/ Прочитано:

1.736

Забелешки на работодавачите за Предлог- законот за вработување на лица со инвалидност

Понеделник, 15 декември 2014 – Во врска со Предлог-законот за вработување на лица со инвалидност, Управниот одбор на Организацијата на работодавачи утврди повеќе забелешки.

Забелешките на  Организацијата на работодавачи ви ги пренесуваме во целост:

„1.Сметаме дека постоечкиот Закон за вработување на инвалидни лица нема потреба да се менува од причина што во истиот се регулирани постапките за вработување на инвалидни лица, поволностите за вработување на инвалидни лица, основањето на заштитно трговско друштво и слично и истите функционираат повеќе од  14 години без некои поголеми проблеми.

2. Во врска со воведувањето на  обврската  за работодавачите за задолжително вработување на инвалидни лица а согласно квотниот систем од 2 до 6% од вкупниот број на вработени во друштвото со над 35 вработени, сметаме дека  во една држава со пазарна економија и претприемништво каде секој правен субјект го организира својот процес на деловно работење, истиот го планира врз основа на доставени нарачки за производство па сразмерно на тоа го планира и бројот на вработените,  да се наметнува обврска за задолжително вработување на лица со инвалидност и тоа само во домашни, но не и во странски друштва е нелогично. Во членот 7 од предлог законот не е јасно дали покрај дипломатско конзуларните претставништва ослободени од оваа обврска ќе бидат и странските трговски друштва, затоа што е употребен терминот „друштва“.

Исто така сметаме дека е неопходно е да се изврши сегментација на правните лица: според големината т.е. бројот на вкупно вработени, па предлагаме за вкупно вработени повеќе од 500 лица на секои 100 вработени да се вработува по 1 (едно) лице со инвалидност, а за вкупно вработени над 1.000 лица, на секои 150 вработени да се вработува по 1 (едно) лице со инвалидност. Според дејноста на правното лице,па предлагаме за специфични и високо софистицирани дејности каде е неопходен висок степен на точност, процентот да биде максимум 0,5%. Тука секако има влијание и степенот на автоматизација на производствениот процес и возможноста (потребата) од вработување лица со инвалидност. За спроведување на Законот ќе бидат неопходни дополнителни инвестициски вложувања во обезбедување услови за работа, преку инфраструктурни градежни зафати, обука на лицата со инвалидност, интервенции за примена на софтверски решенија и слично, а се со цел лицата со инвалидност да можат непречено да се вклучат во целиот систем на дејствување на правното лице.

Одредени дејности како банкарството и осигурувањето сметаат дека не треба да бидат опфатени со обврската за вработување на инвалиди или да бидат опфатени со предвидените квоти затоа што за извршување на овие дејности  е потребен висок степен на образование, посебни специјализации и сертификати, како и високи компетенции за секое работно место согласно описите утврдени со актите за систематизација на работните места. Доколку се имаат во предвид автоматизацијата на процесите и современите ИТ решенија кои се воведуваат во овие дејности, реална можност за адаптација на лицата со инвалидитет  на било кое работно место во банкарските работи не постои. Потребно е прецизно да се дефинира терминот „вкупен број на вработени“. Компаниите кои што користат сезонска работна сила во еден период од годината имаат помал, а во друг поголем број на вработени. Која бројка ќе се смета за „вкупен број на вработени“ кај тие компании?

3. Исто така потребно е да се разгледа случајот кога некое друштво се јавува како  основач на заштитно трговско друштво што веќе вработува инвалидни лица? Дали во тој случај основачот ќе биде ослободен од обврската, дали бројот на вработени инвалиди ќе се споредува со вкупниот број на вработени во двете друштва или основачите ќе мораат дел од инвалидите кои се вработени во заштитното друштво да ги префрлат на работа кај друштвото-основач.

4. Дали е претходно направена анализа за вкупниот број на невработени инвалидни лица и што ќе се случи доколку во одреден регион нема доволно невработени инвалидни лица за пополнување на определената квота. Како пример се наведе источниот регион каде има повеќе од 100 текстилни фабрики со повеќе од 35 вработени, дали тоа би значело автоматски санкционирање на работодавачот односно обврска за плаќање на месечниот надомест во висина од 70% од бруто минималната плата и покрај тоа што работодавачот распишал оглас и е согласен да вработи инвалиди. Работодавачите исто така сметаат дека процентот од 70% од минималната плата е многу голем и потребно е да се намали, а особено ако се има во предвид предвиденото законско зголемување на минималната плата во идните години. Предлагаме висината на паричниот надоместок од членот 8 став (2) да не биде поголем од 30% од минималната плата.

5. Со предложениот текст  не е образложена одредбата со која драстично се намалуваат поволностите за вработените во заштитните друштва. Имено со постоечките законски одредби не инвалидизираните лица беа ослободени од придонесот за ПИОМ и персонален данок, а го плаќаа само придонесот за здравство, а сега со предложениот закон тие поволности се временски лимитирани (член 20 алтернатива 1 , 100% една година, 50% втората година и од третата година работодавачот сам ги плаќа во целост придонесите за неинвалидизираните лица, односно алтернатива 2 – 100% една година, 80% втора година, 60% трета година, после 4 година 50% од придонесите). Земајќи во предвид  дека сите заштитни друштва основани во Република Македонија вработуваат повеќе од 2600 инвалидни лица и повеќе од 4000 неинвалидни лица, се наметнува прашањето дали со овие измени ќе продолжат да егзистираат како такви. Секој работодавач со основано заштитно трговско друштво е свесен дека критериумите за оценување на извршување на работните задачи на инвалидните лица се премногу ниски земајќи ја предвид нивната инвалидност и објективната можност за обемот на извршување на работните задачи, времетраењето и квалитетот на завршување на работните активности, па остатокот од незавршеното го предава на неинвалидизираните лица па токму во целосната рефундација на нивните придонеси (со задоцнување од 6 месеци па и повеќе) ја гледа минималната економска оправданост. Во овој контекст би го коментирале  и намалувањето на останатите средства од посебен фонд и тоа за вработување на инвалидно лице на неопределено време, набавка на опрема , адаптација на работно место. Од друга страна, процентот за зафаќање од придонесот за вработување со кој се финансира посебниот фонд останува ист и се разбира се очекуваат приливи на средства од работодавачите кои нема да вработат доволно инвалиди според квотниот систем.

6. Предуслов за градење на систем кој ќе гарантира поголеми вработувања на лицата со инвалидност е да се воспостави оцена на способноста базирана на потенцијалот на лицето со уважување на ограничувањата предизвикани со оштетувањето. Потребно е детално да се пропише постапката за утврдување на инвалидност согласно начелата од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет, која го афирмира социјалниот модел. Ова подразбира мерење на функционалните способности во контекст на оштетувањето, повредата или болеста. Затоа е многу битно да се утврди единствена методологија за оцена на работната способност. Имајќи ги во предвид одредбите од членот 11 став (5), членот 17 став (1) и  членот 18 став (6), се предлага да со овој или друг материјален закон или пропис со кој „се уредува класификација на работни места”, да се предложат „вид-тип на работни места за лица со инвалидност и по области на ниво на гранка”, и да се дефинира „начинот на адаптација на работните места”, со цел овозможување на практична примена на предложениот закон. Потребно е  прецизно регулирање на процедурите на ангажирање на инвалидизирани лица на пракса до 6 месеци, или стипендирање на истите до 5 години. Ова поради фактот што лицата со намалена работна способност и особено лицата кои имаат утврдени трајни телесни, сетилни, ментални и интелектуални оштетувања не можат еднакво да се оценуваат според   стандардите за мерење на учиноците кои важат за здравите работници. Предлог законот во членот 10 прави исклучок од ЗРО само во поглед на отказниот рок. Исто така повредата на работа, отсуството, платата, паричната помош кои се уредуваат со членот 27 од овој предлог-закон, се прашања уредени и со Законот за работните односи. Ќе биде потребно да се  прецизира кои права овие лица со инвалидност треба да ги уживаат со општите прописи од работните односи, а кои права со овој или друг закон. Сметаме дека е потребно да се воведе задолжителна пробна работа за лицата со инвалидитет, за да им се пружи можност стекнатите вештини да ги применат во работни услови, а на работодавачот да се даде прилика да ги запознае способностите на лицето и да процени што е потребно да се прилагоди во процесот на работа за да имаат еднакви можности со останатите вработени.

7. Во членот 17 во ставот (4) се предлага „начинот на доделување на средствата од Посебниот фонд” наместо со Уредба на Владата да биде уреден со закон. Доколку остане предложеното решение да ова прашање се уреди со уредба или подзаконски акт се повредува начелото на транспарентност и пред се преку „собраниска процедура” да се уредат или менуваат овие законски решенија“.

М.В