/ Прочитано:

1.405

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ: Насилството не смее да се смета за семејна кавга

Ценејќи ја потребата од посебна заштита на жените од насилство, Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17. декември 1999 година, го утврди 25. Ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилство врз жените од 20. декември 1993 година. Оттогаш, организациите кои ги заштитуваат и промовираат женски права се организираат низ различни активности со цел да ја пренесат пораката за превенирање и запирање на насилството. 

„Насилството е кривично дело и криминал и не смее да се смета за семејна кавга“, порача вчера во Скопје, Луиза Винтон постојан координатор на Обединетите нации во Македонија. Со акцијата „Обој го твоето соседство портокалово“, која се состои од 16 дена активизам посветен на овој глобален проблем, како и упатување на јавен повик за ставање крај на насилството врз жените, и Македонија се приклучи кон глобалната кампања за подигнување на свесноста против ова грубо кршење на едно од основните човекови права. Причината зошто токму 16 дена активизам не е случајна. Последниот од овие денови е 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Инаку, „16 дена активизам“ е глобална кампања која прв пат е организирана во 1991 година од Институтот за женско глобално лидерство.

Поразителни бројки

„Насилството врз жените е едно од најраспространетите и воедно најмалку препознаените прекршувања на човековите права. Глобално, една од три жени ќе доживее физичко или сексуално насилство во некој момент од својот живот, а во многу случаи токму од својот партнер. Речиси половина од жените убиени во текот на 2012 година, настрадале од својот партнер или член на семејството. Статистички, силувањето и домашното насилство претставуваат поголема закана за жената отколку ракот, сообраќајните несреќи, војните и маларијата заедно“, истакна Винтон.

До септември оваа година МВР евидентирало 635 кривични дела сторени при семејно насиство што претставува 25 отсто повеќе од лани за истиот период. Извршители во 90 проценти од делата се мажи, а идентичен е процентот на жртви во кој се жените. Бројот на поплаки за девет месеци односно до септември е над 3.200 што е за 36 отсто повеќе од лани за истиот период. Најголем број од поплаките се поради психичко малтретирање на жртвата, потоа следат физичкото и поплаките за малтретирање од економски побуди.

„Без сеопфатна и поширока граѓанска и јавна партиципација, не е можно успешно спротивставување ниту на семејното насилство, ниту генерално на насилството и неговите трауматични и болни последици“, смета министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Очекувањата се дека во 16-те дена активизам, со свои активности активно ќе се вклучат голем број организации, институции, училишта, компании, медиуми и поединци, со што секој на свој начин ќе придонесе кон остварување на целта на кампањата. За полесно вклучување во активностите, подготвени се идеи за секој ден од кампањата кои преку различни начини и канали ќе бидат споделени со јавноста. Идеите за секој ден од кампањата вклучуваат активности како цртање портокалов цртеж со најмладите членови во семејството, преку подарување портокалов цвет на значајните жени во вашиот живот,па сѐ до испраќање на e-mail пораки со портокалова содржина.

Секој 25-ти во месецот протест„Стоп за насилството врз жените – 16 убиени жени за 6 години! Што презедовте?“

„Што презедовте да го спречите трикратното убиство во Кавадарци„, „16 убиени жени не се само бројка“,  „Тортура не е култура“, „Колку жени треба да бидат убиени за да преземете нешто“… беа само дел од транспарентите на невладините организации кој денеска со мирен протест пред Министерството за труд и социјална политика го одбележаа Меѓународниот ден на семејното насилство врз жените.

„Датумите 25 ноември, Меѓународен ден против насилството врз жените и 10 декември, Меѓународен ден на човековите права, се одбрани со цел симболично поврзување на насилството врз жените и човековите права, а со тоа и акцентирање дека насилството е кршење на човековите права. Оваа година, темата на кампањата е „16 дена активизам за 16 убиени жени за шест години“, рече Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Тие го прашаа министерот Диме Спасов уште колку жени треба да бидат убиени за да се презeмат конкретни акции со цел спречување на насилствата врз жените.

„Овој протест ќе го организираме се’ додека не добиеме одговор на овие прашања и затоа секој 25. во месецот ќе се собираме овде и ќе бараме одговор на прашањата: ’Дали трикратното убиство во Кавадарци можеше да се спречи’, ’Дали двојното убиство и самоубиство во Аеродром можеше да се спречи?’ ’Дали убиството во Ново Лисиче можеше да се спречи?’“, истакна Димушевска.

Според официјалните информации од Министерство за труд и социјална политика, државата досега има отворено четири Регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе.

Од Националната мрежа го прашуваат министерот Спасов дали овие шалтер центри се функционални и дали со постоењето на овие шалтер центри смета дека е исполнета обврската за обезбедување на заштита од семејно насилство.

„Во Р.М не постојат сервиси за другите форми на насилство врз жени. Постоечките ресурси и услуги се однесуваат доминантно на жртви на семејно насилство, а останатите видови на насилство врз жената, особено сексуалното насилство се практично изоставени. Институциите имаат недостаток од стручен кадар обучен за работа со други форми на насилство. Не постои стандардизација на услугите и сервисите помеѓу давателите на услуги“, беше истакнато на протестот.

Целта на кампањата е подигнување на свеста за родово базираното насилство како прашање на човековите права, на локално, национално, регионално и интернационално ниво; зајакнување на локалните напори за спречување на насилството врз жените; воспоставување на јасна врска помеѓу локалните и интернационалните напори во насока на споделување на нови поефективни стратегии; демонстрирање на женска солидарност; развивање на алатки за притисок врз владата да ги имплементира постоечките закони и да ги исполни ветувањата за подобрена заштита на жените жртви на различни форми на насилство.

Обединетите Нации го прогласија 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, инспирирани од бруталното убиство на сестрите Мирабал, политички активистки во Доминиканската Република во 1960 година,  поради нивниот бунт против диктаторскиот режим на тогашниот претседател на земјата Рафаел Труиљо.

СЗО истакнува дека насилството има долгорочни последици на психичкото и физичкото здравје на жените. Имено, жените со насилен партнер почесто страдаат од депресија и проблеми со прекумерно консумирање алкохол и почесто се соочуваат со несакана бременост и абортуси, како и сексуално преносливи инфекции меѓу кои и ХИВ.

 Е. П. Објавено: 25.11.2014