/ Прочитано:

1.311

ЖАЛБА ЗА ПРИТВОРОТ НА ТАЛЕСКИ: Одбраната бара увид во доказите заради еднаквост на оружјата во постапката што ја води СЈО

Обвинителот, пак, потврди дека доказите биле доставени по завршување на распитот пред судијата на претходна постапка затоа што тогаш тој ги побарал доказите. А одбраната ќе ги добие доказите откако, како што рече Пеливанов, ќе бидат исполнети законските услови за тоа.

Никола Додевски, адвокат

Одбраната на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, и Специјалното јавно обвинителство, кое го осомничи Талески за злоупотреба на службената положба во случајот „Транспортер“, денеска на Јавна седница во Апелациониот суд ги соочија аргументите во однос на решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 кој му определи мерка куќен притвор на Талески.

Одбраната на Талески, адвокатот Никола Додевски, истакна дека бараат укинување на решението на Кривичниот совет, т.е. укинување на притворот за Талески и враќање на патната исправа која му беше одземена претходно, со решение на судијата на претходна постапка.

Законското право за ограничување на слободата на движење треба да биде засновано на разумно сомневање дека постои кривично дело, што е многу прецизно објаснето во членот 206 од Законот за кривична постапка, рече Додевски пред Судот.

Тој додаде дека Специјалното јавно обвинителство не доставило никакви докази за време на постапката ниту до судијата на претходна постапка ниту до Кривичниот совет, а  докази не добила и одбраната.

„Напротив, за тоа постојат и написи во медиумите, СЈО доставило шест кутии со докази дури по завршување на распитот и откако одбраната си замина од судот. Со тоа, најблаго речено, се прави карикирање на правдата“, рече Додевски пред Судот.

На овој начин се загрозуваат пристапот до правдата и владеењето на правото, додаде тој.

„Правото на одбрана мора да биде запазено, а тоа се остварува преку увид во доказите. Доказите не се презентираат преку прес-конференција, туку се презентираат тука, во Судот“, рече Додевски.

Адвокатот на Талески го оспори и времето во кое СЈО бара притвор за градоначалникот. Според него, не постојат основи за влијание врз сведоци бидејќи во постапката веќе биле на распит 22 осомничени, од кои за дел бил определен и куќен притвор, а за дел биле определени мерки  за претпазливост, кои завршиле. Барањето за притвор за Талески во овој момент, според  Додевски, претставува политички реваншизам за да се тргне градоначалникот од функцијата.

Владимир Талески

„Истрагата за Талески се води веќе една година, најпрво во Основното јавно обвинителство Битола, и тој постојано соработувал со Обвинителството доставувајќи документи кои биле барани од него. СЈО доби речиси завршена истрага од ОЈО Битола за предмет за кој веќе беше прибрана целата документација која самиот Талески му ја има предадено на Обвинителството“, рече Додевски.

Дополнително, апсурдно е барањето на СЈО за притвор врз основа на опасност од бегство бидејќи, како што истакна Додевски, Талески постојано бил свесен дека има постапка против него и ниту еднаш не се обидел да избега од државата.

Според  Додевски, СЈО има тенденција да презентира осудителна пресуда на прес-конференцијата наместо основано сомнение. Дополнително, во своите објави тие се служат со материјали од незаконски прислушувани разговори, со што се создава атмосфера на хајка и линч, посочи Додевски.

И адвокатот Војо Тасевски, кој исто така го застапува Талески, ги повтори наводите на жалбата кои ги презентираше Додевски.

Трајче Пеливанов, обвинител во СЈО, пак, побара Судот да ја одбие жалбата на одбраната бидејќи, според СЈО, Кривичниот совет постапувал правилно кога го донел решението за определување на куќен притвор за Талески.

„Кривичниот совет одлучил правилно имајќи ја предвид запретената казна за делото за кое е осомничен Талески, висината на штетата утврдена од вештачење на Бирото за судски вештачења и опасноста од бегство“, рече Пеливанов и до Судот приложи известување од МВР од Секторот за гранични работи, на кое се евидентирани патувањата на Талески од 1 јануари 2015 до јуни 2016 година.

Пеливанов, спротивно на тврдењата на Додевски, истакна дека во постапката која се водела пред ОЈО Битола биле сослушани само двајца сведоци, меѓу кои не бил Талески.  СЈО, пак, било спречено да постапува во случајот за Талески, поради аболицијата од Претседателот на РМ, и тој сè уште не сослушан во истражната постапка која се води за него.

„Не постои никаква тенденциозност во постапувањето на СЈО. Ние во овој случај, како и во секој друг, постапуваме професионално и објективно, а тоа што осомничениот е градоначалник не значи дека ќе биде привилегиран или дека ќе има посебен третман“, рече Пеливанов пред Судот.

Обвинителот потврди дека доказите биле доставени по завршување на распитот пред судијата на претходна постапка затоа што тогаш тој ги побарал доказите. А одбраната ќе ги добие доказите откако, како што рече Пеливанов, ќе бидат исполнети законските услови за тоа.

taleski sud

Пеливанов истакна дека Талески и адвокатот си заминале без да го почекаат решението на судијата на претходна постапка како да знаеле каква ќе биде неговата одлука.

„Апелирам Кривичниот совет на Апелациониот суд и сите судии да постапуваат со големо внимание кон предметите кои се оформени од СЈО, кои се работени најпрофесионално и најобјективно и со запазување на сите права на одбраната на осомничениот“, рече Пеливанов.

Во реплика на излагањето на Пеливанов, Додевски истакна дека се потврдиле сите наводи и основаноста на жалбата на одбраната.

„Пред секое испитување на осомничен, без разлика дали распитот се врши во функција на распит за кривичното дело или во функција на предлози за мерка притвор, Обвинителството е должно да ги приложи доказите и тие да му бидат предочени и да му се даде доволно време на осомничениот за одбрана. Не е оставено на обвинителот да одлучи кога ќе ги предочи доказите. Зборуваме за еднаквост на оружјата во постапката и ако Обвинителството одлучило да спроведе истрага или да бара мерка притвор, основна работа е да му се предочат доказите врз основа на кои сомненијата ќе бидат доведени во фаза на разумно сомнение“, рече Додевски.

Тој истакна дека со писмен поднесок ги побарале доказите на 9 јуни, но Специјалното јавно обвинителство наместо да им ги даде доказите, побарало притвор за Талески на 12 јуни. Упатиле и ургенција за да ги добијат доказите на 22 јуни, но до денеска, вели Додевски, сè уште не добиле ништо.

Тој повтори дека Специјалното јавно обвинителство во оваа постапка не постапува врз основа на правни аргументи и не го почитува правото на одбрана, туку постапува од позиција на политички мотивиран случај.

Од Апелациониот суд најавија дека кога ќе биде донесена одлуката, ќе биде доставена до странките преку првостепениот суд.

М. С.

Кривичниот суд определи куќен притвор за битолскиот градоначалник