/Прочитано:

512

ЗАБЛУДИТЕ И СОСТОЈБИТЕ ОКОЛУ ПЕНЗИСКИОТ  СИСТЕМ

                Убаво е што се зборува за пензискиот систем. Се зборува и убаво и лошо за нас пензионерите, за нас  што ги празниме пензиските фондови, за пензиските осигуреници, кои ги полнат пензиските фондови, за висината на пензиите и многу други работи околу пензискиот систем.

Се сеат магла и прашина. Се лаже и се даваат нереални ветувања. Често смислено, а често и од незнаење. Ги разбирам и едните и другите. Пазарот на кој можат тоа да го продадат е многу голем (за наши услови). Меѓу 312.000 пензионери корисници, 760.000 пензиски осигуреници плаќачи и 2.000-3.000 уредувачи и пазачи на правилата, ќе најдам и јас  по некој кого ќе го „погодам“ со моето „најумно“ гледање на проблемите и состојбите.

Во економски неразвиена земја, со мали плати, низок животен стандард, со огромна сиромаштија, голема е зависноста од пензијата воопшто, а особено од нејзината големина. На многумина голема цел им е да стигнат до пензија како сигурен извор на приход, а во тој дел од животот како единствен приход, без можности за остварување на алтернативни приходи од акции, обврзници, закупнини, камати и сл. Поради таквите состојби, пензискиот систем станува поле на политички борби.

Убаво е што се зборува и треба да се зборува. Само така можеме да го „просееме“ она што е вистински добро и корисно. Ако некаде, за некој систем има најмногу заблуди и нереални согледувања, тоа е токму пензискиот систем. Тоа е така за секој систем кој им е близок на луѓето. Па, никој не вели не знам, туку секој го изнесува своето „експертско“ мислење. Па, затоа треба тие заблуди една по една да се разгледаат и да направиме обиди да ги разјасниме работите.

Првата заблуда е околу зголемувањето на пензиите. Тоа станува секогаш актуелно, особено  пред некои избори. Кое е подобро: фиксното или процентуалното „покачување“ на пензиите?

Единственото  најдобро решение е ЗАКОНСКОТО РЕШЕНИЕ – тоа е единствениот одговор. Повторувам, нема друго решение. Ако некој мислеше дека фиксното покачување е „најдоброто решение на свет“, што нѐ го ставија во закон за да нема сега никаква дилема. И да сака некој, да не може поинаку да постапува. „Дарежливоста на Владата“, која 11 години не најде „време“ да го уреди законски она за кое мислела дека е најдоброто решение е слично на онаа српската народна поговорка: „Нек држи воду, док мајстори не оду“.

Втората заблуда е дека имаме лош пензиски систем – не, имаме добар пензиски систем, реформиран по светски терк, со навремено и добро изведени реформски зафати. Повторувам, пензискиот систем е добар, но досегашните пензиски политики се лошо водени. Во 2015 година од вкупно околу 23.000 вработени, за околу 19.000 вработени законски се доделени ослободувања од плаќање на пензискиот придонес, а Буџетот не ги плаќа тие придонеси. Е па, како да биде добар пензискиот систем? Како да нема дупка во државниот пензиски фонд? Тука не ми е јасно зошто реформаторите не го бранат системот малку пожестоко, разграничувајќи ги работите на она што е до системот, односно на патот, правилата, возилото, сообраќаецот (контролата), а што до возачот, односно политиките (кога возачот е Владата).

Третата заблуда е дека се потребни итни и дури неопходни реформирања на системот, бидејќи еден ден, односно еден први во месецот „ќе нема за пензии“. Пари ќе има, само во чии раце ќе  бидат. Сè додека нѐ има над 300.000 , пари ќе има за пензии. А пререформирањето на одредени решенија навистина треба да се почека, најнапред да се види полнотата на системот, па потоа да се кројат нови решенија. Најнапред исправни пензиски политики, па потоа корекции во пензискиот систем.

Четвртата голема заблуда е дека нашиот пензиски систем е со големи дефицити. Меѓу системите во нашата земјата, подобар од пензискиот систем е  банкарскиот систем.  Можеби и други системи, кои се во суфицит и носат дебели профити. Но, ако го споредиме со општествените системи, не верувам дека некој ќе каже дека подобри се: образовниот, здравствениот и други системи.  Ако, пак, се споредуваме со другите земји, можеби некој ќе се зачуди, но можеме да кажеме дека од Виена до Урал нема земја со подобар  пензиски систем. Една Словенија има проблеми. Има премногу пензионери (околу 25% од населението, а Македонија 15%), Унгарија мораше да ги “„грабне“ парите од вториот пензиски столб и да ги префрли во државниот фонд. Полска ја поништи пензиската реформа  и се врати само на еден столб.

Петтата заблуда е интервенцијата на Буџетот во покривањето на дупката на пензискиот систем. Две грешки во едно кажување. Дупката не е во пензискиот систем, туку само во државниот фонд, бидејќи пари има во фондовите на вториот столб и тоа фазла за околу 50% од висината на дупката во ФПИОМ. Тоа што Буџетот интервенира, ќе кажеме – а кој друг? Па, само пред неколку години видовме дека во најразвиените и најдемократски земји нивните буџети интервенираа, спасувајќи ги деловните банки. Па, задача на Буџетот, како национална ризница, е токму  како свекрвата да ги заврши сите работи кои никој друг не ги извршува.

За дефицитот уште две работи што често се забораваат:

  • прво, дефицитот е повеќе или помалку „нормална“ работа кога се работи за реформски процеси на долг рок во кој државниот фонд треба да го отстапи местото на вториот столб, а на тој пат не се поминува без финансиски жртви и
  • второ, за неколку години дефицитот ќе се прекрши и ќе почне да се намалува, не може поинаку, кога државниот фонд се полни во сооднос 2 : 1 (стапките на придонесите: 12% : 6%), а се празни во обратна пропорција 1 : 2 при исплата на пензиите на оние што издвојувале за вториот столб. Потврда за ова е и прекршувањето во Србија пред две години.

Шестата заблуда, укажувањето на меѓународните финансиери (Светка банка и ММФ) за пензискиот систем сериозно треба да се разгледа и објективно да се процени. Сепак тоа се само укажувања. А какви ли се нивните оценки за пензискиот систем на Полска, Унгарија и др. земји? На Македонија ѝ се упатени само укажувања.

Укажувањето да се пристапи кон зголемување на стапката на придонес не треба да се сфати како готов рецепт, туку треба да се остави на крај, бидејќи ќе го подигне учеството на  живиот труд во цената на добрата и услугите, а тоа ќе доведе до намалена конкурентска позиција на македонската економија. Никогаш не треба најнапред да се посегне по најлесното решение. А сè уште не сме сигурни дека баш тука лежи проблемот и дека со зголемување на стапката ќе ги решиме сите проблеми на пензискиот систем.

Второто укажување за подоцнежното  пензионирање – упатува на тоа дека повеќе ќе ги одложиме проблемите за подоцна, отколку дека тоа е големо и вистинско решение. Пензионирањето на 64 години е токму според нивните барања и пресметки, а за да се оди со повеќе години во пензија, потребно е да се подигнат животниот стандард и просечниот век  на живеење, а кога тоа ќе се случи, тогаш може да се посегне по ова решение.

Третото укажување дека критична година ќе биде токму 2030 година не ми изгледа баш многу точно. Податоците врз основа на кои се прават пресметките и проекциите во РМ се толку несигурни, што ретко која проекција се остварува. Од друга страна, состојбите со регулативата најчесто одат десно па лево и пак истото, само обратно и малку поразлично, така што за сигурни предвидувања (актуарски пресметки и сл.) теренот е сосема несигурен. Слободен сум да изнесам два факта кои се битни. Прво, од пред две години за првпат, повторувам за првпат во РМ, структурата на осигурениците со старост над 60 години е речиси за половина намалена од 13%-14%, сега е околу 7%.  Многу бргу ќе ни се случи да немаме кого да пензионираме. Ова ќе ни се случи многу побргу отколку да имаме премногу пензионери. Од друга страна, еден морбиден податок е дека дневно  во РМ умираат по 32-34 пензионери, но имаме и по 35 нови пензионери дневно. Просечниот век на користење на пензиите е не повеќе од 16 години, а европскиот просек е нешто над 20 години. Сигурност внесуваат и фондовите на вториот столб, полни како калинка, што е најголемата гаранција дека младите, кои ќе останат тука и ќе бидат идни пензионери, ќе имаат достоинствени пензии.

Четвртото укажување е дека заменската стапка (стапката според која се пресметува пензијата од пензиската основа) треба да се намали, но тоа само во услови кога ќе се оцени дека пензиите се незаслужено превисоки, кога ќе обезбедуваат достојна живејачка на секој пензионер, кога пензионерите ќе имаат можности за дополнителни, некој ги нарекува, незаработени или пасивни приходи. Релативно високата заменска стапка е резултат на социјализмот, кога повеќе се ценеше трудот, па не би  било лошо да е така и сега.

Воопшто не треба да се плашиме за иднината на пензискиот систем. Нему му требаат ситни поправки, но најважно е во овој момент работите да си одат според закон, не со избрзани и половични решенија, туку само проверени и добро испечени низ широки јавни дебати.

 На младите луѓе мора да им се обезбедат достојни европски пензии, а тоа ќе се направи и со мерки надвор од пензискиот систем, со стапка на економски раст од над 6,5% и со повисоки плати, со намалена невработеност, со намалена сиромаштија.

Славко Лазовски,  пензионер и  долгогодишен даночен работник