/ Прочитано:

1.087

ЗАКОНСКИ ИСКЛУЧОК: И покрај неплатените даноци, државните органи како содружници ќе можат да вршат продажба на удел

Вторник, 24 ноември 2015 – Во Собранието на Република Македонија, предложени се нови измени на Законот за трговските друштва. Целта на Предлог на Законот е воведување исклучок од примената на одредбата од членот 197 став 7 од Законот за трговските друштва.

„Како основно решение, понудено со Предлог на законот е овозможување на органите на државната управа и фондовите основани од државата, кои се јавуваат како содружници во друштвото, а должат по основ неплатени даноци, царини и придонеси, да можат да вршат продажба и пренос на удел стекнат по основ на закон, во своето или во друго трговско друштва“, се вели во законското образложение.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, објавен во Службен весник на Република Македонија бр.38/2014, воведена е одредба во членот 197 со која се забранува содружниците кои должат по основ неплатени даноци, царини и придонеси да не можат да купуваат, ниту да вршат пренос на удели во своето, ниту во други трговски друштва. Согласно Законот, забраната започна да се применува од 1 јануари 2015 година.

„Во врска со примената на оваа одредба, реакција има од страна на Фондот за пенизиско и инвалидско осигурување кој се јавува во својство на содружник во Трговско радиодифузно друштво Радио Свети Николе ДОО Свети Николе, кој како содружник должи по основ неплатени придонеси за здравствено осигурување, поради што не е во можност да изврши промена во сопственоста на уделот во ова друштвo.

Врз основа на барањето од Фондот, Владата на Република Македонија, на седница одржана на 28.10.2015 година, донесе заклучок со кој Министерството за економија е задолжено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, да ја преиспитаат примената на одредбата од членот 197 став 7 од Законот за трговските друштва, со цел решавање на проблемот со кој се соочува Фондот и дргите државни органи и институции, кои се јавуваат како содружници во друштва со ограничена одговорност и друштва со ограничена одговорност на едно лице, како сопственици на удели стекнати по основ на закон и да предложат соодветни измени на Законот за трговските друштва.

Имајки го во предвид наведеното, Министерството за економија, по претходно спроведени консултации со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, подготви Предлог на Закон за дополнување на Законот за трговските друштва“, се истакнува во законското образложение на предложените измени.

M.В