/ Прочитано:

1.697

Заштитата на личните податоци при изборот на кандидатите за вработување

При огласување на слободни работни места, работодавачите добиваат голем број лични податоци, вообичаено содржани во биографиите на апликантите (CV) – име, презиме, пол, датум на раѓање, телефон, e-адреса, брачна состојба, домашна адреса, претходно работно искуство, образование, лични интереси, фотографии и др.

akademik foto 1

На прашањето  што се прави со податоците на апликантите кои не биле избрани на огласот, од Дирекцијата за заштита на личните податоци велат дека во согласност со Законот за заштита на личните податоци, по спроведувањето на постапката за избор на кандидати за вработување, биографиите со лични податоци треба веднаш да им бидат вратени на одбиените кандидати. Не смее да се задржуваат овие лични податоци без изречна писмена согласност од апликантите.

Тоа значи дека доколку личните податоци на одбиените кандидати биле испратени преку електронска пошта и доколку работодавецот нема согласност од одбиениот кандидат понатаму да биде задржувана неговата биографија со лични податоци, работодавецот е должен веднаш да ги уништи податоците, т.е. трајно да ги избрише или доколку биле испратени по пошта во хартиена форма, веднаш да ги уништи на машина за уништување документи/хартија.

Изборот на кандидатите за вработување треба да биде изведен на начин кој ќе ја гарантира нивната приватност. Молбите за работа и биографиите треба да се чуваат на место кое нема да биде достапно за сите вработени и до нив ќе имаат пристап само оние вработени кои се задолжени за избор на кандидатите.

Овластените работници, како и сите други вработени кои работат со лични податоци, треба да бидат информирани од работодавците за нивните законски обврски при постапувањето со личните податоци, во согласност со интерните акти за заштита на личните податоци кои треба да ги има секој контролор.

Препорака од Дирекцијата е вработените што работат со лични податоци да потпишат изјава за доверливост и тајност на личните податоци или во договорите за вработување да се вметне ваква одредба.

М.В