/Прочитано:

908

Законското етаблирање на македонската адвокатура во независна Македонија

Како резултат на изразената волја на македонските граѓани на референдумот од 8 септември 1991 година, Република Македонија се конституира како суверена и самостојна држава. Таа година Собранието на Република Македонија го донесува и првиот Устав на Република Македонија како самостојна држава, во кој се втемелува и адвокатурата како самостојна и независна служба.

„Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон“ – се вели во членот 53 од Уставот на Република Македонија.

1992 година: Забелешките на Адвокатската комора – клучни во јавната расправа

Законското етаблирање на македонската адвокатура во самостојна и суверена Македонија, врз основа на уставните определби, започнува во 1992 година. На седницата одржана на 17 март 1992 година, Собранието на Република Македонија го усвојува Предлогот за донесување на Закон за адвокатурата.

Според стенографските белешки од оваа седница, клучни за подготовката на Законот за адвокатурата биле забелешките и аргументите на Адвокатската комора на Македонија.

„Во врска со овој Предлог за донесување закон за адвокатурата имаше најмногу забелешки од претставниците на Адвокатската комора и се оценува дека е еден од послабите од целиот овој корпус на предложени закони. Адвокатската комора имаше забелешки и ги прецизираше со тоа што достави посебен закон. Законодавно-правната комисија заклучи работно дека и тој закон што е предлог-текст од Адвокатската комора го гледа рамноправно со предлогот од уставниот предлагач и така и постапи и се впушти во материјална расправа. Имаше претставник, овластен од предлагачот на Законот, кој прифати одредени решенија и ги има забелешките за да биде јасно пред Собранието дека и за тој закон, во основа, за кој сакаат тие да ги искажат своите основни забелешки, тие забелешки се разгледувани и тие мислења се доставени до надлежниот предлагач, Министерството за правосудство“, истакнуваат дел од пратениците на собраниската седница.

Адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа

Кон крајот на 1992 година, по прифатените забелешки на АКРМ, Собранието на Република Македонија го  носи Законот за адвокатура, но и други закони од областа на правосудството. Во експозето за Законот за адвокатурата се вели дека за независност на адвокатурата е значајно што адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот и овластувањето самостојно да одлучува за начинот на застапување на правните интереси на странката. Гаранциите за неговата слобода и независност се: Уставот, Законот за адвокатурата и бројните процесни закони.

„Законот за адвокатурата со своите принципи и решенија е заснован врз дефиницијата дадена во членот 53 од Уставот на Република Македонија, според која адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со законот. Законот, исто така, е заснован врз појдовните основи и основните постулати содржани во меѓународните документи за адвокатурата со кои се сака да се обезбеди независноста на адвокатската професија како суштинска гаранција за унапредување и заштита на човековите права“, се вели во образложението на Законот за адвокатурата.

Претседателите на АКРМ од осамостојувањето до денес

Инаку, според податоците на тогашното Министерство за правосудство и управа, адвокатската дејност во Републиката Македонија до моментот на започнување на јавната расправа за Законот  ја вршеле 439 адвокати и 110 адвокатски приправници.

Од осамостојувањето на Република Македонија па сѐ до денес, во историјатот на македонската адвокатура, како претседатели на Адвокатската комора се запишани имињата на Славко Петров, Милорад Мартиновски, Ненад Јанаќиевиќ и актуелниот претседател на АКРМ, Никола Додевски. Според податоците, денес во Република Македонија има приближно 2600 активни адвокати.

M.В