/ Прочитано:

2.012

Законите кои се менуваат често и без консултација со фирмите се пречка за бизнисот

Денеска во Стопанската комора на Македонија беше одржана конференција на тема: „Актуелни предизвици на бизнис заедницата од областа на законската регулатива“, во рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. На конференцијата присуствуваа компании, претставници од Канцеларијата на УСАИД во Република Македонија, претставници од амбасадите, коморите, ресорните министерства, државните агенции и бироа, инспекциските служби и медиумите.

„Проектот на УСАИД ‘Партнерство за подобра бизнис регулатива‘ има за цел да им помогне на компаниите од Македонија да ја подобрат нивната усогласеност со законските барања и да ги зајакне капацитетите на стопанските комори во  воспоставување на конструктивен дијалог за подобра регулатива“, истакна на денешниот настан Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија.

Бизнис заедницата, беше посочено на денешната конференција, се соочува со проблемот на честите законски измени, отсуството на правна сигурност, комплицираност на регулативата и недоволното учество и консултации во подготовката на законодавството. Според податоците, фирмите најмногу се жалат дека воопшто не се консултирани кога се донесуваат регулативата и законите и дека донесувањето одредени регулативи и закони трае многу долго.

„Недостигот од консултирање на малите и средните претпријатија во процесот на креирање на деловното законодавство и честата промена на премногу сложената регулаторна рамка се идентификуваат како клучна пречка за раст на бизнисот“, беше нагласено на конференцијата.

Љубомир Димовски, проект-координатор, нагласи дека проблем за фирмите е и нивната неинформираност за определени законски барања кои произлегуваат од постојаното менување на законите и од нивниот мал внатрешен капацитет за нивно приспособување со секојдневното спроведување на прописите.

Проектот на УСАИД го реализираат Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал, консултантска куќа од Скопје како имплементациски партнер. Следни активности во рамките на овој проект се: обработка на ставовите на бизнис секторот изнесени на досегашните настани, креирање позициски документ усвоен од страна на трите комори вклучени во Проектот и презентација на овој документ пред релевантните државни институции.

M.В