/ Прочитано:

1.838

Започнаа активностите за воспоставување на Адресен регистар во Република Македонија

Денес со потпишување на Договорот за подготовка на податоци и развој на апликации за теренско прибирање наадресни податоци со компанијата ГДи ГИСДАТА - Скопје, официјално започнуваат активностите за воспоставување на нов Адресен регистар на Република Македонија

Адресниот регистар е еден од клучните регистри во државава. Тој ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви и ќе биде поврзан со Регистарот на просторни единици. На тој начин, заинтересираните субјекти ќе имаат можност сите информации поврзани со адресите да ги добијат по електронски пат на брз и ефикасен начин од Агенцијата за катастар на недвижности.

Во овој момент, во согласност со законската регулатива во Република Македонија постојат повеќе бази на адресни податоци кои содржат само атрибутен дел, но во кои не е вклучена географската компонента за визуелен приказ на  улиците и куќните броеви.

„Денес во подготовка се недоволно прецизни законски и подзаконски одредби, недоволно прецизни стандарди за испишување на називите на улиците, како и отсуство на стандарди за нумерирање на поединечни типови објекти, како на пример: објекти коишто се наоѓаат вон населено место, покрај некој регионален пат, магистрален пат или автопат, трговски центри и др. Од тие причини, Владата на Република Македонија одлучи дека треба да се воспостави нов Адресен регистар за сите населени места во РМ, во една централна база, во согласност со новите европски стандарди“, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Во 2015 година, истакнува Трпески, беше формирана работна група составена од претставници на Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење матични книги, Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности која изработи нов предлог-закон за Адресен регистар во кој е транспонирана европската директива во делот на просторните податоци, стандардизацијата и интероперабилноста.

„Во новиот Адресен регистар кој од денес започнуваме да го имплементираме, ќе биде целосно транспонирана деталната спецификација за адресни податоци донесена од Европската Унија во  2014 година. При имплементацијата на Адресниот регистар, благодарејќи на МАТРА-проектот финансиран од Кралството Холандија, Агенцијата ќе има експертска и техничка поддршка од стручни лица од холандскиот катастар“, вели Трпески.

Со потпишувањето на договорот, образложува директорот на Катастарот, изведувачот има обврска да направи анализа и подготовка на адресните податоци од постојните бази од повеќе државни институции за нивна теренска проверка, преку изработена мобилна/таблет апликација со која на брз и ефикасен начин ќе се потврдуваат постојните адресни податоци и ќе се прибираат нови.

„Теренско прибирање адресни податоци ќе се направи во четири пилот-општини во државава, и тоа во Скопје ќе биде опфатен дел од општините Кисела Вода и Зелениково, потоа во општините Свети Николе и Гостивар. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните и компаниите за максимална поддршка и соработка“, вели Трпески.

Трпески истакнува дека врз основа на воспоставениот Адресен регистар за определено населено место ќе се направи нумерирање и обележување на утврдените адреси на терен, од страна на општините. Вредноста на договорот е 113.000 евра и е предвидено новиот Адресен регистар за четирите пилот-општини да биде завршен до крајот на 2017 година.

М.В