/ Прочитано:

1.556

Завршна конференција на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права

Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, спроведуван од Македонското здружение на млади правници, успешно заврши со денешната завршна  конференција по повод достигнувањата на проектот.

Во текот на изминатите три години, Проектот на УСАИД за заштита на човековите права го поддржуваше имплементирањето на меѓународните правни стандарди во заштитата на човековите права во Македонија, воспоставувајќи програма за континуирана едукација на млади правници од областа на човековите права; стратешко застапување на случаи на повреди на човекови права пред надлежните институции, судовите, како и Европскиот суд за човекови права; и јакнење на улогата на граѓанските организации во промовирањето и заштитата на човековите права во Република Македонија.

„Човековите права се стандарди што обезбедуваат сите луѓе да можат да живеат достоинствено, слободно и еднакво. На секој поединец му припаѓаат овие неотуѓиви права, едноставно, бидејќи се човекови. Тие се загарантирани за секого, без разлика на раса, вера, пол, јазик, националност, политичка или друга припадност“, истакна во своето обраќање претставникот на УСАИД во земјата Дејвид Атбери.

„Гарантирајќи ги правата на живот, слобода, еднаквост и безбедност, човековите права ги заштитуваат луѓето од можни злоупотреби од страна на помоќните меѓу нас“, додаде тој.

Проектот на УСАИД за заштита на човековите права формираше тим од 42 адвокати специјализирани во областа на заштита на човековите права. Тимот оспособи 392 млади правници со експертиза од областа на човековите права и правните механизми за нивна заштита; поведе 62 стратешки постапки на кршење на човековите права пред надлежните институции, пред домашните судови и пред Европскиот суд за човекови права; обезбеди бесплатни правни совети на 355 граѓани и оспособи 15 граѓански организации да се залагаат за почитување и заштита на човековите права.

Оваа година УСАИД ја одбележува 25-годишнината од своето постоење во Македонија. УСАИД има инвестирано повеќе од 610 милиони долари во земјава од 1993 година наваму. УСАИД соработува со граѓаните на Македонија со цел да создаде работни места, да ги зајакне демократските институции и практики, да го подобри интегрираното образование и да ги подготви студентите да бидат модерна работна сила. Овие иницијативи, во партнерство со граѓаните на Македонија, имаат за цел подобрување на квалитетот на животот во земјата.

М.В