/ Прочитано:

3.537

Законските одредби за распишувањето на локалните избори

Во член 16 од Изборниот законик се пропишува дека изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина на мај.

„Од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена“, се пропишува во член 12 од Изборниот законик.

Исто така, во член 12 од Изборниот законик се пропишува дека актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржување на изборите.  Според Уставот на РМ, пак, претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.

Во член 67 од Уставот на РМ, се пропишува дека Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во амандман 16 од Уставот на РМ се вели дека законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во измените и дополнувањата на Изборниот законик од 2014 година кои се однесуваа на одржувањето на локалните избори, се направи и измена на член 16 според кој се пропишува дека локалните избори се одржуваат во првата половина во мај, наместо во втората половина на месец март, како што дотогаш беше пропишано.

M.В