/ Прочитано:

1.358

ЗНМ, Владата и европскиот експерт Ванхауте разговараа за реформите во медиумите

На денешната средба беше поздравена иницијативата на премиерот Заев и на Владата медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата. ЗНМ бара посебно да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од страна на државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се потенцирани досегашни бројни примери.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со европскиот експерт Питер Ванхауте кој по покана на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е во Скопје, со цел да помогне во медиумскиот реформски процес. На средбата, на која присуствуваа и претставници на ЗНМ, претседателот Насер Селмани и извршниот директор Драган Секуловски, беше изразена заедничка согласност дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество, во какво што актуелната Влада е определена понатаму да ја гради Република Македонија.

Поради тоа, од страна на експертот Ванхауте и од страна на претставниците на ЗНМ, поздравена е иницијативата на премиерот Заев и на Владата медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата.

„Работиме и ќе работиме активно со претставниците на медиумската заедница во Македонија, со цел да поставиме долгорочно издржани, системски решенија во медиумската сфера, според најдобрите европски практики. Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Наша цел е да обезбедиме МРТВ да биде кредибилен јавен сервис, да има професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и да постојат услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми, бидејки интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани“, рече премиерот Заев.

Европскиот експерт Ванхауте оцени дека премиерот Заев и новата Влада со реформската определеност отвораат перспективи за квалитетен живот на граѓаните и европска иднина на државата и додаде дека е важно разбирањето на Владата за важната улога на медиумите во демократските промени, што очекува да го види и ЕУ. Тој посочи дека Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигураат слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите. 

Претставниците на ЗНМ, Селмани и Секуловски, ги соопштија ставовите на ЗНМ и на пошироката медиумска јавност со која се во контакт, околу конкретни прашања поврзани со предвидените реформи во медиумите. ЗНМ бара посебно да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од страна на државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се потенцирани досегашни бројни примери.

Премиерот Заев и министерот Поповски најавија интензивна соработка со ЗНМ и со претставниците на медиумската заедница во Македонија, за сите суштински прашања од интерес за новинарите и медиумите во Република Македонија.