/ Прочитано:

2.455

Судовите: чувари на јавниот интерес или на поединечни интереси

Имајќи ја предвид улогата на судовите во заштитата на поединечните, но и колективни права, јасно може да се заклучи дека токму тие се институција во која всушност се бара решение како да се постигне бараната рамнотежа помеѓу заедницата наспроти поединецот односно колективните наспроти индивидуалните слободи и права, се вели во публикацијата „Судовите: чувари на јавниот интерес или на поединечни интереси“ од авторите проф. д-р Дивна Илиќ-Димоски и м-р Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат.

pravosutstvo2Како резултат на направеното истражување на дејноста на судовите во Република Македонија и ЕУ, анализата на случаите од судската пракса на македонските судови и ЕСЧП, како и анализата на повеќе домашни и меѓународни документи од областа,  авторите ги  изнесуваат следните заклучни согледувања и препораки за тоа како судовите најдобро можат да го заштитат јавниот интерес во Македонија:

„1. Забележително е неконзистентно постапување на судиите во предметите во кои судат за клевета и навреда, особено кога станува збор за високи фунционери на власта. Притисокот кој го имаат судиите е видлив не само по однос на исходот на спорот туку и по досудените високи износи за надомест на нематеријална штета.

2. Судиите во потполност го занемаруваат значењето на клеветата и навредата како институти за заштита на честа и угледот, посебно на функционерите. Ова од причина што, во досегашната пракса во најголем број на предмети тужениот не е задолжен јавно да се извини за сторената клевета или навреда, со што се поставува прашањето за смислата на целиот овој систем.

3. Најголемиот дел од постапките за навреда и клевета се водат против новинари, што укажува на тенденција на вршење на притисок врз начинот на кој новинарите ги третираат државните функционери во случаите кога истражуваат теми кои се од јавен интерес, а со кои може да се доведат во прашање честа и угледот.

4. Во однос на досудените надоместоци за нематеријална штета, кои што се покажуваат како исклучително високи, се поставува прашањето за нивната целисходност од аспект на заштитата на честа и угледот, во смисла на тоа дали тие се надомест за претрпена штета или пак, казна, која се користи како алатка за дисцплинирање.

5. Од презентираните предмети видно постои ексесивен формализам од страна на органите на извршната власт, во примената на законските одредби кои што го регулираат јавниот интерес. Во ниту еден од анализираните предмети не е објаснето што значи јавен интерес во конкретниот случај.

6. Не постои доволно познавање од страна на судиите за принципите на меѓународното право кои што го уредуваат сегментот на јавниот интерес. Ова е видливо од презентираните пресуди, каде во мал дел е само површно навлезено во оцена на тоа што е јавен интерес во конкретниот случај.

7. Покрај обидот за директна примена на праксата на Европскиот суд за човекови права преку законските задолженија се уште постои импровизација во примена на истата. Со цел да се надмине овој проблем неопходно е Врховниот суд да има активна улога во креирањето на судската пракса, а кое ќе биде во согласност со праксата на Европскиот суд. Важно е да се искористат веќе дефинираните критериуми односно принципи согласно кои ЕСЧП постапува кога одлучува во ваквите предмети.

8. Потребно е да се зајакне и да се интензивира обуката за примена на стандардите на ЕСЧП, која што ќе може подоцна да се преслика на други правни прашања во врска со јавниот интерес“.

>> Издавач на Публикацијата е Институтот за комуникациски студии (ИКС) основан од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.