/ Прочитано:

2.263

Заштита на човековото право против хакирање на умот и мозочните податоци

Правото на ментална приватност може на долг рок да предизвика низа нови промени во постојните законски мерки низ правните системи во светот, особено кога се работи за согласноста на човекот и неговата волја нешто да стори или не. Во оваа насока, истражувачите и научниците од областа на неврологијата и неврохирургијата го покренале прашањето за заштита на правото на луѓето од злоупотреба или хакирање на нивните мисли и информациите во мозокот. Овој предлог е одговор на брзиот развој на технологијата и на можноста за читање на мозокот и неговите функции. За списанието „Life, Science, Society and Policy”, неврологот од Универзитетот во Базел, во Швајцарија, Марсело Јенка и адвокатот за човекови права, Роберто Андорно, велат дека невролошките достигнувања може да ги загрозат приватноста и личната слобода на луѓето.

Истражувачите и научниците од областа на неврологијата и неврохирургијата го покренале прашањето за заштита на правото на луѓето од злоупотреба или хакирање на нивните мисли и информациите во мозокот. Овој предлог е одговор на брзиот развој на технологијата и на можноста за читање на мозокот и неговите функции. Од тој напредок научниците имаат големи очекувања што можат да донесат огромни придобивки за животот на луѓето во текот на наредните години.

Оваа технологија е развиена за да одговори на потребите на болниците за дијагностицирање или лекување на разни болести. Некои од алатките што им стојат на располагање, како што се брановите уреди за мониторинг кои им овозможуваат на луѓето да играат видеоигри со мислите, имаат за цел да ги поттикнат менталните перформанси на човекот.

За списанието „Life, Science, Society and Policy”, неврологот од Универзитетот во Базел, во Швајцарија, Марсело Јенка и адвокатот за човекови права, Роберто Андорно, велат дека овие невролошки достигнувања може да ги загрозат приватноста и личната слобода на луѓето. Во својот заеднички текст, двајцата предлагаат нови човекови права кои се наменети за заштита на мозокот како последно прибежиште на човековата приватност.

Тие сега се соочуваат со прашањето дали сегашната рамка на човековите права може да ги вклучи новите права што тие ги предлагаат, а кои служат за заштита на човековата меморија и  мозочните податоци паралелно со развојот на технологијата.

Новите предложени права одат во насока на, како што велат истражувачите, когнитивната слобода, менталната приватност, менталниот интегритет и психолошкиот континуитет. Со овие нови предложени права, би можело да настане реинтерпретација на правото на индивидуална слобода, кое би било овозможено или одбиено од страна на секој поединец, особено при стимулација на мозокот и другите техники за да се промени неговата ментална состојба.

Во ноември минатата година, американските воени научници ја објавија постапката „tDCS“ (транскранијална еднонасочна струјна стимулација) со чија помош биле унапредени менталните способности на групата војници кои доброволно се пријавиле за експериментот во способностите за летање и управување со дронови.

Правото на ментална приватност може на долг рок да предизвика низа нови промени во постојните законски мерки низ правните системи во светот, особено кога се работи за согласноста на човекот и неговата волја нешто да стори или не.

Сепак, сѐ уште не постојат конечни и цврсти правила за тоа што може мозокот да собере и какви податоци може да се обработат од луѓето, како и претпоставката со кого тие податоци може да се споделат. Кај Јенка и Андорно, постои оправдан страв од недискриминирачко протекување на податоците од мозокот во инфосферата, како што тоа се случува сега во добата на социјалните медиуми полни со лични информации кои постојано се споделуваат.

Менталниот интегритет има за цел да ги одбрани луѓето од хакерите кои во иднина ќе сакаат да продрат во нивните мисли преку мозочни импланти или да ја преземат контролата на уредите каде што се чуваат податоците од испитувањата на мозокот на луѓето. Психолошкиот континуитет, пак, има за цел да ги заштити луѓето од дејствијата кои можат да им наштетат на нивното чувство на идентитет.

Сепак, и Јенка и Андорно, од медицински и од правен аспект, на крајот предупредуваат дека иако можеби е премногу рано да се процени развојот на технологијата, сепак се случува проценката да се направи и премногу доцна.

С. М.