/ Прочитано:

1.320

Завршните зборови за убиството на матурантот Ангел одложени за во понеделник

Среда, 1 јули 2015 – Рочиштето на кое требаше да се изнесат завршните зборови во случајот за убиството на матуранто Ангел Петковски од скопската населба Ѓорче Петров се одложи за во понеделник поради отсуство  на бранителот на обвинетиот Насер Ештрефи.

Адвокатот Ангел Ѓоргиев, како што беше посочено од судијата, преку роднина на обвинетиот доставил службена белешка дека е отсутен поради болест.

На ова бурно реагираше обвинителот Дарко Јакимосвки, кој изрази сомнеж за вистинитоста на медицинската белешка и побара таа да биде проверена. Според него, отсуството е со намера да се одложува процесот. Тој наведе дека одложувањето е само на штета на обвинетиот, односно дека непотребно се прават трошоци за постапката.

Судот ги презакажа завршните зборови за во понеделник, 6 јули.

На минатото рочиште, за првпат пред Судот, својата верзија за кривичниот настан ја раскажа обвинетиот, кој наведе дека немал намера да го убие Ангел. Тврдеше дека не носел нож со себе, односно дека во момент, како што наведе,  додека бил тепан од Ангел и неговиот татко, забележал нож на земјата, го зел и дејствувал во самоодбрана. 

Таткото на Ангел, Сашо Петковски, пак, во својот исказ пред Судот тврдеше дека тие не го нападнале Ештрефи.

„Обвинетиот не можеше да побегне бидејќи Ангел му го попречуваше патот од едната страна. Ангел ми рече ’Тато, овој е тој што го украде велосипедот’. Не го нападнав, само тргнав кон него, а тој со голема брзина извади нож и го прободе Ангел со цел да си го отвори патот“, наведе Петковски.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај минатата година во скопската населба Ѓорче Петров.  Сè почнало со кражба на велосипедот на Ангел од семејната куќа на Петковски. Според обвинението, Ештрефи откако го украл велосипедот од дворот, бил забележан од таткото на Ангел и побегнал кон мостот што води кон Сарај.

„На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат со дрвен стап од страна на таткото на сега покојниот и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението.

Залудни биле обидите за помош пред Очната клиника. Поради обилно внатрешно и надворешно крвавење, Ангел починал на скалите од болницата.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk