/ Прочитано:

1.032

ЗАЕВ ОБЈАВИ УШТЕ ЕДНА „ПРАВОСУДНА БОМБА“: „Груевски, Мијалков и Јанкуловска местеле судии, обвинители и нарачувале пресуди“

Четврток, 19 март 2015 – „Денеска ќе слушнете во чии раце е правосудниот систем во Република Македонија. Тројца луѓе, Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска местат судии, нарачуваат судски пресуди и човечки судбини“, рече на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на која презентираше нови снимки од прислушувани разговори, кои, како што тврди, се доказ за спрегата меѓу власта и судството.

Според Заев, снимките се доказ за начинот на кој функционирал правосудниот систем и говорат за тоа како се избирале обвинители и како преку нив се влечеле сите конци во Обвинителството. 

„Судски пресуди не се донесуваат, туку се нарачуваат“, истакна лидерот на опозицијата.

Во првата група разговори што ги презентираше Заев, наводно, се тврди дека Влатко Мијалков, брат на директорот на УБК, Сашо Мијалков,  барал ургенција во Апелациониот суд Скопје од Фелимена Маневска, судијка и сопруга на поранешниот министер за правда Михајло Маневски. Таа, наводно, потоа го упатува кај тогашната претседателка Љупка Арсениевска, која, како што тврдеше Заев, завршувала предмети за владејачката партија. Понатаму, како што тврдеше Заев, и шефот на Кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протуѓер, барал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да влијае за предмет во кој, наводно, бил инволвиран негов пријател.

Дел од разговорите, како што нагласи Заев, се однесуваат на разговор меѓу шефот на УБК, Мијалков, и министерката за внатрешни работи, Јанкулоска, во однос на предмет во кој е тужено Министерството.

Во втората група разговори, како што тврдеше Заев, се слуша како поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафироска, наводно, реферирала кај секретарката на премиерот Груевски во однос на распишување оглас за избор на судии. Според Заев, разговорот на Мијалков и Јанкулоска го покажал третманот кон судиите.

Во други разговори, тврди Заев, се слуша како Јанкулоска судиите ги води под бројче во својот тефтер, што, според него, е доказ како власта ги третира претставниците на судската власт.

Во следните презентирани разговори, според лидерот на опозицијата, се тврди дека поранешниот републичкиот јавен обвинител, Љупчо Шврговски, ургирал за избор на обвинител, син на колешка. Како дел од пазарењето, тврдеше Заев, било и наводното барање на ДУИ од разговорот меѓу, како што беше нагласено, поранешниот министер за правда Блерим Беџети и вицепремиерот Муса Џафери. Тие, наводно, калкулираат како да се испазарат со владејачката партија во однос на избор на нивни јавни обвинители.

Како што тврдеше Заев, дел од разговорите покажале дека Мијалков, наводно, лично се јавувал за да извести идни судии дека ќе бидат избрани на конкурс. Според она што беше изнесено на прес-конференцијата, наводно, шефот на УБК лично ѝ се јавил на актуелната судијка од Основниот суд Скопје 1, Софија Лаличиќ, да и соопшти дека ќе биде избрана за судија.

„Ова е реалноста за контролираното судство и жалната слика за граѓаните на Република Македонија. Ова покажува зошто некои судии не можеле да делат правда, а биле праведни, зошто некои граѓани не можеле да добијат правда, а биле правични“, рече Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со изјавата на јавниот обвинител Марко Зврлевски дека се подготвени на мониторинг, Заев рече дека очекуваат прво Зврлевски, а потоа и ообвинителот за организиран криминал Јован Илиевски, да поднесат оставка, а потоа мониторингот да биде дефиниран.

Лидерот на опозицијата најави и објава на снимки за случајот „Монструм“ и за наводен стопански криминал.

Во однос на наводи за прислушувани разговори на неколку амбасадори,  рече дека нема да ги објави нивните имиња, бидејќи, како што истакна, тоа е во спротивност со Виенската конвенција, законите и меѓународните акти.

ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ: Судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат функцијата законито

Со став во однос на снимките презентирани на претходна прес-конференција, кои, според Заев, говорат за влијанието на врз судството, вчера се огласи Здружението на судии.

„Здружението на судиите на Република Македонија смета дека судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската функција согласно Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Македонија и со тоа обезбедуваат непристрасно судење, заштита и унапредување на слободите и правата на граѓаните и доследно почитување на принципот на владеење на правото“, се вели во соопштението на Зружението, според кое, ова е ставот на 26 подружници на судовите.

 Минатата недела и новиот претседател на Судскиот совет на РМ, Бранко Ушковски, истакна дека немало ниту политички пазарења во судството ниту работа на судиите под притисок.

>> ЗАЕВ ОБЈАВИ ПРАВОСУДНА „БОМБА“: „Се местеле судски одлуки, избори и унапредување на судии“