/ Прочитано:

4.377

Заклучоци и предложени решенија за загадувањето на воздухот од научното истражување и експертскиот форум

Универзитетот „Гоце Делчев“ со својот тим од експерти, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, организираше форум на кој се дискутираше за изнаоѓање решенија за аерозагадувањето. Како што истакнуваат од УГД, проректорот на Универзитетот проф. д-р Дејан Мираковски е директно вклучен во огромниот број истражувања што ги прави УГД во насока на мерење на квалитетот на воздухот и донесување на акциски мерки за подобрување на неговиот квалитет.

Начинот на греење со биомаса е проблемот за загадување во Скопје. Според нас, овој фокус ќе овозможи да се подобруваат состојбите, ако го решаваме како проблем. Во однос на воздухот во затворен и на отворен простор, воздухот се разликува драстично и ние имаме мерења во таа насока кои, се надевам, ќе помогнат во донесување на одлуките“, вели  проф. д-р Дејан Мираковски, еден од авторите на истражувањето „Како се загреваат домаќинствата во Скопската Котлина?“, достапно на веб-страницата: skopjesezagreva.mk.

„Греењето е најголемиот загадувач на воздухот во Скопската Котлина, и тоа загревањето на домаќинствата во најголем дел“, се вели во истражувањето. Според ова истражување што го спроведе УНДП на примерок од 5044 домаќинства покажува дека само 21% од домаќинствата се приклучени на системите за централно греење, додека дури 45% од домаќинствата ги загреваат своите домови со огревно дрво.

Истражувањето „Како се загреваат домаќинствата во Скопската Котлина?“ е подготвено за периодот јануари – септември 2017 година во соработка со Град Скопје, со Министерството за животна средина и просторно планирање, со Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој, со Македонска академија на науки и уметности и проф. д-р Дејан Мираковски и  м-р Александар Дединец. Извештајот за истражувањето е подготвен од д-р Даме Димитровски, а делот за социо-економската анализа е подготвен од  д-р Елизабета Џамбаска. Теренското истражување е подготвено од ТИМ-институтот и од одговорните лица д-р Ивана Тодевска, м-р Елена Огненовска, м-р Јелена Ќетковиќ-Јанева и Ана Василевска.

„380 милиони евра се потребни за надминување на загадувањето во Скопје. Овие средства жителите на главниот град ќе треба да ги одделат во претстојниот 7-годишен период за реализација на 3 мерки: ефикасна изолација на домовите, обнова на грејните уреди и поголемо искористување на системот за топлификација“, беше истакнато на настанот, на кој се говореше и за заклучоците од истражувањето.

Целта на овој извештај е да ги презентира наодите од истражувањето и од анализата  на добиените податоци од спроведената анкета за начинот на загревање на домаќинствата во Скопската Котлина. Спроведената анкета обезбеди податоци со геолокации, кои понатаму ќе можат да се користат за моделирање, за проектирање, за предвидување на емисиите од загревањето на домовите. Дополнително, ваквата база на податоци ќе овозможи моделирање на мерки за намалување на емисиите и анализа на влијанието на мерките врз квалитетот на воздухот, како и поставување на краткотрајни и долготрајни развојни сценарија, земајќи го предвид изборот на корисниците. Дополнително, мерките што би се дизајнирале можат да влијаат на менување на изборот на начинот на загревање на домовите и намалување на емисиите со таканаречени меки мерки.

„Зошто токму греењето на домаќинствата? Градот Скопје се соочува со интензивно прекумерно загадување на воздухот, особено во зимските месеци. Анализата на Министерството за животна средина и просторно планирање, укажува дека: ‘Во однос на основните загадувачки супстанции, во согласност со мерењата на квалитетот на воздухот извршени во текот на 2015 година, не се забележани надминувањa на граничните вредности, со исклучок на PM10. Имено, како и во претходните години најкритични загадувачки супстанции се цврстите честички. Така, надминувањата над граничните вредности на цврсти честички со големина до 10 микрометри се забележуваат на сите мерни места особено во зимскиот период кога се и повеќепати повисоки од среднодневната гранична вредност…’“, се вели во истражувањето.

Во истражувањето се посочува дека според студијата на Финскиот метеоролошки институт, работена во твининг-проектот со Министерството за животна средина и просторно планирање, која анализира податоци од мерната станица за квалитет на амбиентален воздух во Карпош, Скопје, дојдено е до следното сознание: „Факторот 4 јасно го индицира изворот горење биомаса. Овој фактор придонесува со една третина (32 %) од вкупната маса на загадување со PM10 честички и  доаѓа од околината на станицата во Карпош, а се однесува на греење во домаќинствата/греење со мазут.“ Но важно е да се нагласи дека постојат и други причини за зголемените концентрации на цврсти честички во амбиенталниот воздух во Градот Скопје. Меѓу нив најзначајни се: атмосферските услови – појавата на атмосферска инверзија во текот на зимските месеци; урбанистичките фактори – плановите и локациите на изградените објекти, при што некои големи емитери се сместени во урбаното јадро, а урбанистичката поставеност на објектите не овозможува лесно плакнење на воздухот и продор на ветер; сообраќајот – кој е еден од големите загадувачи во текот на целата година; одржувањето на јавната хигиена – реемитување на цврстите честички по неколку пати во амбиенталниот воздух и други причинители.

Заклучоци од истражувањето

Истражувањето покажа дека жителите на Скопската Котлина се заинтересирани и сакаат да бидат дел од решението на проблемот со загадувањето на воздухот. Треба да се смени начинот на загревање на домовите со цврсти горива. Бидејќи најголем процент од оние кои се греат на дрва користат нискоефикасни и стари печки, треба да се работи на замена на старите печки со нови и да се работи на охрабрување за користење на топлински пумпи и печки на пелети и брикети.

Бидејќи повеќе од 90 % од домаќинствата немаат воопшто или имаат слаба изолација во своите домови, потребно е да се дефинираат мерки и акции кои би помогнале да се подобри изолацијата, што ќе придонесе за намалување на потребната енергија за загревање на објектите и со тоа до намалено загадување од загревањето на објектите.

Особено внимание треба да се посвети на покривните конструкции, кои, според ова истражување, се најслабо изолирани. Исто така, треба да се изнајдат начини што поголем број домаќинства да се приклучат на системот за централно греење.

Дури 44 % од домаќинствата велат дека би се приклучиле на централното греење доколку им е достапно, дури и доколку цената e малку повисока во однос на системот кој го користат сега. Потребна е широка јавна кампања за сите прашања кои се наведени во заклучоците, со цел подигање на јавната свест за итноста на решавање на проблемот со загадувањето на воздухот и промоција на квалитетни решенија.

М.В