/ Прочитано:

2.715

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации

Управниот одбор на Адвокатска комора на Република Македонија во извештајниот период ги преземаше сите активности за целосно остварување на својата функција во согласност со одредбите од членот 37 од Законот за адвокатура и членот 23 од Статутот на АКРМ.  Во таа смисла и во овој извештаен период продолжија напорите за внесување законски решенија во интерес на адвокатурата, конкретно насочени кон зголемување на обемот на работа на адвокатите, велат од Адвокатската комора на Република Македонија.

Закон за нотаријатот                           

„Во извештајниот период Управниот одбор продолжи со интензивните активности насочени кон изготвување на нов Закон за нотаријат кои наидоа на позитивен одек во Владата на РМ. Во новиот Закон за нотаријат е предвидено адвокатите да бидат вклучени во сите постапки, задолжително изготвување на акти од страна на адвокат, присуство на адвокатите во постапките и задолжителен адвокатски печат, приватните исправи се во целост вратени на адвокатите со вредносен лимит над 10.000 евра, без исклучок во целост се опфатени платните налози, предлозите и жалбите при постапките за платните налози. Конечниот текст на новиот закон е изготвен така, што оваа активност е во финална фаза и претставува приоритет на Управниот одбор“, се посочува во Извештајот на АКРМ.

Според АКРМ, со донесувањето на новиот Закон за нотаријат се очекува да им се врати голем дел од работата на адвокатите, а истовремено ќе се елиминираат и појавите на неовластено изготвување правни акти.

„Учеството на адвокатите во својство на заштитници на правата на граѓаните во сите видови постапки, вклучително и во нотарските постапки, претставува само придонес кон владеењето на правото и повисок степен на заштита на правата на граѓаните“, велат од АКРМ.

Закон за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица

„Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е во фаза на воведување измена во смисла дека регистрациони агенти за основање на сите видови друштва ќе бидат и адвокати, но и сите промени во трговскиот регистар ќе бидат вршени исклучиво од адвокати, со надомест во согласност со адвокатската тарифа. Се предвидува овие законски измени да се донесат во септември 2015 година“, посочуваат од АКРМ.

Закон за кривична постапка

Адвокатската комора на Република Македонија е вклучена во работната група за измена на Законот за кривична постапка. Од Комората велат дека потребата за измени е резултат на досегашната примена на Законот.

„Во измените по иницијатива на Комората, полномошник на оштетениот може да биде исклучиво адвокат, листите ex officio да се изготвуваат исклучиво од страна на Адвокатска комора на РМ, а претседателите на судовите се должни да го почитуваат редоследот на тие листи, проширување на ситуации за учество на адвокати како советници на жртва при прво повикување, итн“, известуваат од Комората

Закон за извршување

„Во измените на Законот за извршување, повторно по иницијатива на Комората, е влезено дека предлозите за извршување со вредност над 10.000 евра мора да содржат адвокатски печат. Текстот на измените на Законот за извршување се во владина процедура“, велат од АКРМ.

Закон за општа управна постапка

„Измените на Законот за општа управна постапка се во фаза на собраниска процедура. Во текстот на предлогот експлицитно е наведено дека странките мора да ги застапува адвокат. Тука не е можно да се воведе ексклузивитет бидејќи имаме и управни постапки што се од минорно значење“, укажуваат од АКРМ.

Закон за парнична постапка

 „До Министерството за правда на Република Македонија е доставен Предлог за измени за Законот за парнична постапка. Од Министерството е добиен став дека следува реанализа на измените на Законот за парнична постапка од 2010 година во практиката, при што ќе се земат предвид и предлозите на Адвокатската комора. Во предлозите дадени од Комората се опфатени повеќе прашања меѓу кои: изостанокот од рочиште на тужителот да не биде автоматска причина тужбата да се смета за повлечена, туку само ако адвокатот во рок од 30 дена не побара продолжување на постапката; членот 149 став 1 од ЗПП, кој му дава право на судот да оцени кои се неопходни трошоци во постапката, да се дополни дека тоа не се однесува на трошоците на адвокатите; воведување можност вештачење да се предлага и во поодминати фази на постапката; ревизија задолжително да биде составена од адвокат; во членот 81 став 1 алинеја 2 и 3 да се бришат, така што полномошник ќе може да биде само адвокат, а на вработени правници и роднини, и други“, се наведува во Извештајот на АКРМ.

Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување

Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е во правна важност и практична примена од 2009 година и оттогаш, по однос на пресметување на придонесите на адвокатите не бил менуван, ниту е сменета практичната примена.

„По повод измените на овој закон, со кои се укина максималниот износ на пресметување на плати (кој набрзо е вратен), уште во февруари месец оваа година Управниот одбор и претседателот на АКРМ побараа измени на законската регулатива во смисла основица за придонеси да биде платата што адвокатот како самовработено лице самостојно ќе си ја одредува во вид на заработувачка, а бруто-платата ќе се признава во трошоците на работењето на адвокатите. Се разбира најниска основица за пресметување придонеси, како и во сегашниот закон ќе биде износот на една просечна плата. Со тоа и самовработените лица ќе имаат ист третман со останатите вработени лица и по однос на правото на заработувачка како лично примање и по однос на правото на плата како заработувачката, но и третманот на платата и придонесите како трошок на работењето. Според досегашната регулатива, како трошок на работењето се признаваат само придонесите“, велат од АКРМ.

Според Комората, неточни се информациите дека придонесите ќе се пресметуваат на поинаков начин од досега (наводно на цел нето-приход), ниту, пак, има правна основа за тоа.

„Дезинформација е дека придонесите ќе бидат пресметувани во согласност со членот 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, категоричен став на Адвокатската комора на РМ е дека тие одредби се апсолутно неприменливи и за адвокатите, и за кого било бидејќи се однесуваат на категорија што не постои: „месечна аконтација на нето приход”. Со предлогот на АКРМ од февруари 2015, гореспоменатото барање на Адвокатската комора, се бара целосно елиминирање на оваа законска одредба. Ваквото погрешно толкување на Законот некои адвокати го пласираа повикувајќи се на толкувања од сметководители што не го сметам за придонес кон јакнење на угледот на адвокатурата, затоа што адвокатот е тој што дава правна помош и што е најкомпетентен за правилно разбирање на законските одредби. Управата за јавни приходи на Република Македонија и Адвокатската комора на Република Македонија се во постојана комуникација и соработка за разрешување на сите прашања кои се од значење за адвокатите, при што органите на АКРМ во секој момент се прифатени како сериозен соговорник, компетентен за толкувања на законската регулатива, но и за предлагање на законски подобрувања“, посочуваат од АКРМ.

Граѓански законик

„Во извештајниот период Управниот одбор вложуваше исклучителни напори за што помасовно вклучување на членовите на АКРМ во овој процес со објавување на повик за предлози, сугестии и мислења со прилог на целиот нацрт-текст на Граѓанскиот законик на веб-страницата на Комората. Беа направени и дополнителни напори за вклучување на членовите на Комората во овие активности, така што нацрт-текстовите со сите дополнителни работни материјали и барања за измени, кои се доставени до работната комисија, беа доставени до сите адвокати по е-пошта“, стои во Извештајот на АКРМ.

Од АКРМ констатираат дека и покрај сите активности преземени од Комората, членовите на комората не одговараат и се незаинтересирани.

„Нотарите први поднесоа предлози за измена на Законот со обид да воведат нотарскиот акт да влезе како форма на договор, на што никој освен Адвокатската комора на РМ немаше никакви забелешки, ни работната група, ни Врховниот суд, така што адвокатурата повторно ќе се соочеше со одземање на дел од 5 нејзини ингеренции. Управниот одбор продолжува со активности насочени кон активно учество во изготвувањето на Граѓанскиот законик, постапка што е сè уште во првична фаза и што претставува отворена можност за сугерирање на законски решенија во интерес на адвокатурата. Управниот одбор на АКРМ оствари посебна работна средба со проф. Гале Галев, претседател на Комисијата за изработка на Граѓанскиот законик, кој детално посочи за текот на активностите на работната група. Граѓанскиот законик треба да ги интегрира нормите со кои се уредуваат граѓанско-правните односи во комплетен и непротивречен систем и ќе претставува историски чин за државата. Во процесот на кодифицирање на Граѓанскиот законик е особено значајно активното учество на адвокатите како практичари и повторно да се апелира до колегите да се вклучат, имајќи предвид дека адвокатите се тие што директно го применуваат правото, па во тој контекст се и најкомпетентни да дадат издржани и конструктивни предлози и забелешки, кои ќе бидат од особено значење за квалитетот на Граѓанскиот законик, а особено за неговата применливост во пракса. Очекуваме во идниот период да се реализираат заложбите на Комората за изготвување на предлози за измена на закони и натамошни активности за нивно донесување, да се направат дополнителни напори за вклучување на членовите на АКРМ во активностите на Комората, на начин што Адвокатската комора на Република Македонија би го покажала своето високо стручно и професионално ниво како целина“, посочуваат од АКРМ.

Адвокатите ќе бидат овластени подносители на електронска пријава за основање, промени и бришење на трговските субјекти

М.В / veljanoskim@akademik.mk

26.5 2015