/ Прочитано:

2.099

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Платите во јавните претпријатија и фирми нема да може да „растат“ без владин амин

Среда, 6 август 2014 – Платите на раководителите и на вработените во Управните одбори на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе се зголемуваат единствено со владина согласност.

Зголемувањето на платите под опсервација на Владата

Ваквата нова „јурисдикција“ над платите во овој домен е предвидено во новите измени и дополнувања на Законот за трговските друштва и Законот за јавните претпријатија.

Со измените се предвидува дека зголемувањето или регулирањето на висината на платите на вработените во акционерските друштва во државна сопственост да биде со одлука на управниот одбор, но по предходна согласност на Владата на Република Македонија, а истото се однесува и за јавните претпријатија за кој се предлага зголемувањето  или регулирањето на висината на платите  на вработените во јавните претпријатија  основани од Владата да биде со одлука на управниот одбор, но по претходна согласност на Владата на Република Македонија.

Контролата како законска цел

„Целта на предложеното изменување и дополнување на Законот за трговските друштва е овозможување прецизирање во делот на утврдување на висината на бодот за пресметување на платите на вработените во друштвото  со ограничена одговорност  како и во акционерските друштва, со што се прецизира дека  кога Владата на Република Македонија може во својство на собрание на акционери односно на единствен содружник  да го добри актот за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите, а целта на предложеното изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија е да овозможи  поголема транспарентност и унифицирање во работењето на јавните претпријатија, пред се во делот на  регулирањето  на платите на вработените, со тоа што Управниот одбор ќе го носи  актот за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените во јавните претпријатија, на кој согласност ќе дава основачот на јавното претпријатие“, се вели во пакетот законски измени кои се во собраниска процедура.

Транспарента постапка за платите во едни од најатрактивните „дестинации“ за вработување

Управните одбори на МЕПСО, АД ЕЛЕМ, ЈП „Македонски шуми“, „Македонски железници“, „Македонијапат“, АД „Македонска пошта“, МРТ, „Службен весник“, се дел од јавните претпријатија кои ќе бидат опфатени со новите законски измени, со кои ќе се овозможи платите да се регулираат на начин што управниот одбор ќе носи одлука за ова, а истото ќе може да се спроведе со претходна согласност на Владата.

„Со воведувањето на оваа законска одредба би се овозможила поголема транспарентност и унифицирана постапка во делот на  регулирањето на висината на платите на вработените во јавните претпријатија, со тоа што Управниот одбор ќе го носи  актот за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените во јавните претпријатија,  на кој согласност ќе дава основачот на јавното претпријатие, а истото се однесува и акционерските друштва во државна сопственост преку кои би  се овозможило прецизирање во делот на утврдување на висината на бодот за пресметување на платите на вработените во друштвото  со ограничена одговорност како и во акционерските друштва“, велат од Министерството за економија.

Инаку, управните одбори во јавноста често се споменуваат како едни од поатрактивните дестинации за ангажман и вработување, посебно ако се земе во предвид и висината на платите за овие места. Неодамна Владата распиша голем  оглас за над 220 членови на управни и надзорни одбори во државни агенции, јавни претпријатија, клиники итн, за кои потврди дека има „голем интерес“.

ПРЕДЛОГ – З А К О Н за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН за изменување дополнување на Законот за јавните претпријатија

M.В/veljanoskim@akademik.mk