/ Прочитано:

11.415

ЗАПИШУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА: Законските права и должности на родителите и на училиштата

Запишувањето на учениците во основните училиште е регулирано со Законот за основното образование. Во Законот за основното образование се пропишува дека детето со поаѓањето во основно училиште стекнува статус на ученик. Ученикот ја следи наставата и учествува во другите активности утврдени со наставниот план и програми за основно образование и воспитание.

akad 1

Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон. Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување.

Децата во прво одделение во основното училиште се запишуваат во месец мај за следната учебна година. При запишувањето на детето во прво одделение, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

Родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или во друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува. Списокот на децата од реонот за запишување во основното училиште се добива од надлежните  служби  во единицата  на  локалната  самоуправа,  кои  водат  евиденција  на постојаните и привремените жители.

Исто така, родителот има право да го запише во основно училиште детето со посебни образовни потреби, освен во случаите кога посебните образовни потреби на детето се такви што тоа треба да  следи настава во посебно основно училиште.

За овие ученици, кои се запишани во редовните основни училишта, училиштето формира инклузивен тим составен од педагогот, односно психологот во училиштето, наставникот на ученикот, родителот, односно старателот на ученикот, дефектолог, доколку има во училиштето, и по потреба може да се вклучи и лекарот на ученикот. Инклузивниот тим изготвува индивидуален образовен план за секој ученик. Начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта ги утврдува министерот, по предлог на Бирото.

Во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. По исклучок , детето  може  да  се  запише  во  прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.

Запишувањето  на  детето  во  училиштето  го  врши  комисија  која  ја  формира директорот на училиштето. Комисијата е составена од педагог или психолог и наставник за предучилишно воспитание, односно одделенски наставник.

Комисијата е должна, по правило, да го извести родителот за  подготвеноста  на  детето  за  тргнување  во  училиштето најмалку  два  месеци пред почетокот на наставата. Родителот по одлуката на комисијата има право на жалба до комисија формирана од градоначалникот на општината.

Во  текот  на  наставната  година,  на  ученикот  во  прво  одделение,  на  предлог  на наставникот што ја води паралелката, педагог или психолог, во согласност со родителот, од здравствени или други причини може да му се одложи следењето на наставата за една година.

За одложувањето на следењето на наставата одлучува комисија составена од психолог, педагог, наставник за предучилишно воспитание или одделенски наставник. Запишувањето на детето, на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.

Основното  училиште  е  должно  да  го  извести  овластениот  просветен  инспектор  на општината  за  децата  кои  не  се  запишани,  односно  учениците  кои  неоправдано  не  го посетуваат основното училиште повеќе од 30 дена.

M.В