/ Прочитано:

1.657

„Законот за прекршоците од управата создaва парасудска власт, што е флагрантна повреда на уставните начела“ – Интервју со академик ВЛАДО КАМБОВСКИ

Во Македонија се донесуваат закони без доволна подготовка и без консултација со стручната јавност и со науката. Законодавецот не е апсолутно слободен да донесува закони кои се спротивни на Уставот и на темелните уставни начела и вредности. Решенијата во Законот за прекршоците претставуваат флагрантна повреда на тие уставните начела бидејќи само суд во судска постапка може да донесува конечни и извршни решенија и одлуки, додека, пак, законските решенија за одмерувањето на казната и за советот за утврдување на одговорност кај  судиите значат поместување на начелото за поделба на власта. Ваквите решенија треба под итно да се повлечат од правниот систем затоа што значат удар на неговата конзистентност, вели академикот Владо Камбовски во интервјуто за Академик.

Законодавецот не е апсолутно слободен да донесува закони какви што сака

„Пречестото менување на законите стана лоша практика. Се донесуваат закони без доволна подготовка, во смисла на донесување на закони без консултирање на луѓето од струката  и на оние што треба да ги применуваат законите, како и без консултации со науката, бидејќи и правната наука си има свои законитости кои законодавецот мора да ги почитува. Законодавецот не е апсолутно слободен да донесува закони какви што сака и во тие закони да спроведува одредени идеи. Тој може да спроведува идеи, но тие мора да  бидат во согласност со Уставот, со уставните начела и со меѓународните стандарди“, вели академикот Камбовски.

Камбовски како едно од решенијата кои значат отстапување и прекршување на уставните начела го издвојува Законот за прекршоците, во кој, како што вели, име бројни лоши решенија, но најдискутабилни се оние кои создаваат „парасудска власт“ од управата.

Само суд во судска постапка може да донесува конечни и извршни решенија и одлуки

„Еден од примерите каде што законодавецот очигледно не ги почитувал тие уставни начела е Законот за прекршоците. Во овој Закон за прекршоците, покрај другите лоши решенија, е вградено едно решение според кое второстепената државна комисија за прекршоци, во рамките на администрацијата, донесува конечни и извршни одлуки, а дури потоа лицето кое е осудено за прекршок, може да покренува управен спор пред Управниот суд за да се поништи таквото решение. Тоа е спротивно на уставните начела за судската заштита на човековите права, според кои: само суд во судска постапка може да донесува конечни и извршни решенија и одлуки, со кои некое лице, физичко или правно,  може да се осуди за прекршок и да му се изрече казна која ќе биде извршена, во случајот со прекршоците да му се изрече глоба или некоја друга прекршочна санкција“, вели академикот Камбовски, потенцирајќи дека решенијата во Законот за прекршоците значат флагрантна повреда на уставните начела.

Флагрантна повреда на уставните начела – ваквите законски решенија под итно да се повлечат

„Значи, ова претставува флагрантна повреда на уставните начела! Јас неколку пати предлагав овој закон или таквите решенија во законот итно да бидат повлечени бидејќи тие ќе направат големи проблеми во практиката, а тие проблеми ќе настанат во оној момент кога бројните постапки кои ги покренува управата за изрекување на глоби на правни лица, кои се движат во огромни износи, ќе доведат до блокади на тие правни лица, без можност во судска постапка истите да ги коригираат“, нагласува Камбовски.

Управата како параполициска и парасудска структура

„Од системски аспект, додава тој,  ова се лоши решенија бидејќи ја претвораат управата, која треба да биде сервис на граѓаните и правните лица, во некаква парасудска  и параполициска структура“. Според Камбовски, ваквото, како што истакнува, лошо решение за управата значи оддалечување од нејзината основна функција, која подразбира применување на  законите во интерес на граѓаните и правните лица,  преку обезбедување на услови за вршење на дејности и брзо решавање на барањата за остварување на своите интереси и права.

„А сега одеднаш управата се претвора во орган кој истражува прекршоци и целата своја функција ја редуцира на целата таа репресивната функција. Таа е предвидена во Уставот, таа има овластувања да поведува прекршочни постапки за некои најлесни прекршоци, има и овластувања, се разбира, дури и во втор степен да решава за одлуките на првостепените прекршочни комисии, но затоа секогаш лицето мора да го има правото на судска заштита и на законитоста на таквите акти на управата. Без тоа доаѓа до поместување на начелото за поделба на власта на законодавната, извршната и судската власт, бидејќи  вака не се знае каде завршува извршната, а каде завршува судската власт.  Се знае што е работа на судот, во смисла на човековите права и слободи и нивното ограничување, а што работа на управата, тоа е јасно разграничено во Уставот и затоа тука првично се работи за прашање кое е мошне принципиелно“, образложува академикот.

 Лоши закони кои ги растројуваат  темелните уставни начела и вредности

„Еве, ова е пример како преку лоши закони можете ги растроите некои од темелните уставни начела и вредности  и затоа треба многу да се внимава кога се подготвуваат и кога се донесуваат законите,  да се консултираат луѓето кои се стручни и кои ги знаат  овие области, а дури потоа да се донесуваат решенија кои се целесообразни и кои нема да оставаат сомнеж дали ќе може да се спроведе одреден закон во интерес на граѓаните и со почитувањето на уставните начела, како предуслов за остварување на човековите права“, додава академикот Камбовски.

Камбовски, исто така, истакнува дека, исто така, покрај Законот за прекршоците, и законските решенија за одмерувањето на казната и за советот кој ќе ја утврдува одговорноста на судиите значат мешање во судската власт и порачува дека ваквите решенија неопходно е да претрпат ревизија и да бидат повлечени од домицилниот правен систем.

Никаков совет не смее да се меша во вршењето на судската власт – потребна е ревизија и повлекување на законските решенија

„Законските решенија за одмерувањето на казната и Законот со кој се формира некаков совет за утврдување на одговорноста на судиите – се мешање во судската власт. Никаков совет или некое слично тело вон судството не смее да се меша во вршењето на судската власт, во тоа како ќе одлучуваат судиите. За тоа постои Судскиот совет, кој ја гарантира независноста  на судската власт, односно на судиите, и во чии рамки може да се формираат такви инспекциски тела, но да создадете едно тело, за кое нема никаква основа во Уставот и да го „фрлите“ меѓу Судскиот совет и судовите, и тоа да биде составено од пензионери кои никаде и никому не одговараат, тоа навистина претставува едно многу непромислено решение. И затоа повторно нагласувам ова решение и другите решенија кои не се усогласени со уставниот систем и поделбата на власта треба под итно да се тргнат од нашето законодавството и од правниот систем затоа што тие директно ја нарушуваат неговата конзистентност!“, нагласува академикот Камбовски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

14 декември 2015