/ Прочитано:

2.731

Заштитениот сведок во македонското казнено право и критичка анализа на Законот за заштита на сведоци

Организираниот криминал како општественонегативен феномен со сите свои појавни облици, комплексност и софистицираност од секогаш претставувал сериозен проблем кој на непосреден начин влијае на развојниот тек на односите и ги поткопува темелните вредности на едно современо демократско општеството.

akad 2

„Интересна за анализа е една од мерките за заштита предвидена во член 30 од ЗЗС – „промена на живеалиштето, односно престојувалиштето“, особено имајќи предвид дека Република Македонија за разлика од некои други земји, како на пример Америка, каде што дислоцирањето може да се врши на локации оддалечени со стотици и илјадници километри, е мала држава со доста развиени меѓусебни познанства и фамилијарни врски. Оправдано се поставува прашањето дали можеме определено лице кое е заштитен сведок од Скопје да го дислоцираме, на пример во Велес или кој било друг град низ Република Македонија, без притоа да се доведе во прашање тајноста на неговиот идентитет? А што доколку постои реална опасност по живот и паралелно потреба за дислоцирање и на други лица од неговото семејство?!“, пишува во својот труд Бобан Величковиќ, дипломиран правник, студент на постдипломски студии по Казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, член на новоформираното „Здружение на млади кривичари на Република Македонија“.

Заштитениот сведок во македонското казнено право

Организираниот криминал како општественонегативен феномен со сите свои појавни облици, комплексност и софистицираност од секогаш претставувал сериозен проблем кој на непосреден начин влијае на развојниот тек на односите и ги поткопува темелните вредности на едно современо демократско општеството. Тој како еден вид „канцер“ полека и систематски навлегува во секоја „клетка“ од општеството предизвикувајќи сериозни и непредвидливи последици како на економско, така и на културно, правно, социолошко и воопшто секое поле атакувајќи ги самите темели на столбовите врз кои е изградено или би требало да се гради едно здраво општество.

Како облик на криминалитет кој се одликува со висока темна бројка, степен на динамичност и адаптибилност на промените во општеството неминовно ја налага потребата за координација и кооперативност помеѓу државите како на национално, така и на интернационално ниво со цел изнаоѓање нови техники, тактики и методи во насока на неговото сузбивање и превенирање.

Токму еден од одговорите и методите на органите задолжени за справување со криминалот воопшто, но особено со организираниот криминал претставува институтот „заштитен сведок“. Многу често сведоците се заплашувани од страна на оние против кои се повикани да сведочат. Иако во многуте случаи, ваквото заплашување не мора секогаш да води кон ситуации опасни по нивниот живот, сепак за некои од нив, заканата по животот, безбедноста или телесниот интегритет може да биде реална и сериозна, особено во оние случаи кога се работи за дела од областа на организираниот криминал.

Како одговор на ваквите ситуации „опасни по живот“ државите им доделуваат на сведоците различни форми на заштита. Опсегот на заштитата зависи од видот на сведокот и криминалот, како и нивото на опасноста и заплашувањето. Овој одговор докажано e дека не е само практична потреба, но, исто така и обврска на државата кон своите граѓани.

Кога говориме за заштитата на сведоците во Република Македонија, треба да се потенцира дека станува збор за два типа заштита: процесна заштита, која како таква е регулирана со Законот за кривичната постапка (чл. 226-231) и се состои од преземање низа мерки и активности во текот на самата постапка, како што се посебен начин на испитување на овие лица со прикривање на идентитетот со помош на посебни уреди за пренос на слика и тон, доделување на псевдоним и сл. и вонпроцесна заштита, која е регулирана со Законот за заштита на сведоците (на сила од 1 јануари 2006 година), и со која на сведоците им се обезбедува заштита надвор од самата постапка, односно која се состои од мерки и активности кои ги преземаат органите надлежни за спроведување на заштита, кои треба да ја гарантираат сигурноста на сведоците и нивните блиски лица за целиот период додека трае судењето, но и дополнително по завршувањето на постапката. Временски, вонпроцесната заштита може да започне пред почетокот на самата постапка, да трае паралелно со постапката (процесната заштита), но и по завршувањето на казнената постапка во која определеното лице се јавува како сведок.

Во домашната судска пракса, па и во пошироката јавност, многу се користи терминот „заштитен сведок“ иако во суштина само мал број од сведоците биле заштитени, додека останатите биле загрозени сведоци или лица со прикриен идентитет, па оттука произлегува потребата да се направи дистинкција помеѓу овие термини…>>>Целосниот текст на трудот „Заштитениот сведок во македонското казнено право“