/ Прочитано:

1.756

Измени во Законот за парнична постапка: Странките без дозвола на судот ќе може непосредно да поставуваат прашања на сведоците, вештаците и странките

Четврток, 19 декември 2013 – Дали прашањето за непосредното поставување на прашања во постапката од страна на странките кон сведоците, вештаците и другите странки значи воведување на англосаксонскиот модел на постапка е пратеничката дилема за оправданоста, целта и неопходноста на измените и дополнувањата на постоечкиот закон.

Имено, со членот 7 од Предлогот на закон се менува и дополнува членот 287 од Законот за парничната постапка, во кој  се пропишува дека странката, нејзиниот законски застапник или полномошник има право непосредно да им поставува прашања на сведоците, вештаците и на странките.

Според предлагачот на решението, Министертсвото за правда, со ваквото решение се зголемува активната улога на странките во постапката и се зголемува нивната одговорност за успехот во спорот.

Со тоа, наведува предлагачот во образложението, воедно се регулира редоследот по кој странките го остваруваат ова законско право и согласно со тие законски решенија, само кога странката, нејзиниот законски застапник или полномошник ќе заврши со поставување на прашања, претседателот на советот може да поставува прашања на сведокот, вештакот или странката, а потоа и членовите на советот можат непосредно да му поставуваат прашања.

Во првото собраниско читање, членот на Законодавно-правната комисија Ана Павловска Данева наведе дека со поднесеното законско решение се прави обид за премин во англо-саксонски правен систем наспроти досегашниот австро-германски систем. Според неа, со измената ќе произлезат многу прашања и посочи на дилемата која се наметнува за  странките кога би се снашле во новонастанатата постапка особено поради различната позиција на станките во процесното дејствие.

Како аргументи против „англосаксонската“ аргументација, Заменик мнинистертот за правда Билјана Бришковска Бошковски истакна дека предлог-законот не се прави обид да се вовед англосаксонскиот модел на право, укажувајќи дека предвидувањето на правото на странката, нејзиниот законски застапник или полномошник, непосредно, без претходна дозвола од судот, да му поставува прашања и да бара објаснувања од вештакот не значи воведување на англосаксонски модел на право, туку поефикасен механизам за улогата на странките.

Инаку, од денеска, Законот за изменување и дополнување на законот за парнична постапка е на второ читање во Законодавно-правната комисија.

Покрај прашањето за непосредното испрашување предложени се и други измени како обезбедувањето на посоодветни законски механизми странките да дојдат до доказите кои им се потребни во постапката, а не се наоѓаат кај нив и пропишувањето на задолжителен обид за решавањепо пат на медијација на стопанските спорови до 1.000.000 денари а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, пред поднесување на тужба до суд.

Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (второ читање)