/ Прочитано:

1.754

Заедничка институционална соработка за надминување на проблемот со загадувањето

На денешната средба за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, генералниот заклучок беше дека се потребни меѓуресорска соработка и интегративен пристап за надминување на проблемот. Предложени се пакет мерки кои во рок од 10 години ќе овозможат чист воздух за граѓаните во Скопје. Дел од нив, а кои се најавени како итни мерки, се однесуваат на засилен комунален надзор на недозволени палења на отворено и итни решенија во сообраќајот.

Мерните станици во Скопје повторно покажуваат енормно загадување на воздухот, што иницираше состанок на кој присуствуваа централните и локалните власти за итно решавање на овој долгогодишен проблем. На средбата за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, генералниот заклучок беше дека се потребни меѓуресорска соработка и интегративен пристап за надминување на проблемот.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на скопските општини предложија пакет долгорочни и краткорочни мерки, кои во рок од 10 години ќе овозможат чист воздух за граѓаните во Скопје. Дел од нив, а кои се најавени како итни мерки, се однесуваат на засилен комунален надзор на недозволени палења на отворено и итни решенија во сообраќајот.

Министерот Дураку рече дека првпат во буџетот на Република Македонија е предвидена ставка со средства и мерки за намалување на аерозагадувањето и за отстранување на дивите депонии.

„Во соработка со локалната самоуправа излегуваме со неколку предлог-проекти за решавање на проблемот со загадувањето и тоа субвенционирање за поставувањето филтри во институциите, воспоставување филтри во јавните претпријатија и тие да добијат А-лиценца, поттикнување на потребата од електрични возила, зголемена и зајакната инспекција и контрола од страна на одговорните инспекторати на државата“, рече Дураку.

Според Шилегов, приоритет треба да бидат измените на регулативата која се однесува на техничкиот преглед на автомобилите, со цел оние возила кои не го загадуваат воздухот да добијат еколошка налепница, а оние кои немаат таква налепница да може да се исклучат од сообраќајот кога состојбата со загадувањето е алармантна.

Скопскиот градоначалник потенцираше дека очекува измените на Правилникот за технички преглед на возилата да бидат усвоени од страна на Собранието до крајот на декември, а веќе од почетокот на следната година да почне да се забранува сообраќајот за возилата кои го загадуваат амбиенталниот воздух.

Според истражувањето на УНДП, домаќинствата во Македонија со начинот на греење учествуваат со една третина во загадувањето на воздухот, а потоа следуваат транспортот, индустријата и градежништвото.

Постојниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, информираше дека најзначајниот наод од студијата е дека 45 отсто од домаќинствата се греат со дрво или со други штетни материи за воздухот, нагласувајќи дека граѓаните во Скопје трошат 370.000 тони огревно дрво што е еднакво на бројот на дрвја што се наоѓаат на Водно.

За да се надмине проблемот со загадувањето на воздухот, Винтон предлага домаќинствата да ги променат застарените печки кои функционираат со огревно дрво со печки на пелети, инвестирање во изолација на домовите и што повеќе домаќинства да се приклучат на централно греење.

А. Б.