/ Прочитано:

1.303

Заверка на потврдите за ортопедски помагала и во истурените шалтери на ФЗОМ

Четврток, 20 ноемри 2014 – Заверката на потврдите за ортопедски помагала освен во Подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија во Центар, осигурениците од денеска ќе може да ја вршат и во сите истурени шалтери на Фондот во поликлиниките во Ѓорче Петров, Ченто, Драчево, Чаир, Шуто Оризари, како и на шалтерот во општина Илинден. Истурените шалтери работат секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот.

Ова денеска го изјави раководителот на Подрачната служба на ФЗОМ во Скопје, Зоран Печевски, кој рече дека освен за ортопедските помагала кои треба првпат да поминат на лекарска комисија, за сите други ортопедски помагала заверките на потврдите ќе може да се вршат во наведените истурени канцеларии.

Ортопедските помагала за кои е потребно мислење од лекарската комисија се инвалидски колички, протези, одредени ортози, колостоми, илеостом, уростоми, поправки на помагалата…

Посочи дека потврдите се заверуваат еднаш месечно зависно за кое ортопедско помагало станува збор.

„За пелените кои се најкористено ортопедско помагало заверката се врши еднаш месечно, а на лекарска комисија поминуваат еднаш годишно. Бројот на корисници на ортопедски помагала изнесува 7.000 до 8.000“, рече Печевски одговарајќи на новинарско прашање.