/ Прочитано:

3.115

ЗКН и неговите измени и дополнувања овозможија развој на стварноправниот систем, за кој можат да ни завидат останатите земји на Балканот — ПРОФ. Д-Р РОДНА ЖИВКОВСКА

„Законот за катастар на недвижности од 2013 година и неговите измени и дополнувања овозможија развој на стварноправниот систем во Република Македонија, за кој можат да ни завидат останатите земји на Балканот“, ги оценува состојбите во катастарското право, во интервју за АКАДЕМИК, проф. д-р Родна Живковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Анализирајќи ги последните измени и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности (ЗКН), Живковска посочува дека, меѓудругото, тие треба да резултираат со забрзување на судските постапки со овозможувањето директен контакт со е-шалтерот. „За добра имплементација на овие измени и дополнувања, секој судија ќе треба да биде технички поврзан со е-шалтерот за да може да ги користи податоците непречено. Измените имаат особено значење во уредувањето на надлежноста за прибележување на привремените мерки донесени во кривичните постапки, и тоа без надоместок, со што ќе се овозможи правна сигурност во водењето на кривичните постапки“, вели  таа.

Професорке Живковска, како ги оценувате состојбите во катастарското право на РМ? Од сето досега направено, дали може да се заклучи дека е постигнат развој?

Неспорен е заклучокот дека Законот за катастар на недвижности од 2013 година (Сл. весник на РМ, бр. 55/2013) и неговите измени и дополнувања (Сл. весник на РМ, бр. 41/2014 и 115/2014) овозможија развој на стварноправниот систем во Република Македонија, за кој можат да ни завидат останатите земји на Балканот. Секако дека нормираноста на инфраструктурниот катастар, како составен дел на катастарот на недвижности, овозможи развој на инфраструктурната мрежа, која е значајна за економскиот развој на Република Македонија.

Кои се Вашите согледувања, дали вклучувањето на професионални корисници во е-шалтерот на Агенцијата за катастар на недвижности ги забрза постапките во кои се користат документи и податоци од оваа Агенција?

Вклучувањето на професионалните корисници во е-катастарот, особено на нотаријатот, овозможи изостанување на долгите редици пред Агенцијата за катастар на недвижности и пред нејзините подрачни единици. На овој начин докажувањето на правото на сопственост преку вадење имотен лист од страна на нотарот доведе до брзо и ефикасно докажување на правото на сопственост како темелно право на системот на сопственост на секоја земја. Ова се однесува и на извршителите како професионални корисници кои во постапката на извршување имаат доказ за правото на сопственост на недвижноста што е предмет на извршување. Од особено значење е да се нагласи и прибележувањето на одобрението на градење, коешто надлежните органи (единците на локалната самоуправа и Министерството за транспорт и врски) се должни да го доставуваат по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности (како и на останатата градежно-техничка документација) со цел да се изврши предбележување на идната сопственост, со што се овозможува да не дојде до носење на повеќе одобренија за градење на една иста градежна парцела. Во овој контекст, не треба да се превидат и геодетските фирми кои во изработката на елаборатите се поврзани со Агенцијата за катастар на недвижности, со што се олеснува подготовката во стекнувањето на градежно-техничката документација.

Како го оценувате фактот што со интервенција во повеќе законски прописи, покрај во Законот за катастар на недвижности, се предвидува законска обврска одредени целни групи да се поврзат електронски со Агенцијата за катастар на недвижности и да ги користат услугите на е-шалтер? Цените ли дека е доволен рокот од 3 месеци за исполнување на оваа обврска?

Станува збор за 30 законски прописи, односно за 29 и Законот за катастар на недвижности, 19 законски прописи се веќе донесени и се следните: 1. Законот за експропријација; 2. Законот за денационализација; 3. Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште; 4. Законот за даночна постапка; 5. Законот за земјоделско земјиште; 5. Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост; 6. Законот за семејството; 7. Законот за управување со конфискуван имот; 9. Законот за вештачење; 10. Законот за процена; 11. Законот за државното правобранителство; 12. Законот за бесплатна правна помош; 13. Законот за управување со кризи; 14. Законот за стечај; 15. Законот за концесии и јавно приватно партнерство; 16. Законот за заштита на културното наследство; 17. Законот за социјална заштита; 18.Законот за централен регистар и 19. Законот за катастар на недвижности, односно со Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности, кој Собранието на Р. Македонија го донесе на 8 јули 2015 година.

Преостанува да се направат измени уште на 11 закони кои се наоѓаат во владина процедура. Тоа се: 1. Законот за нотаријат; 2. Законот за извршување; 3. Законот за обезбедување на побарувањата; 4. Законот за судови; 5. Законот за адвокатура; 6. Законот за управни спорови; 7. Законот за заклучување на стечајни постапки; 8. Законот за минерални суровини; 9. Законот за надворешни работи; 10. Законот за медицински помагала и 11. Законот за градежно земјиште.

Сметам дека рокот од 3 месеци за исполнување на оваа обврска е доволен затоа што електронскиот систем е веќе направен, а потребно е само технички да се доуреди тоа, односно да се склучат договорите за прием на исправите за запишување/извршување на промени.

Кои субјекти имаат законска обврска електронски да се поврзат со Агенцијата за катастар на недвижности?

Во согласност со членот 5 на Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности, станува збор за следните субјекти: судовите, министерствата, Јавното обвинителство, Државното правобранителство, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, нотарите, извршителите, трговците-поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи и сите други субјекти со пренесени јавни овластувања во постапките што ги водат во согласност со закон се должни по електронски пат да ги прибавуваат податоците од ГКИС под услови и начин пропишани со закон.

Дали очекувате дека со оваа обврска ќе се подобри работата на проценителите, вештаците, стечајните управители, министерства, органите на државната управа и постои ли потреба тие да бидат посебно обучени за користењето на е-шалтерот на Агенцијата?

Секако дека ќе се подобри работата на овие субјекти, но притоа не треба да се превиди дека е потребна и нивна обука, и тоа на сите пропишани во измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности. Во овој поглед, соработката на АКН особено со проценителите и вештаците треба да биде заемна, сè со цел да се изработи добра база на податоци концентрирана во АКН.

Најновите измени на Законот за катастар на недвижности, меѓудругото, предвидуваат судовите да се поврзат електронски со Агенцијата за катастар на недвижности и без надоместок да добиваат податоци. Дали овој чекор ќе резултира со забрзување на судските постапки?

Донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности треба да резултира со забрзување на судските постапки со овозможувањето на директен контакт со е-шалтерот. На крајот сакам да подвлечам дека за добра имплементација на овие измени и дополнувања, секој судија ќе треба да биде технички поврзан со е-шалтерот за да може да ги користи податоците непречено. Измените и дополнувањата имаат особено значење во уредувањето на надлежноста за прибележување на привремените мерки донесени во кривичните постапки, и тоа без надоместок, со што ќе се овозможи правна сигурност во водењето на кривичните постапки.

Што велат компаративните искуства, дали начинот на функционирањето на нашата Агенцијата за катастар на недвижности е познат во други земји?

Компаративните искуства покажуваат дека електронскиот шалтер особено функционира во Холандија каде што постои т.н. „отворен катастар“ преку кој се врши проследување на исправите за правен основ преку нотаријатот.


Објавено: 17.07.2015 

akademik@akademik.mk