, институцијата треба да има инфраструктура која е соодветна да може лесно да ги извршува своите активности, особено да има адекватни финансиски средства со кои ќе обезбеди свој персонал и простор, со цел да биде независна од Владата и да не подлежи на финансиски контроли кои може да влијаат на нејзината независност. Функционалната и оперативната независност на Народниот правобранител единствено може да се постигне и со соодветни финансиски средства за ефикасно остварување на неговата зголемена надлежност.

„За зајакнување на независноста на институцијата и обезбедување целосен интегритет во вршењето на функциите, секако дека е потребно и изземање на вработените во Стручната служба на Народниот правобранител од категоријата административни службеници. Впрочем, имајќи ги предвид спецификите на службата што ја вршат вработените во Стручната служба на Народниот правобранител во изминатиот временски период се јавуваа проблеми во практиката во врска со примената на Законот за државни службеници, а сега со Законот за административните службеници. Ова од причина што некои од одредбите од овие закони се во контрадикторност со одредбите од Законот за народниот правобранител што ја уредуваат неговата функција. Тоа особено се однесува на внатрешната организација и систематизација на Стручната служба, која во никој случај не може да биде организирана во сектори и одделенија и за која Народниот правобранител треба да добива согласност од орган на државната управа (Министерството за информатичко општество и администрација), како и на обуката на вработените која, исто така, треба да биде организирана со програма, донесена по мислење од орган на управа и реализирана преку заеднички обуки со вработени во органи на државната управа или единиците на локалната самоуправа“, вели Народниот правобранител.

За правобранителот, ваквото нормативно решение е крајно нецелисходно со оглед на тоа што не постојат допирни точки, како во областите и потребите така и во пристапот и методот со кој тие се реализираат.

Несоодветно е одлуката за вработување за секое работно место да подлежи на одобрение лично од министерот за финансии

„Сосема е несоодветно и уникатно решението за независно државно тело, како што е Народниот правобранител, одлуката за вработување за секое работно место, дури и за упразнетото, да подлежи на одобрение лично од министерот за финансии. Дополнително, со Законот за ратификација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, Република Македонија даде изјава дека Народниот правобранител е назначен да дејствува како Национален превентивен механизам. Следејќи ги препораките на Поткомитетот за превенција од тортура при Обединетите нации, во рамки на Народниот правобранител е формирано посебно одделение – Национален превентивен механизам (НПМ), чија основна задача е превенција на тортура и друг вид на сурово, нечовечно и понижувачко постапување или казнување. Со оглед на работите кои ги извршуваат, не постои ниту една разумна причина вработените во Одделението за превенција на тортура да бидат со статус на државни/административни службеници“, истакнува Народниот правобранител.

Немањето статус на државни службеници во Стручната служба на Народниот правобранител е и меѓународен стандард

Натаму, додава Народниот правобранител, немањето статус на државни службеници за категорија вработени во Стручната служба на Народниот правобранител е и меѓународен стандард бидејќи не постои институција која работи на полето на заштитата и промоцијата на уставните и законските права, а вработените да имаат статус на државни/административни службеници.

„Секое општество, вклучително и македонското, треба да се стреми кон целосно инкорпорирање и усогласување со меѓународните обврски и стандарди за човековите права и за статусот на лицата кои работат на полето на нивна промоција, превенција и заштита. Поради наведените причини, неспорна е потребата вработените во Стручната служба на Народниот правобранител да бидат изземени од Законот за административните службеници и за нив да се применуваат општите прописи за работните односи. Притоа, општите акти за организација на работата и систематизацијата на работните места во Стручната служба, тимот на Националниот превентивен механизам, посебните одделенија и канцелариите на Народниот правобранител во кои се утврдуваат работните места, описот на работите и работните задачи, вкупниот број на вработени и условите за секое работно место, да ги донесува Народниот правобранител, а согласност да дава Собранието на Република Македонија. За пополнување на упразнетите работни места, Народниот правобранител да одлучува самостојно, додека пак за пополнување на останатите работни места утврдени во општите акти за систематизација на работните места согласност да дава не министерот за финансии, туку Собранието на Република Македонија“, истакнува Народниот правобранител.

Предложени измени и дополнувања на Законот за Народниот правобранител

M.В