/ Прочитано:

790

ЗАКОНСКИОТ РЕЖИМ ЗА ХОНОРАРИТЕ СОЗДАВА ПРАВНА НЕСИГУРНОСТ: Стопанствениците бараат реформа на фондовите за пензиско и здравствено осигурување

Четврток, 12 февруари 2015 – Регионалната комора при Стопанската комора на Македонија со седиште во Скопје го разгледа пакетот предложени измени и дополнувања на законите со кои се уредуваат задолжителното социјално осигурување и здравственото осигурување (Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Предлогот на Законот за изменување на Законот за работните односи, Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Предлогот на Законот за изменување на Законот за здравственото осигурување).

„Се утврди дека предвидениот законски режим за пресметка и уплата на придонесите остварени врз основа на договор за дело, авторски договор или друг договор, со кој е определен надоместок за извршена работа за лице што остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, уредени со наведените законски прописи, и повеќе од еден месец од започнувањето на примената предизвикува правна несигурност и проблеми во остварувањето на секојдневното работење на деловниот сектор“, велат тие.

За таа цел, Регионалната комора со седиште во Скопје донесе заклучок да се поднесе иницијатива до надлежните државни органи, со која се укажува дека примената на овие норми им предизвикува тешкотии на деловните субјекти во исполнувањето на обврските, во согласност со наведените законски прописи.

„Со иницијативата ќе се укаже на потребата да се прецизира механизмот со кој се уредува обврската за плаќање на придонеси од задолжителното социјално осигурување и здравственото осигурување, поради што е потребно да ѝ се остави доволно време на бизнис-заедницата активно, со свои предлози и сугестии да се вклучи во креирањето на овој механизам, кој ќе покаже ефикасност и функционалност во практиката“, посочуваат од Регионалната комора.

Со поднесената иницијатива, велат тие, ќе се побара да биде спроведена сериозна реформа на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во согласност со модерните стандарди на живеење, како и да биде спроведена сериозна реформа на Фондот за здравствено осигурување, при што е потребно да се донесе минимален пакет на уплата и користење услуги, како и да се предвиди систем на скалести уплати и правата што произлегуваат од нив, во согласност со висината на уплатата на месечно ниво.

M.В / veljanoskim@akademik.mk