/ Прочитано:

2.558

ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – Санде Зиков, судија

Во Република Македонија граѓаните имаат можност да поднесат барање за заштита на човековите права и слободи кога веруваат дека биле дискриминирани според основите кои се предвидени во Уставот на РМ. Почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, претставува едно од темелните вредности на уставниот поредок на РМ (чл.8 од Уставот на РМ).

slika

ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Уставот исто така го гарантира и обезбедува принципот на еднаквост, односно недискриминација во уживањето на слободите и правата, така што согласно чл. 8 од Уставот, сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Покрај нормативното уредување на принципот на недискриминација, Уставот на РМ содржи и начелна правна рамка во однос на судската заштита на слободите и правата, вклучително и на принципот на недискриминација. Во согласност со уставните одредби, се чини дека Уставот предвидува два видови судска заштита во обезбедувањето на човековите права и слободи и тоа: заштита во постапка пред редовните судови и уставно – судска заштита пред Уставниот суд на РМ. Согласно чл. 50 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на РМ во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно чл. 5 од Законот за судовите , судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на РМ. Исто така, Законот за облигациони односи од 2001 година предвидува можност во случај на повреда на слободите и правата на личноста, судот да донесе пресуда со која таа повреда ќе биде утврдена, како и за тоа да досуди справедлив паричен надомест во согласност со чл. 188 и чл. 189 од ЗОО. Членот 110 од Уставот на РМ, изречно предвидува надлежност на Уставниот суд во заштитата на принципот на недискриминација. Оваа заштита се однесува на забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Оваа надлежност понатаму е разработена во деловникот на Уставниот суд, кој ја пропишува постапката, правните последици од неговите одлуки, како и начинот на кој судот може да ја исправи повредата на човековите права и слободи. Согласно чл. 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со чл. 110 алинеја 3 од Уставот на РМ, вклучително и забрана на дискриминација, може да бара заштита од Уставниот суд на РМ. Доколку судот утврди повреда на слободите и правата за кои е надлежен да одлучува, тој ќе го поништи поединечниот акт или ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата (чл. 56 од Деловникот на Уставниот суд на РМ). Значајно е да се истакне и дека Уставниот суд кога ќе утврди повреда на некое човеково право и слобода за кое е надлежен да одлучува, тој исто така ќе го определи и начинот на отстранувањето на последиците од примената на поединечниот акт или дејство со кој тие права и слободи биле повредени.

Во Законот за работните односи во чл.6 предвидена е забрана на дискриминацијата и при тоа е наведено дека работодавачот не смее барателот на вработување (во натамошниот текст кандидатот за вработување) или работникот да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности. На жените и мажите мора да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со пристап до вработување, вклучувајќи унапредување, стручна и професионална обука во работата, условите за работа, еднаква исплата за еднаква работа, професионални шеми за социјалното осигурување, отсуство од работа, работно време и откажување на договорот за вработување. Принципот на еднаков третман подразбира забрана на дирекна и индиректна дискриминација…Целосниот текст на трудот  на судијата Санде Зиков, презентиран на Советувањето Меѓународна и национална судска пракса во постапки за утврдување директна дискриминација“.

M.В