/ Прочитано:

3.242

Зоран Дранговски избран за нов претседател на Македонското здружение на млади правници

На вчерашното Годишно собрание на Македонското здружение на млади правници, членовите на Здружението избраа нов претседател и нов Управен одбор на Здружението.

akademik foto 1

Ирена Здравкова, Софија Бојковска, Зоран Дранговски, Бисера Митиќ и Маја Атанасова

На местото на Мартина Смилевска-Кчева, досегашен претседател на МЗМП, чиј мандат заврши заклучно со овој настан, младите правници го избраа Зоран Дранговски, кој ги помина последниве шест години во МЗМП. Младите правници избраа и нови членови на Управниот одбор на МЗМП, а тоа се правничките Софија Бојковска, Ирена Здравкова, Бисера Митиќ и Маја Атанасова, кои доаѓаат на местата на досегашните членови на одборот Катерина Митреска, Лазар Сандев, Љупка Новеска Андонова и Бојан Ѓуровски.

 „Целта на Собранието, иако можеби најмногу e да се собереме, меѓу другото е и да видиме дали сакаме да учествуваме во правен систем оптоварен од раните на транзицијата, или пак да учествуваме во градењето на правен систем за кој сите имаме надеж – надежта на младиот правник што се запишува во прва година, надежта и наивниот идеализам што сме го имале сите ние во првите години сè додека не сме се соочиле со шалтер или со судница; надежта на чесен и квалификуван судија кој секојдневно се бори да не биде ставен во иста група со другите судии; надежта на еден млад правник кој верува дека во Македонија има место и за него…”, истакна во своето обраќање пред колегите и членовите на МЗМП, Зоран Дранговски.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) е невладина, непрофитна и непартиска професионална организација на правници, основана во декември 2003 година со цел зајакнување на придонесот на младите правници во унапредувањето на правничката професија и остварувањето на принципот на владеење на правото.

akademik foto 1

Првично формирана како мост кој треба да го олесни и да го забрза професионалниот развој на младите правници од дипломирањето на правен факултет, па сè до успешното започнување во некоја од правничките професии, во текот на своето работење МЗМП прерасна во организација која активно ги штити човековите права и владеењето на правото со искористување на капацитетите на младите правници.

akademik foto 1

Мисијата на  Македонското здружение на млади правници е обединување на младите правници, нивна континуирана едукација и насочување со цел да се подигне квалитетот и професионалноста во правната заедница и да се зајакне принципот на владеење на правото.

М.В / veljanoskim@akademik.mk