/ Прочитано:

2.257

ЗАЕВ ОБЈАВИ ПРАВОСУДНА „БОМБА“: „Се местеле судски одлуки, избори и унапредување на судии“

Недела, 15 февруари 2015 – Најголемата опозициска партија денеска објави снимки кои, како што вели, се доказ за директната спрега на релација власт – правосудство. Ќе се уверите лично во директната спрега на релација власт – правосудство и ќе слушнете како се местеле одлуките во правосудството, истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Истакнувајќи дека она што е на снимките е „грозно“, Заев нагласи дека со снимките со прислушкувани разговори може да се слушне како се местеле судски и обвинителски одлуки, како се местеле избори и разрешување на судии, какко местеле претседатели на судови и унапредувања на судии.

“Ќе слушнете како министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ и министерката за внатрешни работи Јанкулоска договараат судска одлука. Како директорот на УБК, Сашо Мијалков нарачува избор на претседател на Врховниот суд кај Муса Џафери од ДУИ и што нуди за возврат. Ќе слушнете договори и нарачки на судски одлуки во коишто учествуваат Ставрески, Јанкулоска, Вељаноски, Груевски, претседател на Врховниот суд и Марко Зврлевски, актуелниот републички Јавен обвинител.Ќе слушнете за линкот и нарачките на пресуди што ги правел лично Драган Павловиќ Латас. Сето тоа ќе го слушнете и ќе ви стане кристално јасно дека во Македонија нема минимум правда“, рече лидерот на СДСМ.

Заев посочи дека првата снимка е разговор помеѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и тогашниот министер за правда Михајло Маневски, а во втората снимка се мести претседател на Врховен суд.

„Местат судска одлука за брат на членка во Судскиот совет. За возврат таа треба да им послужи за избори и разрешувања судии. Говорат како „ја истерале работата на првостепен суд и на Апелација“, како обајцата интервенирале. Се договараат како ќе ја примат нејзината ќерка на работа, бидејќи таа (членката на РСС) им е „џокер за избор и разрешување“ на сите судии. Во разговорот потврдуваат дека во местењето е вмешан Никола Груевски, а дека од друга страна претседателот на Парламентот, Трајко Велјановски и неговиот кум и тогашен претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски обезбедуваат „ревизија преку ред“ и укинување пресуди. Следната снимка што ќе ја слушнете е нарачка на директорот на УБК, Сашо Мијалков кај тогашниот вицепремиер за рамковен договор, Муса Џафери за местење прв човек на Врховниот суд. Станува збор за поставување претседател на Врховниот суд. Ќе слушнете што Мијалков ветува, кои се места во судството ги добива за возврат партијата на Ахмети и на каков начин двете партии буквално се пазарат со клучните позиции во судството“, рече Заев, кој додаде дека со следните снимки се докажува партизацијата на судството.

„Ништо не е случајно во судството па ни унапредувањето на Марко Зврлевски во Јавен обвинител. Не е случајно ни што Зврлевски молчи веќе 7 дена по објавениот скандал за прислушување на над 20.000 граѓани од страна на Груевски и Мијалков. Во следната снимка од разговорот на Јанкулоска и министерот за финансии Ставрески ќе ви стане јасно дека послушноста на Марко Зврлевски како Јавен обвинител за организиран криминал, го однела чекор повисоко во правосудниот систем. Лично тој, по нарачка лично на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска донел јавно обвинителска одлука  – отфрлил кривична пријава против министерот за финанси, Зоран Ставрески. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, почитувани граѓани, избира кои судии треба да бидат унапредени. За тоа, според овој разговор што ќе го слушнете се информира од градоначалникот од Прилеп, од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески за да провери дали одреден судија е доволно нивен. Се работи за судијата Никола Крстевски кој, очигледно го минал партискиот суд, па сега е унапреден во судија во Апелацискиот суд во Битола.Примери за директен упад на извршната власт раководена од Груевски и Мијалков и неколкумина нивни соработници има многу. Во оваа прес конференција ќе слушнете уште еден прислушуван разговор од страна на Груевски и Мијалков. Од него ќе стане јасно како само на Драган Павловиќ Латас, му успева да ги добие сите судски процеси“, истакна Заев.

Заев нагласи дека со ова се открива зошто затворите во Македонија се полни со политички затвореници и како се монтираат судски процеси против неистомисленици, како се местат судски пресуди против новинари што не се соработници со власта и против секој кој не е соработник на власта.

„Сега веќе е јасно кој прави насилство и кој го урнисал уставниот поредок на Република Македонија.Сега веќе е јасно дека нема владеење на правото и правната држава“, резимираше Заев.

На ваквите тврдења на СДСМ,  реаиграше ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение во коешто го обвини Заев дека „го продолжува своето одработување за странски центри со објавување на креирани материјали, со што се надева дека без поддршка од граѓаните, без програма, проекти и идеи, ќе го донесе на власт.

„Се разбира, потоа тој е свесен, а очигледно и подготвен да ги исполни очекувањата на неговите шефови од странство“, велат од владејачката партија.

М.В