/Прочитано:

283

20 ГОДИНИ НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ НА РМ – тематска анализа на Славица Димитриeвска, државен советник на Народниот правобранител

„Оваа година се одбележуваат 20 години постоење и функционирање на институцијата Народен правобранител на Република Македонија, во чиј мандат и надлежност влегува заштитата на уставните и законски права на граѓаните на Република Македонија. Историски гледано, институцијата Омбудсман по форма и концепт постои околу два века, а своите почетоци ги бележи во Кралството Шведска каде што за првпат била востановена во 1809 година“, се вели во тематската анализа објавена од Институтот за човекови права, чиј автор е Славица Димитриeвска, државен советник на Народниот правобранител.

Во секое општество каде што постои институција од ваков вид, таа претставува механизам кој суштински придонесува кон функционирањето на принципот на владеење на правото и претставува фактор кој ги илустрира демократските процеси на една земја.

Кај нас Народниот правобранител започна со работа во 1998, откако во 1991 година институцијата беше најпрво уредена со Устав, а со Закон за народниот правобранител шест години подоцна, односно во 1997 година. Народниот правобранител е контролен механизам кој интервенира преку предлози, сугестии, показатели, забелешки и препораки.

Иако соочен со постојаниот предизвик за докажување на стекнатата доверба кај граѓаните, Народниот правобранител и понатаму тежнее да ја оправда својата улога во општеството и да ги убеди органите и телата на извршната власт дека претставува коректор на нивното работење со цел унапредување на правата и слободите на сите граѓани. Со своето работење и постојан развој, институцијата придонесува кон европскиот пат на државата и е еден од клучните показатели за развојот на демократските процеси во земјата и нејзиниот напредокот кон ЕУ.

Во изминатите дваесет години постоење, институцијата бележи измени и дополнување на својот мандат и надлежности во повеќе наврати, па така во 2003 година беше донесен нов Закон за народниот правобранител, со кој се предвиде децентрализација на институцијата, формирање на подрачните канцеларии и проширување на надлежностите на Народниот правобранител за преземање дејствија за заштита на начелото за недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната управа.

Со ратификацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, Народниот правобранител беше номиниран да ја преземе улогата на Национален превентивен механизам (НПМ), поради што во 2009 година се усвоија новите измени на Законот за народниот правобранител.

Заради квалитетно извршување на својата функцијата, а во согласност со современите текови како и потреби на граѓаните, Народниот правобранител во континуитет ги унапредува стандардите за непречено работење и создавање соодветни претпоставки од нормативен, материјален и персонален аспект. Имено, секое општество, вклучително и македонското, треба да се стреми кон целосно инкорпорирање и усогласување со меѓународните обврски и стандарди за човековите права, како и за статусот на лицата кои работат на полето на нивна промоција, превенција и заштита.

Па така, во септември и октомври 2016 година се донесоа измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител кои се во насока на зајакнување и проширување на надлежноста, функционирањето и независноста на институцијата.

Ваквите измени се во согласност со препораките издадени од страна на Поткомитетот за акредитација на Меѓународниот координативен комитет на Национални институции за човекови права, кој во 2011 година ѝ додели статус Б на институцијата Народен правобранител. Тогашните забелешки, односно препораки, се однесуваа на мандатот, назначувањето, составот и плурализмот, како и на начинот на финансирање на институцијата. Овие препораки го охрабрија Народниот правобранител да се заложи за поширок мандат, кој во себе ќе ги содржи сите права утврдени со меѓународните, регионалните и домашните инструменти.

Усвоените измени придонесуваат и кон делумно усогласување на Законот за народниот правобранител со Париските принципи, со препораките на Групата искусни експерти за системските прашања за владеење на правото во Република Македонија, како и со Итните реформски приоритети на Европската комисија за Република Македонија.

Ваквите измени го прошируваат мандатот на Народниот правобранител воведувајќи ја промоцијата на човековите права, односно следењето на состојбите со почитување на човековите права и потребата од нивна заштита преку спроведување на разни истражувања, едукативни активности, информации до јавноста, соработка со граѓанскиот сектор, придонесувајќи кон подигање на свеста кај сите субјекти за потребата од почитување на законот и владеење на правото. Ваквата атмосфера придонесува кон унапредување на довербата меѓу заедниците во земјата и подобро функционирање на институциите во неа.

Народниот правобранител врши превенција и обезбедува посебна заштита на правата на децата и лицата со попреченост, превенција и заштита од тортура и друг вид сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување во места на лишување од слобода, како и превенција и заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правина застапеност на заедниците.

Измените воведоа и една сосем нова алатка т.н. ‘пријател на судот’ (amicus curiae) каде што на Народниот правобранител му се даваат овластувања одблизу да го следи работењето на третата власт и да учествува во сите фази од постапката со право да биде информиран за закажаните судски рочишта, да му биде овозможен увид во списи и активно да учествува во постапката со право да дава предлози и мислења.

Дополнителен предизвик на Народниот правобранител е и улогата да превенира од состојби што можат да ги ограничуваат граѓаните во остварувањето на своите права, да ја следи правната регулатива од аспект на човекови права и да придонесува со мислења, предлози, иницијативи.

Измените предвидоа и проширување на толкувањето на поимот „плурализам“ особено при изборот на заменици на народниот правобранител, обезбедувајќи на тој начин потранспарентна постапка. Сите овие измени придонесуваат кон создавање претпоставки од нормативен карактер за добивање статус А на Национална институција за човекови права.

Покрај наведеното, на Народниот правобранител со последните измени му се доделуваат уште две дополнителни надлежности, односно надзор над законитоста на преземените активности при справување на мерките за следење на комуникациите од аспект на заштита на човековите слободи и права, и надворешен механизам за контрола на работата на полицијата и припадниците на затворската полиција.

Овие две надлежности предвидуваат учество и на претставници на невладини организации (здруженија на граѓани), со што ќе се овозможи зајакнување на заштитата на човековите права во согласност со стандардите на Советот на Европа и на другите меѓународни тела.

Во насока на зајакнување на независната улога на Народниот правобранител и неговото влијание врз општествените промени, за првпат се воведе обврска Собранието на Република Македонија, по разгледување на Годишниот извештај на Народниот правобранител, да утврди мерки за спроведување на општите препораки содржани во него, а Владата потоа на секои шест месеци да го информира Собранието за динамиката на спроведување на утврдените мерки во однос на препораките на Народниот правобранител.

Колкави ќе бидат ефектите и резултатите од горенаведените законски измени, дополнувања и нови надлежности ќе може да се види и да се оцени во периодот што следува, односно откако тие ќе бидат реализирани и откако од нив ќе се добијат првичните резултати, секако сето тоа ќе биде возможно доколку најнапред се обезбедат потребните предуслови за нивно непречено спроведување и функционирање, односно обезбедување соодветни ресурси, човечки и финансиски со цел зајакнување на постојните капацитети на институцијата Народен правобранител.

Оваа тематскa анализа за влијанието на законската рамка и јавните политики врз почитувањето на човековите права и слободи е објавена во рамките на Институционалниот грант на Институтот за човекови права, кој е поддржан од програмата на Цивика мобилитас. Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.