/ Прочитано:

799

Стапува на сила Законот за адвокатски маркички: Казни и до 5000 евра

Петок, 6 јули 2012 – Законот за адвокатски маркички ќе стапи на сила 12 јули 2012 година, а ќе почне да се применува 1 јануари, 2013 година. Oсновна цел на овој закон е воведување и користење на адвокатски маркички од страна на адвокатите поединци, со што ќе се овозможи аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход и евидентирање на приходите кои ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со адвокатскиот тарифник. 

Информации што треба да ги знаете

  • Адвокатот е должен адвокатската маркичка да ја приложи кон секоја исправа или поднесок за кој е предвидена награда што гласи на  на минималните износи утврдени со тарифата;
  • При плаќање на наградата над минималните износи утврдени со тарифата, зголемување на наградата, како и при плаќање на трошоците согласно со тарифата, адвокатите се должни да состават писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет. Исправата или поднесокот кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или пак не содржи писмен договор во прилог ќе се смета за неуреден и ќе биде отфрлен од страна на примателот.;
  • Адвокатските маркички се издаваат на адвокатот лично. Управата за јавни приходи води евиденција за издадените адвокатски маркички;
  • За печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички  се плаќа надоместок кој е на товар на адвокатот. Висината на надоместокот се утврдува според реалните трошоци направени за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички;
  • Адвокатот е должен да води евиденција за употребените адвокатски маркички;
  • Eвиденцијата до Управата за јавни приходи се доставува најдоцна до 31 јануари во текот на годината за претходната календарска година;
  • Употребените адвокатски маркички се сметаат за аконтација на персоналниот данок на доход за календарската година во која се употребени. Неупотребените адвокатски маркички адвокатот може да ги искористи во наредните даночни периоди;
  • Во случај на престанок на вршење на дејноста, адвокатот е должен најдоцна во рок од 15 дена од денот на престанокот на вршењето на дејноста сите неупотребени адвокатски маркички да ги врати на Управата за јавни приходи за што се составува записник. Во прилог на записникот се доставува и евиденцијата за употребените адвокатски маркички.

Парични казни до 5000 евра 

Глоба во износ од 4000 до 5000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на адвокатот поединец за сторен прекршок, односно ако не состави писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет. За овој прекршок на адвокатот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од 15 дена.

Глоба во износ од 2.500 до 4.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на адвокатот поединец, ако:

  • не приложи адвокатска маркичка на исправа или поднесок;
  • не приложи писмен договор во прилог;
  • не води евиденција за употребени адвокатски маркички; и
  • не ги врати сите неупотребени адвокатски маркички во рок од 15 дена, во случај на престанок на дејноста.
За овие прекршоците на адвокатот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од 10 дена.