/ Прочитано:

3.392

500 години Мартин Лутер и протестантската реформација и нивното влијание врз современата држава и правото

На Правниот факултет „Јустинијан Први“, ЕЛСА – Република Македонија одржа колоквиум на тема „500 години Мартин Лутер и протестантската реформација – влијание врз современата држава и правото во Европа.“  Настанот беше организиран во соработка со Катедрата по воведни и теоретски правни науки при „Јустинијан Први“ и професорката Каролина Ристова-Астеруд. На колоквиумот беа презентирани најдобрите есеи подготвени од студентите од трета година, во рамките на предметот Филозофија на право.

Воведно обраќање на настанот имаше претседателката на ЕЛСА – Република Македонија, Ангела Јанкоска, која го истакна значењето на темата од аспект на едукацијата на правниците, за чие оформување неминовно е познавањето и на филозофијата на правото.

Нагласувајќи го импозантниот опус на делото на Мартин Лутер од филозофски аспект, во своето воведно излагање професорката Астеруд посочи дека студентите подготвиле извонредни есеи посветени на прашањето за  Мартин Лутер и протестантската реформација и нивното влијание врз современата држава и правото во Европа.

Во врска со животот и делото на Мартин Лутер и неговото влијание врз протестантската реформација, како и за влијанието на реформацијата врз современата држава и правото говореа студентките Анамарија Ѓоргова, Мартина Грнчаревска, Оливера Ѓоргиева , Моника Здравкова и Анастасија Великоска.

Реформацијата, посочуваат студентките во своите истражувања, била движечка  развојна сила за промени кои по бурниот период на верски случувања и војувања еволуирале во општество на заедничко почитување, слобода и толеранција.

Слободата на мислата и изборот на црква и теологија брзо се пренеле како начела на целокупната општествена заедница во западната цивилизација. Неоспорно е дека таа го променила текот на историјата во западниот свет.  Ефектот на реформацијата бил да ги воздигне луѓето до жед за слобода и за повисоко и почисто граѓанство. Секаде каде што се ширел протестантскиот идеал ги правел масите посвесни за своите права. Многу научници веруваат дека западната цивилизација, каква што ја знаеме денес, би била невозможна без реформацијата.

Мартин Лутер е германски професор по теологија, свештеник, значајна фигура во протестантската реформација. Роден е 10.11.1483 Ајслебен, Германија, тогашен дел од Римската Империја. Се истакнал во јавните дебати на факултетот, поради што го стекнал прекарот „Филозофот“. Основач на христијанската Протестантска црква во Германија.

Дипломирал теологија во 1509 година. По завршување на докторските студии станал професор по теологија на Универзитетот Витенбург. Додека ги подготвувал предавањата и во текот на предавањата го постигнал духовното просветлување по кое трагал, имено, успеал да сфати дека клучот во духовниот спас не се криел во стравот од Господ или да се биде заробен од религиозна догма, туку дека праведноста на Бога е всушност неговата дарба за живот на праведните луѓе коишто веруваат во него. Овој период е најзначаен и ја поттикнува реформацијата.

Лутер го подигнал односот човек – Бог на ново ниво. Човекот сега можел директно да му се обрати на својот Создавач и за тоа не му биле потребни црквата, свештениците и светците како посредници, односно тој сметал дека помеѓу човекот и Бог нема светец, институција,  туку дека човекот е сам пред Бога.  На тој начин човекот бил ослободен од какви било одлуки што му ги наметнувала црквата.

Со таквото учење е урната позицијата на моќ што ја имала црковната хиерархија. Со тоа, според Лутер, погрешно е и толкувањето дека папата е авторитет кој стои над Библијата.  Свештениците, велел Лутер, треба да се молат, а не да владеат.

Мартин Лутер, беше истакнато на настанот, имал изострен ум, извонредно помнење, мајсторска вештина со зборови и плодоносна работна етика. Исто така, со нетрпение, со презир и жестоко реагирал на она што го сметал за лицемерство. Кога бил на смртната постела во Ајслебан, во февруари 1546, пријателите го прашале дали останал цврст во поглед на верувањата за кои ги поучувал другите, а тој одговорил: „Да.“

„Мартин Лутер  од темел ги променил христијанскиот свет и патот на европската цивилизација. Ризикувајќи ги својот живот, академската репутација и соочувајќи се со осуда поради своите уверувања ѝ се спротивставил на семоќната Католичка црква, по што западниот свет никогаш веќе не бил ист. Протестантската реформација ги променила верувањата на општеството во време кога Католичката црква доминирала во секоја дискусија и во секое јавно мислење. Посочил на сето она што не е во ред во извршувањето на верата и вероисповедта. Со преводот на Библијата оставил белег во развојот на германскиот јазик и ја приближил религијата до народот. Неговиот чин имал влијание на она што низ историјата, низ вековите се развила верска толеранција меѓу католицизмот и протестантизмот. Реформацијата не се интерпретира исклучиво како религиски феномен затоа што со акцент на совеста и слободата на поединецот ги поставила рамките за развој  на универзалните права, па нејзината сила за култура и општество, за индивидуален развој и политички права е неизбежна“, посочуваат студентките во своите есеи.

Најпознатата протестантка денес, беше резимирано на настанот, е германската канцеларка Ангела Меркел, која во врска со оваа тема ја истакнала улогата на Лутер како  двигател на незапирливото  движење кое Европа и светот ги променил на подобро со тоа што ги насочил  во правец на слободата. Според Меркел, Лутеровото сфаќање на човекот е дека секој човек по милоста божја се оправдува и поседува достоинство што е темел на кој се гради секој слободен демократски поредок.

М.В