/ Прочитано:

2.063

ЗАЕВ: Контролирани и прислушувани се над 20.000 граѓани

Понеделник, 9 февруари 2015 – Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушувани над 20.000 граѓани, обвини на денешната прес-конференција лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, посочувајќи дека зад таа операција стојат премиерот Никола Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„Поднесуваме кривични пријави против Сашо Мијалков, директор на УБК, Горан Груевски, раководител на Петтата управа и НН вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. За вработените  кои учествувале, но го пријавиле кривичното дело, очекуваме да се употреби член 151 став 5 од Кривичниот законик, со којшто овие лица се ослободуваат од гонење“, рече Зоран Заев, испраќајќи притоа порака дека ќе се бори за заштита на сите што се спротивставуваат на газењето на Уставот и законите.

Заев истакна дека во прилог на кривичната пријава има повеќе од 300 негови телефонски разговори, снимени само за неколку дена.

„Ова е само мал дел од прислушувањето на моите телефони, што траело најмалку 4 години во континуитет. Без прекин 4 години!“, потенцираше Заев.

Заев рече дека слично се постапувало со сите опозициски лидери а, како што истакна, се прислушувале и разговори на членови на опозицијата, новинари и поединци блиски до опозицијата.

„Ова што го имаме покажува дека од државната служба, УБК, направиле вистински монструм што слуша и што контролира над 20.000 граѓани: опозиција, новинари, бизнисмени, невладин сектор, членови на Влада, на Парламент“, истакна Заев.

Тој апелираше до новинарите и до медиумите трпеливо и концентрирано да ги следат сите детали од процесот и ја повика  меѓународната заедница внимателно да следи сè што ќе објавува неговата партија.

На денешната прес-конференција на СДСМ реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која го повика Заев, доколку постоеле материјали за коишто се тврди дека упатуваат на евентуално противзаконско постапување, да ги достави до надлежните институции за понатамошна постапка и законска процедура.

„Заев денеска започна со реализација на објавувањето на разни материјали за кои и самиот го извести премиерот Груевски дека се прибавени во соработка со странски служби, а за што е започната и постапка против него токму за овој случај, во кој дел од осомничените веќе имаат и признание дека работеле за пари и за странски служби“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.