/ Прочитано:

748

Желбите на РСБСП за безбедноста во сообраќајот во 2017 година

Крајот на секоја година ни дава можност да направиме пресек, да  застанеме и да размислиме за грешките во сообраќајот кои сме ги направиле, но и да си дадеме шанса и да ветиме дека нема да ги повториме во годината што следува. Како Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги поттикнуваме и ги повикуваме сите учесници во сообраќајот заедно да го дадеме првото и основно ветување: да ветиме дека ќе бидеме внимателни и дека ќе ги почитуваме правилата во сообраќајот. Многу грешки, многу изгубени човечки животи се последица  единствено на невнимание и непочитување на сообраќајните правила и прописи, поради своеглавост и преголема самодоверба.

Патишта сообраќај зима

Под влијание на претпразничната еуфорија, во брзаницата да ја завршиме оваа година и да започнеме со нова и поубава, забораваме на она по кое ќе ја паметиме годината што изминува. Да бидеме искрени, за многумина од нас, како и за РСБСП, ова не беше ни малку розова и лесна година. Оваа година, ни се случија сообраќајни незгоди со смртни последици, во кои настрадаа многу невини луѓе, многу детски очиња прерано престанаа да му се восхитуваат на животот и на убавините што ги носи тој, многу семејства загубија дел од себе и останаа без своите сакани, а сите ние останавме посиромашни за загубените човечки животи, без нашите  колеги, без нашите пријатели, роднини, познајници…

Но, крајот на секоја година ни дава можност да направиме пресек, да  застанеме и да размислиме за грешките во сообраќајот кои сме ги направиле, но и да си дадеме шанса и да ветиме дека нема да ги повториме во годината што следува.

Како Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги поттикнуваме и ги повикуваме сите учесници во сообраќајот заедно да го дадеме првото и основно ветување: да ветиме дека ќе бидеме внимателни и дека ќе ги почитуваме правилата во сообраќајот. Многу грешки, многу изгубени човечки животи се последица  единствено на невнимание и непочитување на сообраќајните правила и прописи, поради своеглавост и преголема самодоверба.

Пред да си ги кажеме новогодишните желби и да си упатиме новогодишни честитки едни на други, пред да посакаме секој од нас да е среќен, жив и здрав, да се потсетиме уште еднаш на  ветувањата со кои ќе се заложиме да направиме сѐ што е во наша моќ да се зголеми безбедноста во сообраќајот на улиците и на патиштата низ земјава.

       Да ветиме дека нема да дозволиме брзината повторно да изнудува од нас да правиме кобни грешки. Брзината со која управуваме со возилото секогаш треба да е приспособена кон условите на патот.

       Да ветиме дека и на најкратката дестинација на која сме се упатиле ќе користиме сигурносен појас или заштитен шлем.

       Да ветиме дека алкохолот нема да биде тој кој ќе одлучи на која дестинација ќе патуваме.

       Да ветиме дека она што сакаме да си го кажеме ќе си го кажеме кога ќе се видиме или кога ќе пристигнеме дома, а не на мобилниот телефон  додека сме зад воланот во автомобилот.

       Да погледнеме во себе и да си дадеме ветување дека ќе ги смениме лошите навики во сообраќајот. Љубезноста и добрите манири се оние што ќе го красат нашето однесување во 2017 година.

       Да ги оставиме зад нас нашите неостварени ветувања, лошите навики (агресивноста, брзината, алкохолот…). Секој од нас има право да биде подобар, да направи повеќе, да даде повеќе, да сака повеќе.

       Да бидеме добри едни кон други, да бидеме љубезни, затоа што, не само денес, не само во овој период од годината, туку секој ден секој од нас треба да се чувствува безбедно и да учествува безбедно во сообраќајот и денот да го заврши онаму каде што припаѓа, меѓу своите најдраги, во пријатната домашна атмосфера, на топлиот ручек во кругот на семејството или можеби на некое друго место.

Сѐ што посакуваме на новиот пат од 365 дена поминати во автомобил, пеш, на велосипед или на мопед, е да се вратиме дома безбедно, живи и здрави. Да го прифатиме предизвикот кој ни го дава почетокот на секоја нова година, да го дочекаме секое ново утро во прегратките на саканите и да бидеме личен пример со кој ќе покажеме дека ги цениме вистинските вредности: животот, здравјето, домот и семејството. Само така ќе бидеме сигурни дека сме одбрале добар пат.