/ Прочитано:

10.841

Загадувањето на животната средина и природата како кривично дело

Кривичното дело „Загадување на животната средина и природата“ во Кривичниот законик е пропишано во членот 218 и спаѓа во редот на пропишаните кривични дела против животната средина и природата.

Во ставот 1 од членот 218 на Кривичниот законик се пропишува дека тој што со испуштање на отровни или издувни гасови, на поголемо количество од максимално дозволеното со закон на материјали или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почва или на друг начин може да предизвика или ќе предизвика значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата или почвата или опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со затвор од четири до десет години.

Службено или одговорно лице во правно лице, се пропишува понатаму во ставот 2 од членот 218, кое со непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење на погон кој ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздух, почва, вода, кое ја надминува дозволената граница или за спречување бучава што значително ја надминува дозволената граница и со тоа ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителниот свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со казна затвор најмалку четири години.

Со казната од ставот 2 на овој член ќе се казни тој што спротивно на прописите управува или работи со постројка во која се вршат опасни активности или во која се чуваат или користат опасни материи или препарати, што надвор од постројката можат трајно или во значителна мера да го загрозат квалитетот на воздухот, водата или почвата или во значителна мера да го загрозат животот или здравјето на луѓето или во значителна мера на пошироко подрачје да го загрозат растителниот или животинскиот свет.

Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. При изрекувањето условна осуда, судот може на сторителот на делото да му наложи услов во определен рок да ги преземе пропишаните мерки за заштита и унапредување на животната средина. Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Унапредувањето на животната средина и на природата е и темелна вредност во Уставот на Република Македонија. Секој човек, се пропишува во членот 43 од Уставот, има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

М.В