/ Прочитано:

10.932

Законот за минимална плата во собраниска процедура

Законот за минимална плата во Република Македонија влезе во собраниска процедура. Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија, се вели во законското образложение, ќе се овозможи исплата на минимална плата во иста висина за сите вработени, како и финансиска помош за работници кај работодавачи кои исплатувале понизок износ на минимална плата утврдена со Закон, во периодот јануари-март 2017 година.

Со Законот за минимална плата во Република Македонија се уредени висината на минималната плата, висината на минималната плата за одделите производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа од 2012 до 2018 година, усогласувањето на истата, инспекцискиот надзор, прекршочни одредби и сл.

Во законското решение се предвидува дека исплатената висина на минималната плата во бруто-износ за претходната година се усогласува во март секоја година со една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Македонија; една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто-домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско- социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто-износ усогласена согласно став 1 од овој член во „Службен весник на Република Македонија“ во март секоја година, која ќе започне да се исплатува со платата за април во тековната година.

Во предложеното законско решение се пропишува дека висината на минималната плата во бруто-износ за исплата на плата за септември 2017 година, заклучно до исплатата на платата за јуни 2018 година, изнесува 17.130 денари.

„Висината на минималната плата во бруто-износ за исплата на плата за јули 2018 година, заклучно до исплатата на платата за март 2019 година, ќе се утврди во јуни 2018 година врз основа на утврдената висина на минималната плата утврдена за периодот септември 2017 година – јуни 2018 година, согласно одредбите на предложениот закон“, се вели во предложените законски измени.

Во врска со нормираниот учинок во предложените законски измени се вели дека нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот, секоја година во февруари, врз основа на критериуми на ефикасност на производниот процес, утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците, а кои критериуми мора да се исти за секоја техничко-технолошка целина кај работодавачот.

Нормираниот учинок треба да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко-технолошка целина, поодделно. Работодавачот е должен, на крајот на секој месец, на работникот да му издаде потврда за остварениот нормиран учинок, заедно со писмената пресметка на платата.

За работник кој работи со скратено работно време или остварува помалку работни часови од полното работно време, во законот се вели дека висината на минималната плата се пресметува сразмерно на бројот на остварените работни часови.

Во предложеното законско решение се предвидува глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице ако не утврди нормиран учинок и не издаде потврда за остварениот нормиран учинок.

Во законот се предвидува и финансиска помош за исплата на минимална плата и контрола во остварувањето и користењето на финансиската помош.

Финансиската помош ќе се обезбедува доколку работодавачот има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација, работникот за кој се обезбедува финансиската помош да не е ослободен од плаќање на персонален данок на доход или придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот во 2016 година да остварил загуба или нето-добивка по оданочување во износ помала од 10% од вкупните расходи и работодавачот треба да ги има подмирено обврските за вработените по основ на плата, придонесите од задолжително социјално осигурување и даноци заклучно со последниот ден од месецот кој претходи на месецот за кој се обезбедува финансиската помош.

Законското објаснување на содржината на одредбите на предлог-законот

Со членот 1 се дополнува членот 2 со три нови ставови со кои се предвидува начинот на утврдување на нормираниот учинок и се утврдува обврска за работодавачот за издавање потврда за остварениот нормиран учинок на работникот.

Со членот 2 се менува ставот (2) од членот 3, со кој се допрецизира одредбата за исплата на минимална плата во случаи кога работникот работи со скратено работно време или остварува помалку работни часови од полното работно време.

Со членот 3 со ставот 1 е предвидено усогласувањето на минималната плата да се врши со по една третина од порастот на платите во Републиката, трошоците на живот и реалниот пораст на бруто-домашниот, a со ставот (2) се предвидува минималната плата да се објавува секоја година во март, а исплатата да започне од април во тековната година.

Со членот 4 се додава нова глава, во која е пропишана финансиската помош за исплата на минималната плата, контролата во остварување и користењето на финансиската помош. Имено, со новиот член 4-а се предвидува финансиска помош  од Буџетот на Република Македонија  и тоа во висина од 500 до 2.000 денари, во зависност од висината на исплатената месечна нето-плата кај работодавачот во периодот јануари- март 2017 година, а за периодот март -август 2018 година помошта ќе изнесува 50% од  утврдената помош со ставот (1) на овој член .

Финансиската помош ќе се обезбедува доколку се исполнат условите предвидени во членот 4-в, односно работодавачот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација, работникот за кој се обезбедува финансиската помош да не е ослободен од плаќање персонален данок на доход или придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот во 2016 година да остварил загуба или нето-добивка по оданочување во износ помала од 10% од вкупните расходи и работодавачот треба да ги има подмирено обврските за вработените по основ на плата, придонесите од задолжително социјално осигурување и даноци заклучно со последниот ден од месецот кој претходи на месецот за кој се обезбедува финансиската помош.

Исплатата на помошта ќе се врши преку Министерството за труд и социјална политика (член 4-г) за што ќе се пропише подзаконски пропис во кој ќе се пропише начинот на обезбедување на финансиската помош, а контролата во остварувањето и користењето на финансиската помош ќе ја врши Управата за јавни приходи (4-е).

Со новиот член 4-ѓ е предвидено за работникот за кој ќе се обезбеди финансиска помош, работодавачот истиот да не може да го отпушти минимум 1 години по добивање на помошта, а ако го отпушти има обврска да ги врати средствата, освен во случај на смрт на работникот, остварување право на пензија и престанок на работниот однос по вина или волја на работникот.

Со членот 5 се утврдува висината на глобата за работодавачот кој не утврдил нормиран учинок и не му издал потврда на работникот за остварениот нормиран учинок, на крајот на секој месец.

Со членот 6 се брише алинеја 5 од Законот за изменување на Законот за минимална плата во Република Македонија ( „Сл. весник на РМ“ бр. 30/14), поради тоа што висината на минимална плата за сите оддели ќе биде на исто ниво.

Со членот 8 се предвидува исплатата на минимална плата во висина од 10.080 денари во нето-износ да се врши заклучно со исплатата на платите за август 2017 година, а за вработените од производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа во износ од 9.590 денари во нето-износ.

Со членот 10 е утврдена минималната плата во бруто-износ од 17.130 денари, која ќе се исплатува со исплатата на платите од септември 2017 година до јуни 2018 година.

Од јули 2018 година до март 2019 година минималната плата ќе се утврдува на начин пропишан со членот 3 на овој закон.

М.В