/ Прочитано:

2.413

Заклучоци на Здружението на судии на РМ за моменталните состојби во судството

На XII Редовно годишно собрание на Здружението на судиите на Република Македонија, усвоен е годишниот Извештај за работата на Здружението, донесени се измените и дополнувањата на Статутот на Здружението на судиите на Република Македонија и разгледани се други прашања од интерес за работата на Здружението, велат од Здружението на судиите на РМ.

Собранието, посочуваат од Здружението, расправаше и за моменталните состојби во судството, при што ги донесе следниве заклучоци:

  • Собранието на ЗСРМ ја утврди потребата од отворање на процесот на реформски активности во секторот правосудство во Република Македонија, со цел зајакнување на судската независност, преку креирање соодветни нормативни и други претпоставки
  • Собранието препорачува вклучување на Здружението во работните тела на институциите, надлежни во постапката за донесување на закони и други правни претпоставки, во однос на судството, како единствен релевантен партнер
  • Собранието заклучува дека е потребен проактивен пристап на Здружението, преку самостојни анализи на состојбите во судството и изготвување предлог-законски решенија
  • Собранието препорачува релевантно учество на ЗСРМ во имплементацијата на новите законски решенија, особено по прашањата од статусен карактер (обезбедување независни механизми за следење на работата на судските органи и тела, како што се Судскиот совет и Судскиот буџетски совет, мониторирање и контрола на работата на овие органи и други прашања од интерес за судиите)
  • Во однос на сите овие прашања, потребно е воспоставување партнерство и градење мерки на доверба со надлежните органи, но и креирање препознатливи механизми за зачувување на автономијата и самостојноста при дејствувањето
  • Собранието изразува загриженост за несоодветниот пристап на надлежните органи, во врска со финансирањето на судството и платите и другите надоместоци на судии и ги повикува да преземат активности во насока на воспоставување вистински дијалог со ЗСРМ, за изнаоѓање на соодветно решение.
  • Собранието изразува загриженост за степенот на доверба во судството и предлага воспоставување релевантни индикатори за мерење на судската независност, со цел утврдување на степенот на веројатност на перцепцијата врз судството, во досегашниот и идниот период.

XII Редовно годишно собрание на Здружението на судиите на Република Македонија

М.В