/ Прочитано:

818

Законите за судството — тема на средбата меѓу Здружението на судии и Венецијанската комисија

Петок, 13 ноември 2015 – Здружението на судиите на Република Македонија вчера оствари средба со делегација на Венецијанската комисија, информираат оттаму.

Состанокот се одржа во просториите на Здружението на судиите на Република Македонија. На состанокот како претставници од Здружението на судиите на Република Македонија присуствувале  претседателот на Здружението, судијата  Николчо Николовски и потпретседателите,  судиите Антоанета Димовска и Ханиф Зендели. 

„Состанокот се одржа со цел да се разгледаат Законот за судови, Законот за Судски совет и Закон за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија“, истакнуваат од Здружението на судиите.

Вчера, како што посочуваат од Здружението на судиите, средба била остварена и со Ѓуро Сеса, судија на Врховниот суд на Република Хрватска, претседател на Здружението на судии на Хрватска и потпретседателот на Меѓународното здружение на судии,  Нина Бетето, судија и потпретседател на Врховниот суд на Словенија, потпретседател на Здружението на судии на Словенија и претставник на Словенија во Консултативниот совет на европските судии на Советот на Европа.

„Средбата беше во рамките на ИПА проектот „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативни мерки“ . На  средбата се разговараше за Кодексот за судиска етика на судиите на Република Македонија, донесен од Собранието на Здружението на судиите на Република Македонија на 20.6.2014 година и за неговата примена“, објаснуваат од Здружението на судии.