/ Прочитано:

1.374

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Централниот регистар ненајавено ќе ги проверува регистрационите агенти

Централниот регистар ќе ги контролира носителите на овластување регистрационен агент, во однос на исполнувањето на критериумите за добивање овластување, постапувањето при поднесување пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација. Ова се предвидува во новите измени на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, предложени во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка.

advokati digtalizacija komjuterizacija

Со измените се уредува правото на приговор од страна на подносителот на барањето за издавање на  податоците запишани во регистарот, во вид на информација, потврда, отпечаток од скенирани записи и слично, до Централниот регистар, доколку му биде оневозможено правото за достапност и користење на податоците од регистрите.

Против издадените податоци во вид на информација, потврда, отпечаток од скенирани записи, странката може да изјави приговор. Приговорот се поднесува до Централниот регистар во рок од осум дена од приемот на информацијата, потврдата, односно отпечатокот од скенираниот запис. По приговорот одлучува посебен организационен дел на Централниот регистар. Решението по приговорот се донесува од страна на Централниот регистар, во рок од 15 дена од денот на приемот на приговорот. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

Исто така, се воведува надлежност на Централниот регистар да врши контрола над работата на носителот на овластувањето регистрационен агент, во однос на исполнувањето на критериумите за добивање овластување, постапувањето при поднесување пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација.

Во предложените измени се пропишува дека Централниот регистар врши контрола на носителот на овластување регистрационен агент, во однос на исполнувањето на критериумите за добивање овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за  е-регистрација. Контролата од Централниот регистар се спроведува по службена должност, или по претходно поднесена пријава, со претходна најава или ненајавено. Контролата се спроведува теренски преку непосредна проверка во просториите на носителот на овластувањето и преку евидентираните податоци во регистрите.

Централниот регистар изготвува годишен план за контрола и на својата веб-страница објавува листа на субјекти кои ќе бидат предмет на контрола и временскиот период во кој ќе се спроведе контролата. Дополнително, ги известува субјектите предмет на контролата и преку евидентираната адреса на електронско сандаче.

Непосредната  теренска контрола опфаќа проверка  на идентичноста на податоците содржани во пријавата и прилозите поднесени преку Системот за е-регистрација, со податоците содржани во прилозите доставени до регистрациониот агент од субјектот на упис, на исполнетоста на определените критериуми, потоа, дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на  основање трговец поединец и трговско друштво се постапува во согласност со Законот за трговските друштва.

„Непосредната теренска контрола ја спроведуваат службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот на Централниот регистар. Регистрационите агенти се должни на овластеното службено лице  да му обезбедат услови за спроведување на контролата, како и да му овозможат увид во потребните исправи и податоци.

За спроведената контрола, овластеното службено лице составува записник во кој се евидентира утврдената фактичка состојба. Записникот го потпишуваат овластеното службено лице и контролираниот регистрационен агент.

Доколку регистрациониот агент одбие да го потпише и да го прими записникот, одбивањето не е од значење за поведување постапка за одземање на овластувањето.

Доколку при спроведувањето на контролата се утврди неисполнување на предвидените критериуми или непостапување во согласност со Законот за трговските друштва, овластеното службено лице со записник го задолжува регистрациониот агент во рок од 15 дена да ги отстрани утврдените недостатоци.

Овластеното службено лице доколку утврди повреда на член во записникот, ќе констатира дека ќе се поведе постапка за донесување решение за одземање на овластувањето регистрационен агент“, се пропишува во предложените законски измени.

Исто така, со предложените решенија се предвидува супсидијарната примена на новиот Закон за општа управна постапка, во недостаток на одредби од Законот за едношалтерскиот систем во делот на регулирање на постапката за упис на субјектите.

М.В