/ Прочитано:

6.310

„ЗАТВОР И РЕЦИДИВИЗАМ“ – нова книга на проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски

„ЗАТВОР И РЕЦИДИВИЗАМ“ е новата книга на проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски, во издание на Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“ – Скопје.

akademik foto

Трудот го анализира рецидивизмот како еден од најсложените, најзначајните и најтешките проблеми за спречување, сузбивање и превенирање во областа на криминолошката, казненоправната, пенолошката и криминално-политичката наука и практиката, и го доведува во релација со најчесто изрекуваната казна – казната затвор.

Авторката нуди голема теоретска и емпириска аргументација дека затворот како казна и нејзиното извршување во казнено-поправните установи, какви што се денес, не го спречува рецидивизмот, има негативно искуство не само врз затворениците туку и врз нивните семејства, па така затворите треба да имаат многу лимитирана улога во модерното општество.

 Зошто се истражува токму „Влијанието на казната затвор врз рецидивизмот“?

 Прво, вели проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски, по објавувањето на најзначајното истражување за рецидивизмот во Република Македонија, лонгитудиналната студија „Повторот и повторниците“, спроведено од страна на Арнаудовски и Чачева (1979), што го опфаќа рецидивизмот во периодот од 1946 до 1966 година, нема спроведено истражување во Република Македонија за овој феномен. Оттука, трудов има за цел да ја пополни празнината во нашата литература за конкретната проблематика.

Второ, рецидивизмот е специфичен проблем, прашање на кое му се посветува посебно внимание во криминолошката, казненоправната, пенолошката и криминално-политичката наука бидејќи го става на проба целиот систем на санкции, укажува на неуспехот на казнената политика, е јасен сигнал дека е неминовно преиспитување на општествената реакција. Тоа е еден од показателите за проверка на успешноста на дејствување на органите на казнениот прогон и на органите задолжени за извршување на казнените санкции и мерки, показател за потребата од корекција на мерките што се преземаат со цел спречување и сузбивање на криминалитетот. Посебно, стапката на рецидивизам е индикатор за преиспитување на казната затвор, нејзиното изрекување и извршување која во голема мера произведува рецидивисти. Проблемот на рецидивизмот е толку комплексен што еден единствен лек – построго казнување – не може успешно да го реши. Загрижува податокот што најскорешните криминолошки истражувања ја потврдуваат тезата дека криминалитетот воопшто е во пораст, но уште поголем е порастот на стапката на рецидивизам.

Трето, најчеста реакција спрема рецидивизмот е изрекување на казната затвор. Затворот е доминантна казна речиси насекаде во светот. Многумина истакнуваат дека затворите имаат позитивно влијание. Меѓутоа, останува фактот дека затворите, сепак, имаат негативно искуство не само врз затворениците, туку и врз нивните семејства, па така затворите треба да имаат многу лимитирана улога во модерното општество. Она што, исто така, особено загрижува е дека поранешните затвореници имаат повисока стапка на рецидивизам отколку осудените лица кои биле подвргнати на некои од различните облици на вонинституционален пенолошки третман. Високата стапка особено на пенолошкиот рецидивизам јасно зборува дека казната не била ефикасна, дури со право може да се констатира дека претставува криминоген фактор. Едно објаснување за негативните резултати на бројните истражувања за влијанието на програмите за третман што се имплементираат во пенитенцијарните установи е дека позитивното влијание на третманот, како, на пример, образование или доквалификација за работа, може да се анулира со негативните ефекти на самиот процес на затворање.

akademik foto 1

Оттука, ова истражување е на линија во извесна мера да ја пополни празнината што е евидентна во Република Македонија, конкретно фокусирајќи се на прашањето за влијанието на казната затвор врз рецидивизмот. Трудот прави обид да даде свој придонес за теоретско и практично решавање на проблемот на рецидивизмот. Потпирајќи ги своите тези на спроведеното истражување во КПД „Идризово“, како и на резултатите до кои е дојдено во рамки на други истражувачки проекти, авторот го заокружува своето дело во една целина во која е опфатен проблемот на рецидивизмот од сите аспекти, со посебен акцент на влијанието на најчесто изрекуваната казна –  казната затвор, врз (не)ефикасното сузбивање на овој проблем. Феноменолошките карактеристики на рецидивизмот се анализирани во период од осумнаесет години. Дали постојат можности за спротивставување на загрижувачки високата стапка на рецидивизмот и растечкиот тренд што го забележува низ годините, е прашање на кое се обидува да даде одговор ова истражување. Исто така, трудот прави обид да даде преглед на размислите на многуте теоретичари, креатори на казнена политика и професионалци во однос на ефектите од казната затвор. Авторот ги разгледува социјалното, бихејвиоралното и емоционалното влијание на затворското искуство врз осудените лица, како и влијанието на затворот врз семејството на затвореникот, влијанието што го има врз животите на вработените во казненопоправните установи, како и влијанието на затворот врз општеството (особено во услови на масовно изрекување на казната затвор). Понатаму, во трудот се разгледува прашањето за тоа каква е казненоправната реакција на казнените системи на неколку држави спрема рецидивистите со нагласување на нивните казнени политики, препораките на меѓународната заедница, сè со цел да се предложат најдобрите практики кои потврдиле позитивно влијание врз намалување на стапката на рецидивизмот.

Од методолошка гледна точка насловот на темата што е предмет на научен интерес на истражувањето се обликува од две варијабли: затворот како институција и рецидивизмот како појава што го следи криминалитетот воопшто. Овие две варијабли се наоѓаат во меѓусебен однос на меѓусебна зависност и непосредно влијание. Затворот е институција која постои и функционира низ целата историја на општеството во борбата против криминалитетот, а рецидивизмот е појава што произлегува од етиолошката суштина на криминалитетот. Кон затворот како институција и како казна во континуитет се пристапува како кон најмоќно, најсилно, најделотворно средство за спречување и сузбивање на криминалитетот. Од друга страна, кон рецидивизмот се пристапува како кон појава што го следи криминалитетот, на моменти и како негова детерминанта која ги одредува битните феноменолошки и етиолошки карактеристики на криминалитетот до степен на неспособност на општеството да го спречи, да го сузбие, да го анулира криминалитетот.

Трудот ќе му биде од корист на секој оној што сака да се стекне со продлабочени информации и знаења од разработената тематика, пред сѐ, на органите на казнениот прогон, и тоа на сите оние што учествуваат во спречувањето, во сузбивањето и во превенирањето на криминалитетот од почетната фаза на откривање и докажување, преку судската казнена постапка и изборот и изрекувањето на санкцијата, до извршувањето на санкциите, но и потоа, особено во постапката за постпенална помош. Исто така, трудот може да им послужи на студентите по право, криминологија, пенологија, безбедност, психологија, социјална работа итн., на трите циклуси на студии, како и на секој оној што се занимава со оваа проблематика.

M.В