/ Прочитано:

1.223

Жените кои поради бременоста имале прекин на договорот за извршување на работа во институциите ќе бидат вработени на неопределено време

Среда, 18 март 2015 – Собраниската комисија за финансирање и буџет го проследи Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација во редовен работен однос на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Во постојниот Закон за трансформација во редовен работен однос, кој беше донесен во февруари оваа година, се предвидува регулирање на работен однос на неопределено работно време на лица ангажирани со договор за волонтирање, со договор на дело или со авторски договор, со кој лицето извршува работа во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита, основани од државата. Тоа се однесува и на единиците на локалната самоуправа, на јавните претпријатија, на заводите, на фондовите и на други правни лица чиј основач е државата.

Според предложените законски измени, како што и образложува нивниот предлагач, пратеникот Крсто Мукоси, се врши доуредување и се предвидува трансформирањето во работен однос на неопределено работно време да се применува и за лицата што имале прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање, а кои имаат важечки договори во моментот на трансформирање на работниот однос.

„На овие лица ќе им се трансформира работниот однос доколку имале договори за ангажирање во институцијата за три последователни месеци што непосредно претходат на прекинот поради бременост и/или раѓање, а по завршување на прекинот повторно се ангажирани во институцијата со договор и го исполнуваат условот предвиден во Законот“, рече Мукоски на собраниската комисија.

Во законското образложение се вели дела целта на овој предлог-закон е регулирање на трансформирањето во работен однос на неопределено работно време и на лицата што имале прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање, а кои имаат важечки договори во моментот на трансформирање на работниот однос.

Трансформирањето во работен однос на неопределено работно време да се применува и за лицата што имаат прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање во моментот на трансформирање на работниот однос, а кои имале договори за ангажирање во институцијата за три последователни месеци што непосредно претходат на прекинот поради бременост и/или раѓање.

Понатаму, формирање Комисија која ќе издава потврда за условот и за времетраењето на периодот за прекин поради бременост и/или раѓање. Со предлог-законот се има за цел да се зголеми рокот во кој институциите се должни  да склучат договори за засновање на работен однос на неопределено време, односно да донесат решенија за вработување со лицата ангажирани со договор.

М.В