/ Прочитано:

3.219

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Посебно одделение во Кривичниот суд за кривични дела извршени во службата од полициски службеници

Во подготовка се измени на Законот за судовите со кои се предвидува посебна надлежност за специјализирано судско одделение кое ќе постапува по предметите во врска со кривични дела извршени од страна на лица вработени во МВР кои имаат полициски овластувања и од припадниците на затворската полиција. Во таа насока најавени се и законски измени за Обвинителството.

„Во измените на Законот за судовите се предвидува посебна надлежност за специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје I – Скопје да постапува по предметите за кои Одделението во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде надлежно за кривично гонење за сите кривични дела извршени од страна на лица вработени во МВР кои имаат полициски овластувања и од припадниците на затворската полиција“, се вели во законското образложение.

Преку воспоставување на новиот механизам, се посочува во образложението, ќе се овозможи и зајакнување на кредибилитетот на полицијата и нејзината транспарентност воопшто и ќе се поведе ефикасна борба против несоодветното постапување во различни сектори, како и заштита на човековите права.

Постоењето на независни, ефикасни и навремени механизми за контрола на работата на полицијата е барање во согласност со ЕКЧП и нејзиното прецедентно право, како и во согласност со наодите на Европскиот комитет за превенција од тортура (КПТ), мислењето на Комесарот за човекови права на Советот на Европа во однос на независното и ефикасно одлучување по жалбите против полицијата и другите меѓународни стандарди итн. Таквите механизми мора да бидат практично и хиерархиски независни од оние чие постапување е предмет на истрага, отворени кон увид на јавноста и да можат да донесуваат правнообврзувачки одлуки.

Извештаите за ситуацијата во однос на човековите права во државата, како што се оние на КПТ, на ОБСЕ, на Амнести интернешнал, на Државниот секретаријат на САД, како и извештаите на Народниот правобранител/НПМ и националните невладини организации за човекови права кои работат на жалби за полициски злоупотреби, силно сугерираат дека контролните механизми над телата за спроведување на законот не се на соодветното ниво потребно за држава кандидат за членство во ЕУ.

Релевантните пресуди на ЕСЧП против државата утврдиле дека имало повреди на членот 3 од Конвенцијата (забрана на тортура и нечовечко или понижувачко постапување), поконкретно, утврдиле дека имало повреда во однос на процедуралниот аспект од овој член поради тоа што властите не спровеле ефикасна истрага по наводите на жалителот за полициска бруталност. Прашањето на ефективна и навремена истрага беше разгледано во секој предмет поединечно и секогаш наодот гласеше дека овој услов не бил исполнет, па затоа беше утврдено дека постои повреда од процедурален аспект.

„Детектираната неактивност на Обвинителството е резултат како на самото нивно работење во рамките на нивната надлежност, така и на неактивноста на службите во рамките на МВР. Нецелосната зависност (хиерархиската поставеност на службите, потпирање во извештаите само на искази на полициски службеници), како и пристрасноста во работењето на посебни служби на МВР како резултат на претпоставени елементи, како блискост помеѓу полициските службеници или друг вид на поврзаност (пријателска или роднинска) не е посебно разгледувана, иако има елементи за испитување за нејзино евентуално постоење. Овие проблеми треба да се разгледуваат од неколку аспекти, меѓу другото, и од аспект на потребата за воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата дополнително на постојниот механизам за внатрешна контрола“, се истакнува во образложението.

Забраната на тортура и други форми на несоодветно постапување, како и правото на живот, во случај кога се одговорни припадници на полицијата, тие треба да одговараат за своите постапки во согласност со законот, а за таа цел треба да се спроведе ефективна и навремена истрага. Анализата на десет пресуди донесени од  ЕСЧП,  кои се однесуваат на РМ, покажува дека во сите случаи ЕСЧП утврдил дека не била спроведена ефективна и навремена истрага, поради што е најдена повреда од процедурален аспект.

Утврденото од страна на ЕСЧП, се вели во образложението, е причина за воспоставување на независен и ефикасен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата, а сржта на тој механизам е формирање на посебно Одделение во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое ќе биде надлежно за кривично гонење за сите кривични дела извршени од страна на лица вработени во МВР кои имаат полициски овластувања и од припадниците на затворската полиција, а кои се сторени при вршењето на службената должност, како и кривични дела извршени од страна на истите лица надвор од вршењето на службата со употреба на сила или средства на присилба, ако како последица настапила смрт, тешка телесна повреда или телесна повреда, доколку со Закон е предвидено кривично гонење по службена должност.

M.В