/ Прочитано:

2.053

ЗАКОНОДАВЕН БИЛАНС ЗА 2016: Донесени 362 закони и 4 733 подзаконски и поединечни акти

akad 7

Изминатата 2016 година, Собранието на Република Македонија донесе 362 закони, односно 365 закони ако ги додадеме на тој број двата ребаланси на Буџетот и новиот Буџет за 2017 година. Од 362 закони,  Собранието донесе 38 нови закони и 324 измени на законите.

237 закони беа донесени во скратена постапка и еден во итна постапка. Најголемиот дел од овие закони стапија на сила веднаш и се применуваа од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Рекордни 5 измени во текот на 2016 година имаа Изборниот законик, Законот за градење и Законот за спорт.

Во 2016 година, за 246 работни денови имаше 226 изданија на „Службен весник на Република Македонија“, што значи 17 887 страници од кои се состојат овие 226 броја „Службен весник“.

Покрај со 365-те законски наслови, изданијата на „Службен весник“ во 2016 година беа исполнети и со голем број подзаконски прописи и поединечни акти (уредби, наредби, правилници, решенија, одлуки, програми, планови, укази), донесени од Владата, од министерствата, од другите државни органи и организации, од Уставниот суд, од агенциите, од дирекциите, од регулаторните тела, итн. Имено, станува збор за 4 733 подзаконски и поединечни акти.

Во 2016 година имаше и правилници впечатливи поради големиот број страници. Од овие подзаконски прописи, еден правилник донесен врз основа на Законот за безбедност на храната беше објавен дури на 3 240 страници од „Службен весник“, а друг пак, донесен врз основа на истиот закон, беше објавен на 456 страници од „Службен весник“. Во едно издание на „Службен весник“ беше објавен и правилник по Законот за енергетика на 463 страници, како и еден правилник кој се однесуваше на полицијата, објавен на 215 страници.