/ Прочитано:

2.163

Здружението на судиите со свои претставници на судска тркалезна маса во Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага

Во периодот од 26 до 28 јануари 2017 година, во седиштето на Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага (CEELI Institute Prague) во вилата „Гребовка“, Прага, Република Чешка, се одржа судска тркалезна маса на која учествуваа 30 судии од 17 држави од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

На покана на Институтот, Здружението учествуваше со свои претставници –членовите на Управниот одбор судијата д-р Лазар Нанев и судијата Бетим Јахја. Во рамките на работниот дел, судиите и останатите претставници дискутираа на тема „Практичните антикорупциски прашања со кои се соочува правосудството“ преку презентација на меѓународните стандарди и европските антикорупциски тела.

На тркалезната маса свои излагања имаа судии и експерти кои преку практични примери се осврнаа на прашања карактеристични за антикорупциските случаи.

Соработката со сродни асоцијации во земјава и во странство и развивање на колегијални и пријателски односи меѓу судиите се дел од целите на дејствување на Здружението на судии на Република Македонија.

Засилената соработка на меѓународен план е една од заложбите што ги најави и претседателот на Здружението на судии, д-р Џемали Саити, кој во насока на унапредување на партнерскиот однос на Здружението на судии и Делегацијата на ЕУ во Македонија, минатиот месец оствари средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.

Минатата година, во соработка со Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага (CEELI Institute Prague) и со поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија и Здружението на судии на Република Македонија ја организираше Првата меѓународна судска конференција на тема „Независно судство.

Целта на конференцијата беше да бидат анализирани извештаите на Поглавјето 23 и Извештајот на Прибе, како и да бидат споделени најдобрите практики и искуства од страна на учесниците во поглед на законодавната, финансиската и функционалната независност, детектирањето на клучните жаришта во обезбедувањето на квалитетот на правдата со цел да се понудат соодветни предлози и решенија преку предлози за измени и дополнувања на законите, за евaлуирање и за рестартирање  на судскиот систем во Република Македонија.

Исто така, една од целите на конференцијата беше судиите да разменат податоци и да стекнат знаења за потребите на интегритетот на судиите и за обезбедување на суштинска транспарентност.

„На судството му е потребна нова моторна сила која ќе ги придвижи интелектуалните вредности и која ќе ја промени конзервативната матрица во охрабрувачка и мотивирачка сила, со јасна мисија дека да се биде судија не е само привилегија, туку напротив одговорност кон општеството, кон генерациите и иднината“, истакна судијата проф. д-р Лазар Нанев во врска со темата на овој значаен правен настан.

На конференцијата беше донесена Охридската декларација за воспоставување на регионална мрежа за независно судство. Со оваа декларација се создава можност за градење на платформа за заедничко дејствување на членките пред сите меѓународни, регионални и национални тела и институции, која почна да се реализира со потпишувањето на меморандумот за соработка.

М.В